СОЈУЗНИЦИТЕ САД И ИЗРАЕЛ ПОЧНАА ДА СЕ ГЛЕДААТ СО НЕДОВЕРБА

  • Американските и израелските медиуми веќе отворено пишуваат дека меѓу двајцата лидери постојат остри несогласувања околу Иран, Газа и иднината на американската стратегија на Блискиот Исток. Иако ниту Вашингтон ниту Тел Авив официјално не признаваат „криза“, дипломатските сигнали укажуваат дека нешто суштински се менува. Тому тоа отвора прашања за иднината на Блискиот Исток, војната со Иран и за американската улога во регионот

Долго време претседателот на САД, Доналд Трамп, и премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, важеа за политички тандем без сериозни разидувања. Првиот му обезбедуваше дипломатска и воена поддршка на Израел каква што ретко кој американски претседател ја понудил, а другиот во Трамп гледаше најсилен сојузник во Вашингтон. Но денес, зад официјалните насмевки и дипломатски фрази, сè погласно се зборува за сериозни тензии меѓу Белата куќа и кабинетот на израелскиот премиер. Американските и израелските медиуми веќе отворено пишуваат дека меѓу двајцата лидери постојат остри несогласувања околу Иран, Газа и иднината на американската стратегија на Блискиот Исток. Иако ниту Вашингтон ниту Тел Авив официјално не признаваат „криза“, дипломатските сигнали укажуваат дека нешто суштински се менува.

ТЕЖОК РАЗГОВОР ЗАД ЗАТВОРЕНИ ВРАТИ

Деновиве американскиот портал „Аксиос“ објави дека неодамнешниот телефонски разговор меѓу Трамп и Нетанјаху бил далеку од пријателски. Според извори блиски до американската администрација, како што објави „Аксиос“, „разговорот бил исполнет со тензии“. Освен за Либан, несогласувањата биле и околу можноста „САД повторно да отворат дипломатски канал со Иран“. За Нетанјаху, таквата идеја била речиси неприфатлива. Израелскиот премиер со години предупредува дека Техеран претставува најголема закана за безбедноста на Израел и дека секое американско „омекнување“ ќе биде сфатено како слабост. Од друга страна, Трамп, и покрај жестоката реторика, очигледно се обидува да избегне нова долгорочна воена конфронтација во регионот.
Во Вашингтон расте стравот дека директен судир со Иран би можел да ја вовлече Америка во уште една скапа и непредвидлива блискоисточна војна.

ГАЗА КАКО ТОЧКА НА РАЗДОР

Воената операција во Газа дополнително ги усложнува односите меѓу двата лидера. Сè поголемиот број цивилни жртви и хуманитарната катастрофа предизвикуваат силен меѓународен притисок врз Израел, но и врз САД како негов главен заштитник. Во американските политички кругови веќе се слушаат прашања дали безусловната поддршка за владата на Нетанјаху почнува да носи политичка цена и за самиот Трамп. Дел од американските аналитичари предупредуваат дека Белата куќа не сака да биде перципирана како директен соучесник во конфликт што станува сè понепопуларен кај западната јавност.

СОЈУЗ ШТО НЕ МОЖЕ ЛЕСНО ДА СЕ РАСПАДНЕ?!

И покрај тензиите, аналитичарите предупредуваат дека е прерано да се зборува за целосен прекин меѓу Вашингтон и Тел Авив.
– Воената, разузнавачката и економската соработка меѓу САД и Израел е предлабока за да биде уништена преку неколку дипломатски судири. Израел останува клучен американски партнер на Блискиот Исток, а Вашингтон е најважниот безбедносен гарант за израелската држава. Но проблемот е што дури и ограничена недоверба меѓу двајцата лидери може да има огромни последици – тврдат наши соговорници, надворешнополитички аналитичари и наши колумнисти, со кои се брифиравме по ова прашање.

ШТО АКО СЕ РАЗДЕЛАТ ВАШИНГТОН И ТЕЛ АВИВ…

Евентуално подлабоко разидување меѓу Трамп и Нетанјаху би можело целосно да ја промени рамнотежата на силите во регионот.
– Доколку САД почнат да вршат посилен притисок за прекин на офанзивите и отворање дипломатски преговори со Иран, Израел би можел да се најде во многу потешка позиција. Во таков развој, Нетанјаху би се соочил со сериозни внатрешни потреси, особено поради критиките што веќе ги добива за безбедносните пропусти и за долготрајната војна. Но ако Трамп реши целосно да ја следи израелската стратегија и да влезе во нова конфронтација со Иран, ризикот од регионална експлозија би бил драматичен. Во конфликтот би можело да се вклучи Либан (а со нападот на Израел тоа сигурно ќе се случи), а ќе се вклучат и шиитските милиции во Ирак, Сирија, па дури и дел од земјите од Персискиот Залив.

ДИПЛОМАТИЈА ИЛИ НОВА ВОЈНА

Во меѓувреме, зад сцената веќе се водат интензивни дипломатски активности. Катар, Пакистан и неколку арапски држави се обидуваат да посредуваат за намалување на тензиите и отворање простор за разговори меѓу Вашингтон и Техеран. Но прашањето е дали Нетанјаху е подготвен да прифати таков развој. Израелската политичка сцена станува сè порадикализирана, а секој обид за компромис со Иран се доживува како опасност за националната безбедност. Токму затоа многумина сметаат дека вистинската битка не се води само меѓу Израел и Иран туку и околу тоа каква ќе биде идната американска политика на Блискиот Исток.

Д.Ст.


Што најмногу ги дели Трамп и Нетанјаху?

1. Иран
Нетанјаху бара максимален притисок и можност за нови воени удари, додека Трамп наводно остава простор за преговори.

2. Газа
Вашингтон е под силен меѓународен притисок поради цивилните жртви, додека Израел инсистира на продолжување на операциите.

3. Американските интереси
САД стравуваат од нова долготрајна војна што би чинела милијарди долари и би ја ослабела американската позиција во светот.

4. Политичкиот опстанок
И двајцата лидери се соочуваат со домашни притисоци и ја користат кризата за зацврстување на сопствената политичка база.


Во чија полза најмногу одат недоразбирањата меѓу Трамп и Нетанјаху?

1. Иран – би добил простор за дипломатско и воено маневрирање.

2. Русија – би добила со слабеењето на американското влијание во регионот.

3. Кина – би можела да биде нов економски и дипломатски посредник.

4. Европа – стравува од нов бран мигранти и дополнителна енергетска нестабилност.


Цитати од Нетанјаху и Трамп

„Нема поголема закана за Израел од Иран“. – Бенјамин Нетанјаху

„Америка нема интерес од бескрајни војни“. – Доналд Трамп

„Секоја пукнатина меѓу Вашингтон и Тел Авив веднаш ја менува геополитичката равенка на Блискиот Исток“. – Блискоисточен аналитичар за американски медиуми


Израелски напади врз Либан по предложеното примирје од Трамп

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху завчера нареди напади врз јужните предградија на Бејрут контролирани од Хезболах, наспроти американскиот предлог за примирје помеѓу Израел и Хезболах што беше објавен претходно, откако американскиот државен секретар Марко Рубио предложи план за „постепена деескалација“ во разговорите со либанскиот претседател Џозеф Аун и Нетанјаху. САД предложија како прв чекор милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, да ги запре сите напади врз Израел, а за возврат Израел да се воздржи од ескалација во Бејрут. Непријателствата продолжија во Либан и покрај серијата ретки состаноци меѓу либанската и израелската влада, под надзор на Вашингтон.
Завчера многу жители ги напуштија јужните предградија на Бејрут, познати како Дахија, како одговор на веста за наредбата на Нетанјаху, во најновиот бегалски бран во конфликтот што досега расели повеќе од еден милион луѓе во Либан.

Израел ги проширува воените дејства во Либан, Хезболах возвраќа со ракетни напади

Откако ги нападна јужните предградија на Бејрут во првите недели од војната, Израел изврши уште два удара во областа откако американскиот претседател Доналд Трамп објави прекин на огнот во Либан на 16 април, дури и додека непријателствата беснееја во јужен Либан. Нетанјаху рече дека Израел продолжува да ја продлабочува својата копнена активност во Либан, каде што израелските трупи создадоа самопрогласена безбедносна зона на југ, велејќи дека имаат цел да го заштитат северен Израел од нападите на Хезболах. Израелската војска подоцна соопшти дека ќе нападне цели во јужните предградија ако Хезболах продолжи да лансира ракети кон израелските градови и ги предупреди жителите да ја напуштат областа.
Хезболах, основан од Иранската револуционерна гарда во 1982 година, соопшти дека неговите борци испукале ракети насочени кон израелската воена инфраструктура во израелскиот град Тиберија во 1 часот по полноќ во понеделникот, меѓу другите напади за кои беше соопштено дека биле одговор на израелските прекршувања на прекинот на огнот. Во неделата Хезболах соопшти дека испукал ракети кон израелската воена инфраструктура во градот Нахарија.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека нема да има „мир“ во Бејрут ако нема мир во северен Израел.
Либанските власти велат дека повеќе од 3.400 луѓе се убиени во земјата како резултат на израелските напади од 2 март, кога Хезболах отвори оган врз Израел откако беше нападнат од САД и Израел. Израел вели дека 24 негови војници и четворица цивили се убиени во истиот период.
Непријателствата се интензивираа на југ во текот на викендот, при што израелските трупи го зазедоа 900-годишниот замок Бофорт, кој се наоѓа на стратешки гребен со поглед на граничната зона.

Компликации за медијацијата за решавање на американско-израелскиот конфликт

Се смета дека продолжувањето на воените дејства на Израел во Либан дополнително ја комплицира и медијацијата за решавање на конфликтот меѓу САД и Иран. Иранската државна телевизија соопшти дека прекинот на огнот договорен меѓу Иран и САД е многу веројатно да заврши ако израелските напади продолжат во Либан, каде што војната беснее откако Хезболах влезе во регионалниот конфликт на страната на Техеран на 2 март.
Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи изјави дека израелските напади во Либан се меѓу факторите што го одложуваат дипломатскиот процес за завршување на војната меѓу САД и Иран и повтори дека примирјето во Либан е составен дел од секој договор. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, обраќајќи се на социјалната мрежа Икс откако Нетанјаху нареди напади, рече дека прекинот на огнот меѓу Иран и САД од април е „недвосмислено прекин на огнот на сите фронтови, вклучувајќи го и Либан“. Р.С.

МОМЕНТ НА ВИСТИНА

Иако официјално сè уште се зборува за „цврсто партнерство“, веќе е јасно дека односот меѓу Трамп и Нетанјаху повеќе не е толку стабилен како порано. Прашањето не е само дали двајцата лидери се во политичка расправија. Прашањето е дали нивното евентуално разидување ќе стане почеток на нова фаза на нестабилност на Блискиот Исток. А во регион каде што секоја дипломатска пукнатина лесно може да прерасне во воен судир, последиците би можеле да ги почувствува целиот свет.

Д.Ст.