Дипломатска и медиумска агресија врз Македонија

Ако во Украина се случи агресија, на магнетното поле на Република Северна Македонија во тек е дипломатско-медиумска агресија за менување на Уставот на државата и запишување на Бугарите во неговата преамбула. Дипломатската агресија се врши од западните земји, а медиумската од домашни аналитичари, видни новинари, пензионирани професори и од збириштина без македонско национално чувство, познати антимакедонисти.
Засега големите западни земји на првите дипломатски линии ги поставуваат пониските ешалони – своите амбасадори во Македонија. Како што ќе врви времето, како што ќе отчукува часот за донесување конечна одлука, интензитетот ќе се засилува. Ќе расте и нивото на хиерархиската застапеност и присутност колку во кулоарите на Владата и Собранието толку и на јавната политичка сцена. Во зависност од потребите и проблемите, кулминацијата ќе може да се очекува со настап на политичките леопарди возобразени во познатите ликови на најмоќните држави на Европската Унија. Плус Британците, без чија запршка не минува ниту една балканска мешаница, а сите тие под водството на ѕвезденото американско знаме.
Тој филм македонската јавност го виде при промената на името на државата, кога заткулисните случувања беа пресудни Собранието да ја прифати спогодбата со Грција, да го смени Уставот и со еден клик да ги избрише македонските национални предзнаци на сите државни институции. Има волја, намера и видливо расположение кај СДСМ и кај ДУИ таа претстава да се повтори со Бугарите, да се направи римејк на тој филм по странско сценарио, а во изведба на домашни артисти.
Ако се случило еднаш, зошто да не се случи повторно. Зошто не би се повториле тие балкански методи, во комбинација со искуства за примена на политичко насилство, со закани, со корупциски понуди и со мирис на мафијаштво? И што би било чудно ако ВМРО-ДПМНЕ повторно го заведе и излаже своето членство, симпатизерите и гласачите и да гласа за уставните измени иако дава тврди изјави. Кога еднаш веќе го стори тоа и кога актерите, на еден или друг начин, беа богато наградени и дебело им се исплатеше тоа политичко и партиско салто мортале, зошто не би постапиле така и некои од сегашните пратеници. Кујните се подготвени, вријат лонците.

Преземајќи ги улогата и задачата на Бугарија, Западот во овој случај ги користи слабостите на македонското општество и несигурноста на власта што се бори за жив опстанок. Ја поттикнува и потхранува реската партиско-политичка поделеност, ја мотивира етничката тензија, ја зголемува социјалната нерамноправност, ја наметнува сиромаштијата како начин на живот. Користејќи ги ерозијата на доверба во Владата и неискуството на младата политичка гарда, внесува смутови, користи разузнавачки служби, вложува не мали пари од тајни фондови. Со опробани методи и на разни начини ги успива сетилата на луѓето за да ги оневозможи да реагираат на соодветен начин.
Прифатената француска платформа се подразбира како поле за некултурен натпревар, каде што може да се мешетари на македонска штета. Не се остава тука празен простор за објективна дебата, за рационално расудување и донесување разумни одлуки.
Со помош на дел од домашните медиуми и селективно одбрани аналитичари и новинари се умртвува конструктивната дискусија и се минимизираат различните мислења. Безобѕирно се сатанизираат оние што го бранат македонското национално достоинство и оние што застануваат во одбрана на македонизмот, еден од камен-темелниците на современата македонска држава. Не се почитува објективноста, се заборава дека како што се легитимни ставовите на оние што се залагаат за промена на Уставот, легитимни се и спротивните мислења. А тие не се малку, дури преовладуваат. Во секоја демократска држава тие два става би имале рамноправен статус сѐ до донесувањето на конечната одлука. Кај нас упорно се наметнува само ставот на странците и на Владата. Ставот на мнозинството граѓани од македонска националност се стигматизира и се распнува на крст.
Една од клучните платформи на кои се дупчи дејствувањето на власта и нејзините епигони е користењето извртени тези. Имено, најчесто се нагласува дека оние што не се согласни со внесување на Бугарите во Уставот се, всушност, против европскиот пат на Македонија. Таа теза ниту е точна ниту има основа, но, за жал, толку е испреплетена со лажни конци што тешко може да се отплетка.

Факт е дека македонската држава и македонското општество уште од денот на конституирањето на независноста се определиле за патот што води кон членство во Европската Унија. За таквата определба како докази постојат десетици документи во архивата на македонското собрание. Но, ниту еден од тие документи не е поврзан со Бугарите во Уставот. Такво нешто немало никогаш, нема ни сега. Треба да се каже јасно и гласно – една тема е Македонија во Европа, а сосема друга Бугарите во Уставот. Секое неразбирање на оваа разлика носи сега, а ќе носи и во иднина големи национални штети.
(Нескромно ви советувам: памтете ми ги последните две реченици).
Ако на западните дипломати, на македонските министри задолжени за надворешната и европската политика досегашната тактика им беше проследена со релативно благ збор и немушт говор, треба да се очекуваат драстични промени на тој стил. Таквото невреме го навестуваат последните говори на неколкумина амбасадори и странски гости, тука, на македонски терен. Наместо дипломатска рафинираност и политичка воздржаност, отворено наметнуваат диктати, издаваат наредби, лиферуваат закани, фабрикуваат уцени. Македонските граѓани добиваат третман на неписмена раја, на недораснати деца, на незрели и необразовани луѓе. Имајќи на располагање организирано селектирани политички и медиумски корисни идиоти, тие полека-полека ги остваруваат своите цели, во случајов со Уставот. Сите знаат и признаваат дека уставниот статус на Бугарите ќе биде на штета на мнозинскиот, македонски народ во неговата држава, но тоа не е причина да се размисли подобро за тој процес.
Агресијата продолжува со засилено темпо, бомбардирањата ќе зачестат, ќе се уништува опозициската инфраструктура. Однапред се знае жртвата, претставата мора да се одигра. Од Македонците се бара да бидат свесни жртви на олтарот на Европа во интерес на друга држава. Тоа е основното мото на драмата што ќе следува кога македонските граѓани по својот државен статус ќе бидат далеку од Европа, а набиени во ќош во сопствената територија или од она што ќе остане од неа.

[email protected]