Редакциски пресек на темата, од повеќе медиумски извори

  • Тензични телефонски разговори, различни визии за Иран и зголемени пукнатини во најважното партнерство на Блискиот ИстокВо изминатите недели светските медиуми сè погласно зборуваа за сериозни тензии меѓу американскиот претседател и израелскиот премиер. Иако двајцата лидери со години се претставуваа како речиси неразделни политички сојузници, новите информации од американски, израелски и блискоисточни медиуми укажуваат дека нивниот однос влегува во најкритичната фаза досега. Неодамнешниот телефонски разговор меѓу Трамп и Нетанјаху бил „тежок“ и исполнет со несогласувања за идната стратегија кон Иран.

    – Израелските медиуми, меѓу кои и „Џерусалем пост“, пишуваат дека меѓу двајцата лидери постои „јасно несогласување“ за тоа дали конфликтот со Иран треба повторно да ескалира во отворена војна. Во неофицијални брифинзи дури се споменува дека Трамп бил подготвен да прифати регионален мировен предлог поддржан од Катар и Пакистан, нешто што Нетанјаху категорично го одбива. Токму тука се појавува суштинската разлика. За Нетанјаху, Иран останува егзистенцијална закана за Израел и секое омекнување на американската позиција претставува опасност. За Трамп, пак, продолжената воена конфронтација носи огромни финансиски и политички ризици, особено во услови кога американската јавност станува сè понетрпелива кон нови воени ангажмани.
    – Весникот „Гардијан“ дури оцени дека „се појавуваат тензии во алијансата Нетанјаху – Трамп“, наведувајќи дека Вашингтон сè почесто носи одлуки без претходна координација со Тел Авив. Според истиот извештај, израелскиот премиер настојува јавно да демонстрира „целосна координација“, но зад сцената расте недовербата.

    – Според медиумот „Аксиос“ , Нетанјаху бил силно незадоволен од можноста Вашингтон повторно да отвори дипломатски канал со Техеран, додека Трамп сакал да избегне нова долготрајна војна на Блискиот Исток.
    – „Вашингтон Пост“ објави дека американската армија потрошила огромни количества противракетни системи во одбраната на Израел за време на операцијата против Иран. Аналитичарите во медиумот предупредуваат дека тоа создава сериозен товар за американските резерви и отвора прашање дали САД можат бесконечно да ја следат израелската стратегија. Во исто време Трамп се обидува да балансира меѓу сопствениот имиџ на „силен лидер“ и ветувањата дека нема да ја вовлекува Америка во нови бескрајни војни. Токму затоа последните дипломатски иницијативи со посредство на Пакистан и арапските држави добиваат тежина.

    Колку е реален овој конфликт според светските медиуми?

    И покрај сѐ поинтензивните медиумски пишувања на оваа тема, повеќето аналитичари со кои се консултиравме кај нас во Македонија сметаат дека не станува збор за целосен раскин меѓу двајцата лидери, туку за сериозна стратешка пукнатина.
    – Трамп и Нетанјаху и натаму имаат заеднички интереси. Тоа се ограничувањето на иранското влијание, воената соработка и одржувањето на силната американско-израелска алијанса. Сепак, дури и ограничен конфликт меѓу нив може драматично да го промени Блискиот Исток. Ако Вашингтон почне да врши притисок врз Израел за прекин на офанзивите и за нови преговори со Иран, Нетанјаху би можел да остане политички изолиран. Тоа би ја ослабело неговата позиција дома, особено поради критиките што веќе ги добива за безбедносните пропусти и за долготрајната војна. Од друга страна, доколку Трамп попушти пред израелските барања и повторно тргне кон воена ескалација, ризикот од поширок регионален конфликт би бил огромен. Во таков случај би можеле директно да се вклучат Либан, Сирија, шиитските милиции во Ирак, па дури и земјите од Персискиот Залив. Најголемото реферирање што би го донело секое разидување меѓу Вашингтон и Тел Авив може да создаде вакуум што ќе го искористат Иран, Русија и Кина, секој на свој начин – велат нашите соговорници, аналитичари и соработници на „Нова Македонија“.
    Во меѓувреме светот внимателно ги следи сигналите од Белата куќа и од кабинетот на Нетанјаху. Засега и двете страни јавно се обидуваат да ја зачуваат сликата за единство. Но зад дипломатските изјави веќе е видливо дека односот меѓу Трамп и Нетанјаху не е повеќе безусловен и стабилен како порано. Прашањето што останува е дали ова е само привремено тактичко несогласување или почеток на поголемо геополитичко раздвојување што може да ја преобликува целата блискоисточна криза.

    Р.Н.М.