Политичко профилирање – политичари за еднократна употреба

Истражувањата за кандидати, нови политичари или поединци со „амбиција во зародок“ верувам откриле подготвеност да се фаворизираат за лидерска политичка функција поекстровертни, необразовани, исфрустрирани, емотивно нестабилни, хазардерски настроени, помалку прифатливи и помалку совесни луѓе на кои им недостига чесност, но не им недостига понизност до ниво на сервилност. Верувам дека при профилирањето на личностите за носители на „историските промени“ во игра била и „прогресивната амбиција“, т.е., нивната подготвеност да се кандидираат за повисоки функции по секоја цена, нивната поводливост и подготвеност за успех, не размислувајќи за долговечноста во политиката

Не треба да си особено паметен да заклучиш дека сето ова што ни се случува во последните години на политички план е диригирано од одредени центри на моќ однадвор. Така беше порано, така е и сега. Како и тоа дека ликовите на „историските“ промени низ кои поминува државата не се случајно избрани. Само како потсетување е пораката на Зоран Заев до Мендух Тачи обелоденета во 2014-та, во која тогашниот опозиционер го повикува Тачи на идна соработка, нагласувајќи дека „затоа ме подготвуваат и повисоките надвор од Македонија“. Очигледно уште тогаш е направено успешно политичко профилирање на личности што се политички амбивалентни и анационални, лесно манипулативни и над сѐ коруптивни пред да станат носители на „историските промени“. И тоа не е ништо ново и ништо непознато. Обидите да се разберат мотивите и постапките на политичките личности имаат долга историја. Профилот на политичката личност бил развиен за да им обезбеди на високите креатори на политики сеопфатно психолошко претставување на лидерите во одреден контекст. Политичкото профилирање го опишува животниот тек што ги обликувал клучните ставови и ги специфицирал аспектите на однесување, особено релевантни за креаторите на политиката кои се занимаваат со лидерите на други држави во контекст на преговори на високо ниво, како и во кризни ситуации. Пристапот поставува две општи прашања: Кои беа настаните и искуствата што помогнале да се обликува личноста на лидерот (психогенеза)? И,кои се психолошките сили во една личност што го поттикнуваат политичкото однесување (психодинамиката)? Колку поцврсто се разберат овие основи на психологијата на лидерот, толку посигурно може да се заклучат влијанието и моделите на неговото политичко однесување. Особено, странските разузнавачки заедници отсекогаш се обидувале (со повеќе или помалку успех) да дијагностицираат странски лидери оддалеку во име на нивните долгорочни интереси во одредени делови на светот, подготвувајќи свои психолошки и политички профили со различни степени на длабочина и точност. Целите се секогаш исти: да се предвиди и моделира однесувањето на лидерот под различни околности и можеби да се влијае на неговото однесување. Примерот со Македонија очигледно ги даде посакуваните резултати. Не случајно „црпнатите“ политички лидери го променија името на државата, ја обезличија нацијата без историја, култура и јазик и се на пат, којзнае по кој пат, да го променат уставот по желба на друга држава. Ваквото политичко профилирање не верувам дека барало некој посебен напор, со оглед дека нашите политички лидери не се свесни за важноста да ги заштитат своите намери и одредени лични карактеристики од противниците, целосно соголувајќи се пред нив, лесно станувајќи марионети на туѓи интереси и цели.

Во политичкото профилирање во Македонија во годините пред промените очигледно се детектирани посакуваните карактеристики на личноста кај опозициските политичари и невладиниот сектор и се поддржани во намерата промените да бидат изведени одвнатре, како начин да се анулира можноста да бидат обвинети други држави и центри на моќ за отвореното мешање во внатрешните работи во една, таканаречена, суверена држава. Истражувањата за кандидати, нови политичари или поединци со „амбиција во зародок“ верувам откриле подготвеност да се фаворизираат за лидерска политичка функција поекстровертни, необразовани, исфрустрирани, емотивно нестабилни, хазардерски настроени, помалку прифатливи и помалку совесни луѓе на кои им недостига чесност, но не им недостига понизност до ниво на сервилност. Верувам дека при профилирањето на личностите за носители на „историските промени“ во игра била и „прогресивната амбиција“, т.е. нивната подготвеност да се кандидираат за повисоки функции по секоја цена, нивната поводливост и подготвеност за успех, не размислувајќи за долговечноста во политиката. Искрено, не верувам дека при политичкото профилирање во Македонија оние што го правеле се раководеле од „принципот на посакуваните лидерски особини“, кој вели дека гласачите, во просек, претпочитаат кандидати што покажуваат поголеми лидерски особини отколку што самите поседуваат, или „принципот „согласност гласач-политичар“, кој вели дека гласачите бараат усогласеност на личноста со политичките кандидати, делумно преку претставување на основните вредности и идеолошки ставови. Очигледно при политичкото профилирање во Македонија е постапено спротивно на ваквите принципи. И детектирани се политичари – селски мешетари, кои се сѐ, само не лидери посакувани од народот.
Политичкото профилирање во Македонија го надминува претходниот пристап на „голем човек“ или општо инсистирање дека елитите некако се важни. Поновиот бран на профилирање дава посмело тврдење: личните атрибути и животните искуства, како и материјалните интереси на поединечните лидери, влијаат и ги обликуваат политичките резултати. Ако некој има дилема за ова, нека го погледне богатството што го акумулираа носителите на „историските промени“ во Македонија и сѐ ќе му биде јасно.

Едноставно, политичката историја на Македонија никогаш не била и нема да биде биографија на големи луѓе, на големи лидери што носат тешки историски одлуки за државата. Зашто такви во политиката немаме. Имаме ситни, манипулативни, безрбетни, алчни души за власт, кои се податливи за странски влијанија, кои раководени од ниски страсти и материјални интереси си ја продаваа државата во годините на транзицијата. Затоа изгледа лесно ваквите луѓе политички да ги профилираш и (зло)употребиш. Еднократно. Како онаа рекламата – пред употреба добро да се промеша, по употреба да се фрли.

Проф. Звонимир Јанкулоски