Патиштата на „Бехтел и Енка“ што водат кон Европа

Во интерес на јавноста би било најдобро кога сите овие дилеми би се разјасниле комплетно. Па, во прашање е извршување јавна власт и, според тоа, таа бара законитост и одговорности во сите сегменти од нејзиното практикување.
Во тој контекст, во очекување и на иницијативите на друг вид контролни механизми во практикувањето на работата на државната управа, на потег се сите други контролни механизми во земјава: пред сѐ обвинителството, антикорупциските тела или, пак, анкетната собраниска комисија, кои сега имаат шанса да се активираат по повод овој случај, кој е од огромно значење

Македонија е земја на чудата. И за да не ги разгледуваме и анализираме сите наши „чуда“, денеска ќе се посветиме само на едно, кое е особено актуелно деновиве.
Имено, ако ја слушате власта, особено во јавните настапи, ние се возиме по патишта од соништата, најмодерни, тоа се однесува особено на оние изградените по последниве шест години, а другото ништо не чини, безмалку се распаѓа. Од друга страна, опозицијата ќе ви каже дека власта ништо не направила во својот мандат, дека „еден камен не е помрднат на автопатот Кичево – Охрид, кој премиерот го прогласи за завршен“. Се разбира, ние нема да судиме што се случува, најдобри судии се возачите, кои секојдневно крстосуваат по патиштата низ земјава и кои имаат најдобар увид што и како се случува.
Токму затоа гласната владина најава за почнување силна градежна офанзива, изградба на модерна, квалитетна и безбедна патна мрежа заслужува должно внимание, бидејќи може да значи елиминирање на дилемите и конечно затворање некои горливи инфраструктурни прашања.
Непосреден повод е завчерашното потпишување на договорот за изградба на коридорите 9 и 10-д со стратегискиот партнер, конзорциумот „Бехтел и Енка“, според кој во наредниве пет години се опфатени четири автопатски делници – коридорот 8, кој ќе се протега на должина од 68 километри, со автопат со шест ленти, а ќе го поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан, и коридорот 10-д, автопат со шест ленти, во должина од 40 километри од Прилеп до Битола.
Како што е познато, договорот е потпишан по двегодишни преговори, но сите оние прашања што ги поставуваше јавноста се чини останаа недокрај одговорени. Целиот овој случај уште од самата најава за негова реализација беше под лупата на јавноста, на политичките партии, на медиумите, невладините организации, а надлежните главно одговараа дека сè е според законот и дека процесот за избор бил транспарентен. Дури и премиерот се огласи на свеченоста при потпишувањето, па јавноста слушна и квалификации за постоење на „хистерија“.

Но јавноста не хистеризира тукутака едноставно. Јавноста сосема легитимно изминатиов период постави неколку прашања, кои не добиваа секогаш соодветен одговор. Медиумите се тие што ги апсорбираат барањата на пошироката јавност, залагајќи се професионално да ги исполнат својата мисија и својата функција, да бидат гласот на граѓаните и јавноста. Притоа медиумите во случајов имаа само една цел – најавените работи околу автопатот да се завршат според предвидените договори, законски, чисто, педантно и во договорениот рок. Токму затоа, а и заради проверка на сите предложени активности, медиумите имаа неколку прашања и дилеми, што беа далеку од тоа да прават „хистерија“. Легитимните прашања бараат легитимен одговор.
Имено, првата дилема се јави околу изборот на фирмата носител на целиот проект, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, поради некои недокрај разјаснети околности при нивното ангажирање во некои други балкански држави. Оваа дилема се појави на самиот почеток, но подоцна како да се подзаборави, па веќе речиси никој не ја спомнува.
Затоа, пак, сега е многу поактуелна темата за конзорциумот „ИРД инженеринг“, во кој се вклучени уште три фирми – шпанската „Ептиса“ и домашните фирми „Евро консалтинг“ и „Електра солушн“. Токму фактот дека еден од сопствениците на „Евро консалтинг“ е Бранислав Димитријевиќ, кој во Ерменија работел за фирмата „Ептиса“ и кој е под истрага на ерменското обвинителство за „развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“, а беше и еден од актерите на дипломатскиот скандал во кој беа инволвирани тројца македонски дипломати, фрла посебно светло на целиот случај. Јавноста не обвини, граѓаните само побараа одговор.
Третото прашање на кое се очекува солиден одговор е фактот дека Владата на 24 ноември 2020 година донела одлука со која на сите државни институции и општини им забранила да ја ангажираат компанијата „Ептиса“ на тендери вредни над еден милион евра, поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Бељаковце. Нејасно е толкувањето на владини претставници дека ова не е истата компанија од 2020 година, бидејќи според Централниот регистар од 2016 година мнозинскиот сопственик на оваа компанија е непроменет.

И добро е што владините претставници имаат одговори на повеќето од овие прашања. Во интерес на јавноста би било најдобро кога сите овие дилеми би се разјасниле комплетно. Па, во прашање е извршување јавна власт и, според тоа, таа бара законитост и одговорности во сите сегменти од нејзиното практикување.
Во тој контекст, во очекување и на иницијативите на друг вид контролни механизми во практикувањето на работата на државната управа, на потег се сите други контролни механизми во земјава: пред сѐ обвинителството, антикорупциските тела, собраниските комисии и сите преостанати, кои сега имаат шанса да се активираат по повод овој случај, кој е од огромно значење. Доволно е само да се каже дека вкупната сума што според првичните процени ќе го опфати овој случај е 1,3 милијарда евра, така што станува повеќе од очигледно дека сите треба да го дадат својот придонес за случајот да „се исчисти како солза“ и да не се дозволи да се влечат „опашки“ по него.
Нема белки да се чудиме зошто е тоа така и зошто е неопходна секоја проверка на фактите, а камоли за ваков сериозен високоинвестициски градежен потфат. Треба ли да укажуваме на фактот дека така функционираат демократските општества, каде што секој одговорно си ја врши работата и каде што секоја зделка се завршува во рамките на законите. Само така се оди во прогрес.
А, за да не ни префрли некој дека пишуваме тенденциозно, овој пат нема да прашуваме – кога веќе се зема кредит на сума што досега не е подигната од наша страна од странски кредитори, зошто не се побара асистенција од меѓународни фактори да партиципираат со одреден дел во форма на грантови, помош или заедничко вложување, како што тоа се прави кај некои други соседни земји со ист или сличен статус како нашиот. Но ова прашање ќе оставиме да го постават другите.