Падот на СДСМ, подемот на Левица и дриблањето на ДУИ

На почетокот еве една реченична конструкција што можеби нема да биде разбирлива при првото читање и која секој читател има право да ја толкува од свој аспект и на свој начин.
Социјалдемократскиот сојуз и неговиот претседател сѐ почесто ја земаат на заб партијата Левица, предводена од Димитар Апасиев. Преку тој наострен заб всушност се пресметуваат со ВМРО, тврдејќи дека ВМРО е во заложништво на Левица. Врв на великоумноста на таквиот заклучок на СДСМ е дека од таа инцестна врска кај ВМРО-ДПМНЕ се зачнал синдромот на напуштена љубовница. А токму тој несреќен и блуден „љубовен пар“ ја загрозува иднината на граѓаните, кои сакаат мир, благосостојба и членство во ЕУ, за што искрено се бори СДСМ.
Погорните реченици не се мои измислици. Нив ќе ги најдете ако се потрудите да ја отворите електронската страница на СДСМ и ги прочитате изјавите на лидерот Димитар Ковачевски и на другите помалку важни лидери на партијата. Во нив се прикажува дека СДСМ е експресниот воз што јури кон европскиот врв, ВМРО-ДПМНЕ е заблудениот кочничар, а Левица железничарот што на иста пруга ќе ги стави двете партии чии локомотиви се движат во спротивен правец.
Стратезите на СДСМ не случајно го насочуваат прстот кон Левица. На сите понови анкети, од анкета до анкета, СДСМ е во пад, Левица во подем. Она што утре на избори не може да им го земе ВМРО, ќе им го земе Левица. Таа лева партија најверојатно ќе биде јазичето на вагата што ќе го одредува идното собраниско мнозинство. Секој аналитички штаб ќе мора да ја согледува таа можна левичарска пенетрација и последиците што може да произлезат од неа.
СДСМ не е во пад само на анкети. Неговиот пад не е на хартија, таа надолна транзиција е во реалноста. Социјалдемократите сами си ги сечат гранките што израснале на роденото, прво стебло. Историски не може да се оспори фактот дека партијата е дел од континуитетот на државнички одлуки за исполнување на македонските национални цели, како што се поставени уште од независноста пред 31 година. Сѐ до пред некоја година, до доаѓањето на Зоран Заев, последната погрешна, промашена кадровска инсталација на Бранко Црвенковски.

Сегашниот СДСМ не може да се кити со перјата на претседателот Киро Глигоров и со основачите на партијата што ги удрија нејзините темели. Таа прва, независна и колку-толку надежна линија одамна е изгазена и изневерена од новите кадри, кои наместо на виски и одлежано барик-вино, мирисаат на свежо млеко. Оваа партиска генерација не може со чист образ, со чисти раце и гордо да се сврти кон предците од 1903 година, од 1941-та, дури ни кон оние од 1991-та и да каже дека успеала да го оствари нивниот аманет за просперитетна држава.Тие предци беа вистински револуционери што го даваа животот за Македонија. Не беа шарени кукавици што би ја распродавале.
СДСМ најмалку може да се гордее со периодот на владеењето на Зоран Заев, најголемиот лажен трговец со души во Македонија. А никако по Спогодбата со Грција и по Договорот со Бугарија. Сѐ што беше национално цврсто и стабилно, СДСМ го растресе, Заев ја затресе Македонија со магнитуда од 8- 9 степени по Рихтер. Го врати македонскиот народ историски еден век наназад и го принуди да се докажува кој е и што е во наредните децении. По многу нешта, денешното СДСМ е пресликано од некогашното ВМРО на Љупчо Георгиевски и Никола Груевски. Како по карактер така и по однос, по корупциски и криминогени постапки. Ист образ, „иста мета – исто растојание“.
Иако мнозинство граѓани не веруваат дека земјата се движи во погрешна насока, водечките владини политичари не го менуваат правецот што го води народот кон јамата. Освен раководството на партијата, тоа најмалку го чувствуваат и оние четириесетина мртви риби во Собранието на Северна што се претставуваат како народни пратеници од редовите на СДСМ и нивните боранија коалициски партнери од македонскиот блок. Четириесетина партиски заробеници, кои се слепи, глуви и неми, не смеат да кажат барем еден збор дека нивната партија треба да застане пет минути, да земе здив и да види каде греши во вештачки форсираната безгрешност. Кој закон ќе го прифати, кој ќе го отфрли. Дали навистина е добар и оној закон што е очигледно штетен, практика што не е правило, но не е и исклучок.
Ако од една страна за СДСМ се уверливи убедувањата дека ВМРО-ДПМНЕ е во заложништво на Левица, не би требало да се отфрлаат со леснина обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ е во заложништво на ДУИ. Братската прегратката со која ДУИ го има прегрнато СДСМ е толку силна што може да доведе до задушување на прегрнатиот. Од тој јавен преграб е изродена коалицијата заснована на стратегијата „парата врти кај што бургијата не може“ и која ни „топ не ја бие“ ако самата не се убие.

Јавните манифестации и изјави на дел од раководството на ДУИ се плуканици врз лицето на СДСМ, иако во партијата радосно толкуваат дека тоа се плодоносни капки дожд. Дриблањето, исмевањето и понижувањето на македонскиот народ што бесрамно и грдо го прават Артан Груби и дружината, политичкото психолошко насилство што го вршат во државните канцеларии не е прилог кон градење и оддржување меѓусебна доверба и европско единство. Од таквите намерно провокативни реакции нема штета ДУИ, непроценлива штета има СДСМ. Сето тоа се запишува во неговото негативно досие.
Не мора да е вистина, но не е и далеку од неа, мислењето дека колку што станува поблиска со албанските партии, во толкава или уште поголема мера СДСМ ја губи довербата меѓу Македонците. Сигурно дека се претерани некои злонамерни мислења, не баш срамежливо наметнувани од загрижени националисти, дека настојувајќи да станат Европејци, еден добар дел социјалдемократи стануваат антимакедонци. Попрецизно кажано, не ги застапуваат македонските национални интереси и се антипатриотска политичка организација. СДСМ воопшто не се труди да го запре боењето на тој колаж, да ја запре таа песна што од уста до уста се пренесува, се пее меѓу народот.
Левица полека, полека, но сигурно, го зазема просторот на СДСМ, не на ВМРО-ДПМНЕ. На оваа засега мала, но трета по пол-позиција македонска партија, може да ѝ се калемат низа несериозности, но токму тие се и нејзина предност во матната политичка ситуација и во потрошеноста на двете големи. Она што го испушта или отфрла од својата руба СДСМ, умно го облекува Левица. Кај нив се префрла дел од разочараното членство на СДСМ, мнозина неопределени гласачи. Она што и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да го прават во бели ракавици, Левица го соопштува грубо, но вистинито. Станаа мајстори да ги артикулираат своите предизвикувачки и провокативни ставови, ги враќаат во живот идеалите на постарите генерации, а со модерен, дури и уличен говор ги освојуваат младите. Ако за СДСМ патриотизмот е ретро, за Левица е кул.
Како наивна и аматерска може да изгледа нивната платформа на единствен претставник на интересите на бездомните и обесправените во Република Македонија, дека ако дојдат на власт ќе направат подобро општество наместо промашеното сдсмовско „едно општество за сите“. Нивната цел за промена на политичко-економскиот систем и воспоставување нов социјализам е далеку колку што е Сатурн од Земјата, но лепи нови вознесеници. Намерата да ги елиминираат сиромаштијата, корупцијата, неправдата, угнетувањето и експлоатацијата е исто така политички сон, но влечат поддржувачи, утрешни гласачи.

Развејувајќи го високо националниот мотив (напуштен од СДСМ), придружен со социјални ветувања, исправање неправди и елиминирање на криминалот и корупцијата, Левица се јавува не само како конкурент туку и како замена, алтернатива на СДСМ. На тие линии Левица е во подем, а СДСМ во пад. Можеби од страна на СДСМ и од други фактори има основи за сомневање дека Левица е проруска партија, финансирана и со руски пари. Но засега тие сомневања се покажаа како јалови обиди да се запре трендот на пораст на членството, на ширење на симпатиите и на влијанието врз идните гласачи. Левица не крие дека е популистичка, можеби и националистичка партија, но и таквите партии се дел од демократскиот политички живот во Европа, онаму каде што Република Северна Македонија сака да биде држава-ќерка.

[email protected]