Градежните активности, географската локација, двојно поголемиот број автомобили во однос на капацитетот – сето ова се клучните проблеми на главниот град на БиХ. Ништо чудно што често читаме дека „Сараево е најзагаден град во светот“
Сараево се соочува со посебен проблем во периодот од ноември до март – тоа е екот на грејната сезона во која исклучително многу се користат цврсти горива. Јаглеродната неутралност е од суштинско значење за опстанокот на планетата Земја, а граѓаните на Сараево се задушуваат од пет до шест месеци во годината поради загадениот воздух.
– Се разбира, луѓето горат сè и сешто за да преживеат во овие тешки времиња, и тоа е донекаде и разбирливо, но сепак е неопходно повисоките инстанци на власта да се вклучат повеќе за да понудат некое решение што би овозможило алтернативни ресурси за греење, со што би се намалило загадувањето на воздухот во зимските месеци – објаснува магистерот по применета метеорологија и климатологија Недим Сладиќ за „Рес публика“.
Географската положба и урбаните градежни активности
Нешто што придонесува за загадувањето на воздухот е и географската локација на Сараево, кое се наоѓа во Сараевскиот басен, кој се протега од исток кон запад и завршува во Сараевското Поле. Просечната надморска височина е 500 метри, а врвовите на околните планини се повисоки од 2.000 метри надморска височина.
Честопати, главниот град на Босна и Херцеговина котира високо на скалата на загаденоста на воздухот, и тоа е случај дури и во летните месеци, но таа не може да се забележи во тој период. Сепак, ова не значи дека загадувањето не им создава здравствени проблеми на граѓаните. Освен географската локација, урбаните градежни активности се еден од главните „загадувачи“ на воздухот во Сараево. На крајот на мај жителите на населбата Маријин Двор во општината Центар организираа протести преку кои го искажаа своето незадоволство од планот за регулација и планираната изградба на нови висококатници.
Тие се обратија до актуелниот градоначалник на општината и бараат повеќе зеленило, игралишта, културно-рекреативни објекти, а не повеќе бетон – нешто што, велат, било ветено од градоначалникот во предизборната кампања пред четири години.
Недим Сладиќ констатира дека статистиката од истражувачките студии за воздушните коридори, заедно со високите згради, кои ги блокираат постојните воздушни коридори, влијаат на многу високите нивоа на загаденост на воздухот на подрачјето на главниот град на Босна и Херцеговина, а како дополнителен проблем тој го посочува недостигот од ширина поради географската локација – главниот град на Босна и Херцеговина е „сплескан“ во басенот и тоа го прави подложен на загадување на воздухот.
Пренатрупан сообраќај
Кога станува збор за сообраќајот, Сладиќ укажува дека, според студиите, инфраструктурниот капацитет на главниот град е од 70 до 80 илјади автомобили, а во Сараево моментално има над 140 илјади автомобили, што е двојно повеќе од предвидениот капацитет. Со поддршка на Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, постигнат е значителен напредок во јавниот градски превоз, со цел да се намали употребата на сопствени возила и со тоа да се придонесе кон намалување на загадувањето.
По направената реконструкција на трамвајската линија беа купени нови трамваи и тролејбуси, а почна изградбата и на нова пруга во оние делови на Сараево што досега немаа таква пруга. Споделувањето автомобили (car sharing – краткорочно изнајмување автомобили во урбаните средини) е нешто што од неодамна стана достапно и во Сараево, сè со цел да се придонесе за поздрава животна средина.
Се очекува дека ваквите проекти ќе ја намалат емисијата на јаглерод диоксид за 80.000 тони, бидејќи возилата од јавниот превоз се на електричен погон и не испуштаат штетни гасови. Со оглед на фактот дека најголемиот дел од електричната енергија во БиХ, која е потребна и за полнење на акумулаторите на електричните автомобили и на средствата за јавен превоз, е произведена од термоцентрали што користат јаглен, намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид би можело да биде уште поголемо доколку БиХ го спроведе процесот на декарбонизација во целосната негова смисла, а производството на електрична енергија го пренасочи кон одржливи извори на енергија.
Зелените фасади како едно од клучните решенија
Урбанизацијата на Сараево е неизбежен процес, имајќи ги предвид потребите и природното движење на населението. Во овој контекст, важно е да се води сметка за тоа дека секоја нова зграда има и нова зелена површина. Недим Сладиќ вели дека зелените фасади се покажале мошне ефективни во многу градови од регионот – на пример, нивната примена веќе започна во Тирана.
– Благодарение на зелените фасади повторно имаме одредено количество зеленило. Во Сараево има мошне малку зелени површини – наместо тоа, сè повеќе забележуваме интензивен подем на урбанизацијата. Потребно е да водиме сметка да имаме што е можно повеќе зелени површини во градот, со оглед на тоа што тие, всушност, помагаат да се намали влијанието на таканаречениот „урбан топлински остров“.
Поради огромните површини под бетон, таквите зелени градови би биле добро решение, бидејќи внесуваат доза свежина т.е. посвеж воздух, кој секако е многу попријатен, особено во летните месеци кога жештините се големи. Се разбира, тука е и механизмот со кој функционираат тие зелени фасади, при што водата може да кружи и така се одржуваат зелените фасади, а остатокот од водата да може да се рециклира, односно да се користи повторно – објаснува Сладиќ.
Тој напоменува дека во кружниот систем на одржување на зелените фасади е многу важно да има и систем што ќе придонесе кон тоа ништо да не се фрла, бидејќи водата е важен ресурс и наша цел е таа да може повторно да се користи за други цели. Зелените фасади се едно од решенијата што би го намалиле загадувањето на воздухот, но се и многу важни во контекст на ова време на климатски промени.
– Ако зборуваме од аспект на урбани поплави, колку повеќе има зеленило, а колку помалку има бетон, толку ќе бидат и помали ризиците од поројни поплави. Секако дека, порано или подоцна, тие ќе се случуваат со поголем интензитет. Затоа е потребно колку што е можно повеќе да го намалиме ризикот и да почнеме да градиме таканаречени „градови сунѓери“, кои ќе ја апсорбираат целата таа вода – вели Сладиќ.
Градовите да бидат поподносливи за живеење и попривлечни за туристи
За градовите да станат подносливи за живеење, особено во летните месеци, неопходно е да се направат неколку плански промени. Зелените фасади би придонеле за одредена свежина. Циркуларниот тек би ги одржувал во живот овие фасади, а водата од кружниот тек треба да се користи за некои други намени.
Важно е да не се трошат ресурсите, а градовите сунѓери би имале функција на намалување на ризикот од урбани поплави, бидејќи со зголемувањето на температурата на воздухот на глобално ниво се зголемува и ризикот од поплави, имајќи предвид дека воздухот може да поднесе поголемо количество водена пареа.
Изградбата на објекти е неизбежен процес, но важно е да се внимава да имаме и зелени острови, кои би ни помогнале да го намалиме влијанието на урбаните топлински острови. Луѓето од целиот свет сè повеќе ги ценат екопроизводите, но и екоградовите.
Туризмот како стопанска гранка станува сè подостапен за голем број заљубеници во патувања до дестинации што се, всушност, зелени градови. На еден блог за патување кај европските соседи е даден пример за некои од најдобрите решенија за зелени градови низ целиот свет. Граѓаните на Сараево, но и туристите што честопати ги гледаме со медицински маски на лицата во периодот на грејната сезона, исклучително многу сакаат да има зелени фасади, кои се белите дробови на градот.
Со приклучувањето кон програмата „Нет зеро цитиес“ на Европската Унија, Сараево ја прифати целта што е поставена со оваа програма, а тоа е да биде јаглеродно неутрален град до 2030 година. Како потписник на Софиската декларација, Босна и Херцеговина се обврза да работи на постигнување на целта за јаглеродна неутралност до 2050 година. Покрај тоа, во ревидираните утврдени придонеси, таа се обврза да ги намали емисиите на стакленички гасови за 33,2 проценти до 2030 година и за речиси 66 проценти до 2050 година, од енергетски сектор и дејности со големи содржини на јаглерод, во транзиција кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод.
Едно од позитивните случувања е проектот „Инклузивна декарбонизација“, кој пред две години беше финансиран од Владата на Јапонија со неповратни средства, а имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации во Босна и Херцеговина во соработка со Министерството за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина.
Во рамките на проектот имаше 20 мали и средни компании од три дејности што имаат високи емисии на јаглерод – електрична енергија, челик и цемент, кои добија техничка и неповратна финансиска поддршка за декарбонизација на нивното работење. Поддршката опфаќа поставување фотонапонски централи, системи за греење и компресори, топлински пумпи, термоизолација на фасадата, замена на светлечки тела и други мерки за зелена технологија.
Во очекување на побрзи решенија, неопходно е да потсетиме дека следењето на глобалните планови за промени во животната средина ќе го спаси здравјето на граѓаните на главниот град на Босна и Херцеговина, како и на неговите многубројни посетители во текот на целата година.
Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“, која ја спроведуваат „Рес публика“ и ИКС