„Распадот на Северна Македонија“

„Северна Македонија ќе се распадне и пропадне ако не се промени Уставот“! Ова е флоскулата што служителите од департментот за „вистински лажни вести“ на црвената буржоазија, комуњарите и северџанското граџанство минатата недела повторно ја отворија и, како што стојат работите, веќе се очајни во потребата од мантрање и врескање на сет глас, насекаде и на секое место: „Северна Македонија ќе пропадне“! Најпосле!?
Ако навистина доживеам да ја видам пропаста на Северна Македонија, тогаш вредело сѐ што сме правеле досега за Македонија, а против Северна Македонија! Драги мои северџани, ама навистина ве поддржувам во сѐ што вие велите дека го правите или други го прават а е директно или индиректно поврзано со распадот на Северна Македонија. Бидејќи носители на овие апокалиптични апостолски посланија навистина се месиите на комуњаризмот и неговото утврдување како единствена северџанска религија, каде што највисоко од сѐ стои верувањето во врховниот бог ЕУНАТО, а тие луѓенца што во тој свет се патријарси што ги знаат и најголемите тајни на северџанското просветлување, ги молам да ми кажат на кое место, кој ден и во колку часот ќе се случи пропаста на Северна Македонија?! Драги мои, па навистина би било штета овој епохален настан да остане несподелен со светот, со сегашните и идните генерации северџани, кои, да бидам искрен, заслужуваат да го имаат во архива во форма на документарен филм денот кога се родила нивната нација. А од друга страна, пак, чувствувам обврска и кон моите внуци да им оставам подвижни слики во форма на „смрзнато време“, како што за уметноста на филмот беседи Андреј Тарковски (оти, нели, северното е смрзливо?), и со тоа да им го пренесам моментот кога нивната татковина Македонија се ослободила од окупацијата од страна на Северна Македонија и повторно се стекнала со слобода!

Ден за паметење, нема што! Ден кој, да бидам искрен, со нетрпение го чекаат многу генерации Македонци што се најдоа во ропство на северџанскиот џган, кој безмилосно владее со кутрите нив и кутрата нивна татковина Македонија. „Северна Македонија ќе пропадне“! И, сега, кога ќе размислам подобро, ова навистина има потенцијал не само за документарен филм туку, убеден сум дека со малку подобра организација и секако пропаганда, денот на пропаста на Северна Македонија може да се претвори во планетарен медиумски настан од кој, најпосле, и ние Македонците може да имаме некакво фајде: ќе печалиме некој денар од толку ветените долари и евра наменети за северната будалија. Идејата ми е генијална, драги мои, да организираме директен пренос на пропаста на Северна Македонија, а?! Неверојатно, веќе ги гледам насловите во светските медиуми: „За првпат во историјата на човештвото ќе бидете сведоци на распадот на една држава“. „Дојдете да го видите пропаѓањето на најголемата глупост на дваесет и првиот век, на државата што никој не ја сакаше“. Или, „бидете дел од пропаста на една утопија“.
Мораме сепак да се согласиме дека драгиот ни другар по драма и стих Вилијам Шекспир бил во право кога на меланхоличниот дански принц во уста му ги ставил оние стихови во кои, дури и Хамлет, замислете, се согласува дека животот има и свои моменти, како што во секој цвет има и трн, и обратно. И еве, најпосле, според северџанските медиумски апостоли и патрици, и ние Македонците сме пред крајот на својата историска трагедија, па најпосле ќе си дочекаме по толку трње да го видиме и помирисаме и својот прекрасен цвет – распадот на Северна Македонија! И веднаш ми надоаѓаат идеи дека пропаста на Северна Македонија може да се претвори во еден мултимедијален настан, па освен документарен филм и телевизиски пренос, што сепак, мора да бидам искрен, се формати и содржини за толпата, на масата, за обичниот плебс, а театарот како уметност на елитата заслужува да биде местото каде што најбогатите луѓе од светот ќе може да си купат билети во партерот и свечените ложи. Ќе го наполниме, до дупка, барокниот „Република Северна Македонија – Македонски народен театар“ како што по Преспанскиот договор е официјалниот назив на националната драма на северџанското европско граџанство што покрај брегот на реката Вардар им го изгради „вољениот им друг“ Грујо.

Веќе ги гледам во првиот ред седнати најбогатите северџански граџани, зад нив со билети од по педесет илјади долари седат творците на државата Северна Македонија, а во ложите, во скапи тоалети, е светската братија од хохштаплерај која си игра дрндупка со таканаречените сереџански политичари. А во круг, на втор и трет план, од Кораб и Солунска Глава на север, Галичица на запад, Пирин на исток и Олимп на југ, сосема обичниот народ од Балканот и светот, семејно, со дечињата за рака, опремени како за пикник, испоседнати, со телефоните во рацете уживаат во единствениот момент во нивниот и животот на нивните сакани деца – сведочењето на пропаста на Северна Македонија!
Генијално, па каква пропаст ќе биде тоа?! Незаборавна! Се надевам само дека сценаристите на таа пропаст, сега за сега јавени како „другарите Ризаов и Јовановски“, навистина имаат смислено епски крај на таа кобна пропаст? Нешто мора да има холивудско, бре дружиња, (нели ве учеле по американски школии за лаги и магии?!) па во еден момент кога Стево Пендаровски и Таче Ковачевски качени на бел коњ го одјавуваат постоењето на нивната сакана и никогаш непрежалена татковина Северна Македонија, тргнуваат кон зајдисонцето каде што на мотори ги чекаат другарите Филипче и Заев, и сите заминуваат во …, кај и да се наоѓа тоа место. И точно во тој момент, земјата се тресе уште посилно, сите се уплашени, воздивнуваат туткајќи се еден во друг, некои се држат за раце, оние со послаби нерви викаат, некои затвораат очи, и во кулминацијата кога се одделуваат плочите на Северна Македонија од Македонија, во таа бездна од која бликаат лави и огнови што ги распалува вечниот Хефајст, гол, од мајка роден, со една исушена рака, од непребол кон своето животно дело, е токму пред тој пекол другарот господин Никола Димитров извикува „Срамота е, луѓе!“ и се фрла во адот како единствената жртва на олтарот од „татко вината“ му, Северна Македонија! И грмнуваат аплаузи, сѐ се смирува, земјата е кротка и мирна, завесата зад Северна Македонија се спушта и одеднаш над Македонија осамнува ново сонце на слободата! Крај. Тхе енд. Фине. Конец. Детс ол фолкс, за тие што навистина сакаат нештата и во животот да им бидат како во американски филм! Ова е секако пародија. Но еве ја драмата.

Другари, господо северџани, навистина сте смешни, а богами по малку и тажни, ко што им прилега на кловнови впрочем, кога обесен плашите со јаже! Ама, вие навистина ли мислите дека има еден нормален Македонец, а очигледно е дека апокалиптчините посланија ви се упатени кон Македонците, што ќе се уплаши од тоа што се заканувате со пропаста на Северна Македонија?! Сте ја промашиле пропагандата! Ај размислете? М? Јас ли треба да ве учам, да му се сневиди? По децениска кариера по разни весници, телевизии и интернети, и стотици и стотици милиони долари и евра фукнати од Америка и Европа во вас и вашата пропаганда, вие, бардовите на северџанското новинарство, не можевте да смислите што и да е страшно, па сето тоа го сведовте на флоскулата: „Северна Македонија ќе пропадне“?!
Па, нека пропадне, бре, нека ја снема, дим да не остане од неа!
Драги Македонци, ич да не ви е гајле, ич да не ви чујат „оние работи“ за овие патолошки егзибиции на самозамислени месии и патрици, кои, според нив, во малиот џеб го имаа создавањето, а сега и пропаста на нивната ѓоадржава Северна Македонија!? Кој ги прашува нив, бриче ли се владика? Тие се тука само подизведувачи на работите во студиото за сеење стравови, ветришта и магли! Мора да ги разочарам, тие двајца сега за сега веројатно се единствените на кои ЕУ и НАТО „НЕ ИМ КАЖАЛЕ“ дека Северна Македонија е веќе пропадната држава! Еве, и другарот Фукојама Френсис може да им раскаже, со свои зборови, ако досега не разбирале за што точно станува збор. Но, ако тие, сепак, имаат план, тоа да се случи и физички, со вистинска пропаст, со вистинско пропаѓање на Северна Македонија, е тогаш, драги мои, бидете си раат. Тие и таквите како нив сигурно ќе бидат на онаа страна што ќе пропадне и ќе ја снема како никогаш и да не била. А ние, од тој момент, ослободени од комуњарскиот и северџанскиот џган, најпосле ќе почнеме нов живот во една нова, слободна и без нив, речиси, Совршена Македонија.
На здравје пропаст. Нека е аирлија.

Авторот е режисер и универзитетски професор

Јани Бојаџи