Ни грев ни срам

Не знам како, ни што, ни зошто се случи, та бевме подолго време разделени драг Читателу. Оти писателот и читателот како што велат Борхез и Паз, а и јас, се кентаур, и кога едната половина се оддели, по овој или оној случај, другата ја бара. Сеедно. Еве нѐ пак заедно на овие знајни страници. Се мислев со што да го почнам новиот почеток меѓу нас, во нашата прва средба, и еве како што гледаш и од насловот решив тоа да биде темата за гревот и срамот.
In medias res гревот и срамот се архетипални артефакти на човековата психа според својата генеза, онтолошка супстанција и егзистенцијално значење. За нив говори и Светото писмо на првите негови страници од книгата „Битие“. Приказната почнува набргу по исправањето на глината во Адам, од чие ребро потоа според божја промисла, за да не биде сам, излегува и Ева. Ним им беа ветени светлината и вечноста во рајот, но сѐ до оној момент додека не ја сретнаа змијата и не го вкусија оној кобен плод од Дрвото на познанието. Плодот што како искуство, вели Светото писмо, ним им ги отвори очите за да ја видат новата шокантна ситуација во која се наоѓаат и во која во нивната душа, или ДНК, е удрен печатот на гревот. И тогаш за првпат тие видоа дека се голи, па ги фати срам, ги покрија своите срамни места со смоквин лист и се скрија исплашени во блискиот шибјак. Ама севидото око на Господ ги здогледа и се слушна гласот „Адаме, кај си?“, а Адам одговори: „Еве сум Боже“ и ја раскажа приказната за престапот. Потоа Адам и Ева биваат изгонети од рајот, од вечно блаженство во мачна егзистенција во која, како што го замислил тоа суровиот Бог ѝ ги умножува породилните маки на Ева, а на Адам му ја проколнал земјата што ќе ја обработува и од која ќе се храни со мака во сите денови на неговиот живот.
Заклучокот е, драг читателу, дека нашите прародители, кои сѐ до денес изнародија безброј поколенија, со прогонот од рајот ја освоија слободата и станаа за првпат свесни за својата земна егзистенција со сите нејзини тешки искушенија на кои најпосле удира царски печат смртта како ново искуство по кусиот престој на небото. За неа посебно ќе зборуваме во некоја друга колумна, оти е битна и таа колку и животот што продолжува во неа. Парадоксално, но точно, и не мора за тоа да го прашаме Св. Августин. Смртта. Оти, замисли драг читателу, ако не постоеше таа уште колку бескрајно долго, цела божја вечност, ќе ни се исмеваа и ќе нѐ понижуваа овие наши властодршци од Галапагос, нотирани како феномен во тетратката на Дарвин, сѐ уште недоволно омозгани и со сурати на палеолитски тотеми.

Да. А сега, драг читателу, треба да кажеме нешто за корективниот механизам, или морална функција на архетипалните чувствени супстанции за кои станува збор, гревот и срамот, а со кои е во единство и чувството на страв со што го добиваме светото тројство на етичката и моралната парадигма. Со други зборови, на човекот како божјо создание. И која мисла во овој контекст излегува на површина? Таа дека ако недостига макар еден дел од тоа свето тројство човекот е онтолошки сериозно оштетен. Во таквата ситуација тој е болно битие. Да. А кај нашата политичка елита, која ја зедовме како образец за оваа психоанализа и ја гледаме воленс-ноленс катаден на екраните до мачнотија целата оваа тријада на изворната, божја морална норма е распадната. Ја нема. Тие немаат ни грев ни срам, а ни страв што се однесува до народот, кој е речиси патолошки кроток и апатичен, освен страв од смртта како и сите живи суштества. Ама и од неа се далеку оти мислат дека политиката со сета нејзина перверзија за која се мајстори е сестра на вечноста, а се далеку и затоа што немаат ни когнитивен капацитет филозофски да ја промислуваат неа како суштински дел од животот, без која тој можеби би бил и бесмислен како што се бесмислени и тие. Така, иако е смртта само на чекор од нив и само што не затропала на нивната врата, а тие немаат ништо што да понесат на небото, бидејќи таму нивното богатство натрупано од крвта и солзите на народот не вреди ни пет пари.
Тие немаат ни грев, ни срам, ни страв за она што го прават. Не се срамат, ниту знаат дека синонимен збор за срам е зборот образ. Така и народот за некој што нема срам вели: „нема образ“, оти, пак, зборот образ буквално значи лик-лице. Во таа смисла и во Светото писмо на самиот почеток се вели: „И Бог го создаде Адам (човекот) според сопствениот образ“. Односно лик. Но според она што го прават тие од нашата влада и власт немаат образ со кој би ја демонстрирале како својата човечка така и својата божествена природа. Од таквите како нив најмногу се плашел Достоевски, иако ги овековечил во своите романи, а неговиот шпански близнак Гоја во своите страшни каприча. Тоа се нарциси без лица. Тие ја минале секоја гранична линија на моралните норми. Нивната perpetuum mobile енергија е само неограничената лакомост и ништо друго, мајстори да му ја дерат кожата на народот, онаа што и Свети Вартоломеј му ја покажува на Исус Христос како доказ за страдањето на сиромасите на сликата на Микеланџело, „Страшниот суд“, во Сикстина во Рим.

Не претерувам, како што би можел да помислиш, драг читателу. Не. Пример над примерите за тоа е случајот со нивниот Уставен суд (оти се покажа дека не е народен и не разликува право од правда), кој искастри со својата груба секира неколку параграфски гранки од правното дрво, со што овозможи само тие да лапаат од неговите плодови, оставајќи го народот настрана да се храни како и досега само од лебот на својата сиромаштија. Нив тој Страшен суд, кој нема врска со истоимениот на Господ горе, им ја покачи платата за цели 78 проценти, а на преостанатиот народ тоа во панталоните. Тоа е легален, законски грабеж во таков обем едвај познат само некаде во некои тоталитарни системи во Јужна Америка или Африка. Да. И никој од таа голема камарила од елитата од Владата до општинските владини бирократи, кои македонската сиромаштија ќе ја чинат над петнаесет милиони евра годишно, не почувствува ни најмалку грев или срам, архетипските чувства според кои се одредува дали некој е божјо или антибожјо создание. А да се најдеше меѓу сите тие ништодуши, драг читателу, барем еден што ќе истрчаше на сцена пред јадосаниот народ и ќе речеше: „Тоа е срам, тоа е грев, тоа е безбожништво“, верувај ми народот ќе го прогласеше за национален херој. Но не се најде таков јунак. И можеби проблемот тука не е само до немањето елементарно чувство на грев и срам туку и до немањето елементарна интелигенција. Толку многу ја уништила неа нивната лакомост. Па ние тоа го видовме и на екранот кога тие ја демонстрираа сета своја духовна и морална беда пред новинарите со еден цинизам како единствен нивен квалитет.

Таа жална демонстрација на духовна беда ја гледавме заедно со еден мој пријател, кој во еден момент купчето од бедната елита, лицата без образ во него ги дефинира како идеални за „Животинската фарма“ на Орвел. Рече: „Види оној во средината е идеална свиња“, на што јас го прекинав: „Пријателе, извини им се на животните, оти тие се невини и поблагородни од нив. Тие се полни со Бог, но се несвесни за него. Тоа убаво го знаел и прекрасниот Франческо од Асиза (некои го викаат Св. Фрањо Асишки), кој на волкот му се обраќал со брате, а на срната со сестро, како и на птиците и рибите, па и на ветерот кого исто така го сметал за брат.“
И тука, нека е за арно, завршуваме драг читателу, оти оваа приказна за безбожноста на безбожниците е долга, и подолга од 1.001 ноќ на Шехерезада.