Популизам со дезинформации, манипулации и лажни надежи

Во нашата земја новата година започна во сложени економски, енергетски, ценовни и инфлаторни предизвици, интерактивно придружувани со зголемено необјективно информирање на јавноста. Продолжениот забележителен популизам со дезинформации, манипулации и лажни надежи е далеку од националниот интерес за реалност и вистина. Во медиумите и социјалните мрежи постојано се шират известување со непочитување факти, па дури и говор на омраза со дискриминација на неистомисленици, нарушување на приватноста, непочитување на презумпцијата на невиност и слично. Сѐ повеќе се чувствува потребата од подобро и точно информирање во интерес на јавноста. За подобар рејтинг, медиумите треба што повеќе да ги шират вистината, родољубивоста и патриотизмот и да дејствуваат против разделбите, антимакедонизмот и бесперспективноста во соживотот. Секако, тоа е многу тешка задача во услови на социјална криза, партиски поделби и раздори меѓу луѓето, недоволна медиумска писменост и високата корупција. За да се врати достоинството на новинарската професија, потребно е да се намалат партиските и сопственичките влијанија врз медиумите и на владиниот пиар. Оттаму, неслучајна е неодамнешната констатација на старо-новиот претседател на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, дека загрижува што речиси сите владини медиуми и директори вработуваат новинари, сниматели и фоторепортери, со што Владата се наметнува како еден од најсилните медиуми во нашата земја, што не смее да се дозволи. Тие на овој начин, како што истакна тој, им ја земаат работата на медиумските професионалци и, наместо новинарски извештаи, се сервира владина пропаганда.

Спротивно на тоа, според познати европски модели, треба значително да се стимулира истражувачкото новинарство, да се обезбедат поголема заштита на новинарската дејност, подобрување на стандардот на новинарите и рамномерно да се субвенционираат печатените, малцинските и локалните медиуми, кои во вакви кризни времиња тешко можат да опстојат. Како што е во секоја демократска европска земја, се налага и потреба за обезбедување финансиска независност и одржливост на МРТ како национален јавен сервис. Во Словенија, на пример, граѓаните со референдум се изјаснија во државната радио и телевизија повеќе да нема политички назначувања и влијанија. Таквите реформски зафати сметам дека и кај нас можат значително да придонесат да се стимулира потребниот новинарски ентузијазам во информирањето за да се обезбеди пласман на вистината како приоритет пред популистичките лажни вести. Впрочем, ширењето на лажните вести значително го урива рејтингот на новинарската професија и етика. Неопходно е да се гради заедница во која ќе се прифаќаат добронамерни јавни критики и да се почитуваат правата и достоинството на секој човек, за да може значително повеќе да се чувствува уважено и заштитено. Притоа, посебна грижа треба да се води за нашата автентична историја, за посебноста на македонскиот јазик и националниот идентитет и култура. Со ширење на вистината, исто така, се создаваат реални надежи за поголем оптимизам и моќ за прогрес, стабилност и мир, многу битни во кризни времиња.

Популизам и извесен непотизам има и во најмасовната пензионерска организација. Забележани се повеќе популистички ветувања за подобар стандард на пензионерите без соодветни резултати. Во 2019, 2020 и 2021 година, во време на пандемијата на ковид, и покрај вонредно зголемените трошоци за превентива и куратива на најранливата категорија граѓани, пензиите историски беа најниско зголемени. Најголем број, од околу тристаилјадното членство, не е задоволен и од ланските законски измени пензиите да се усогласуваат во март и септември со 50 отсто од просечно зголемени плати и со толкав процент од просечните животни трошоци. Ваков експеримент, годишно цели четири месеци да нема никакво усогласување, е непознат во ниту една земја-членка на ЕУ. Според овие таканаречени историски законски решенија, лани пензиите беа зголемени за околу 10 отсто, а официјалната инфлација изнесува над 14 проценти, односно со минус околу 5 отсто останаа во зијан сите пензионери. Тоа се очигледни факти. Па, така, првпат во историјата, просечната пензија е пониска и од минималната плата, а околу 230.000 пензионери живеат на работ на егзистенција, со помали примања од минималната плата. На тој начин најавената достоинствена старост на сите пензионери станува фикција. Затоа пензионерите со право бараат усогласувањето на пензиите да се врши во јануари и јули, а разликите да се исплатуваат во март и септември, како што беше повеќе години порано. И не само тоа. За пензионерите со ниски просечни примања многу сериозен проблем е и недостигот од пензионерски домови. И покрај гласните ветувања, сѐ уште нема изградба на нови вакви објекти. Изостана и почетокот на реализација на градба на современи регионални старско-пензионерски домови во Кочани и во Гевгелија, со користење терминални води за нивно затоплување. Неколку години по ред се одложува и најавеното и многу пожелно усвојување нова посовремена позитивна листа на лекови.

Недостигаат и подобра здравствена заштита на лицата од третата доба и неминовната субвенција на државата на разликата на цените за лекување и сместување во приватните и државните установи.
Во буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2023 година е предвиден трансфер од околу 30 милијарди денари кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за навремена исплата на пензиите и за усогласување предвидени со закон. За март е планирано покачување на пензиите помеѓу шест и седум отсто за сите 330.000 пензионери. Пресметките покажуваат дека на пензионерите што имаат до 10.200 денари, пензиите ќе бидат зголемени за околу 700 денари, а оние со примања од 15.000 денари ќе добијат зголемување од 1.000 денари, потоа тие со околу 20.000 денари ќе имаат плус 1.400 денари, а оние од 25.000 денари ќе се „офајдат“ за 1.750 денари. Категоријата пензионери со примања од 30.000 денари ќе добијат покачување од 2.100 денари, а за оние со пензија од 35.000 денари покачувањето ќе изнесува плус 2.400 денари. Зголемувањето на пензија од 40.000 денари ќе биде 2.800 денари, а на оние од 45.000 денари – 3.100 денари, додека со највисоки примања од околу 65.000 денари – 4.550 денари. Слично зголемување се очекува и во септември. Меѓутоа, според сегашните законски одредби, и годинава усогласување на пензиите нема да има четири месеци: јануари, февруари, јули и август. Според тоа, пензионерите со пензија до 10.200 ќе бидат оштетени за 2.800 денари, а за 4.000 денари оние со примања 15.000 денари. На пензија од 20.000 денари за 4 месеци сметката ќе биде помала 5.600 денари, на оние со 30.000 денари за 8.400, на 40.000 денари за 11.000 денари, додека оние со највисока пензија од околу 65.000 денари губат 18.000 денари. Поради тоа потребно е пореално анализирање на оваа проблематика, за што се заинтересирани не само пензионерите туку и нивните многубројни семејства. Пред сѐ потребно е усогласувањето да се врши за цела тековна година, и тоа со ветеното дегресивно усогласување со повисок процент да се зголемуваат пониските пензии. Постојат идеи делот за платите да се исплаќа процентуално, а оној за животни трошоци да биде со еднаков износ за сите. За време на пандемијата и сегашната енергетска криза, во неколку држави пензионерите со пензија до 240 евра добија зголемување од 100 евра, оние со примања од 325 евра имаа плус 50 евра, пензијата од 500 евра е зголемена за 30 евра, а преостанатите со повисоки пензии за 20 евра. Според сите анализи, кај нас најниската пензија треба да изнесува околу 20.000 денари, за да можат пензионерите да имаат подостоинствен живот. Сериозен проблем и натаму се инфлацијата и ценовниот скок, особено на прехранбените продукти. Двомесечните заложби со популистички ветувања за намалување на цените за околу 10 проценти и на почетокот на годинава не се остваруваат. Напротив, деновиве цената на лебот, млекото, јогуртот и на други основни прехранбени производи е зголемена за неколку денари. Намалување е забележано главно на цените на производите на кои им се намалени грамажите.Секако, за намалување на инфлацијата е потребно пред сѐ забрзување на економскиот раст. Само така може да се остварува значително подобар стандард и поквалитетен живот во Македонија, од повеќе аспекти. На тој начин ќе може некако да се трасира и патот кон официјално најсреќните земји во светот: Финска, Данска, Исланд, Холандија, Норвешка и Шведска.

Драги Аргировски

Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба