Нешто е гнило… во Брисел!

Во онаа Европа, онака како што Аденауер ја замислуваше, европската интеграција требаше да ги спречи и да ги ограничи радикалниот национализам, шовинизам и иредентизам. Но денес, европската интеграција не само што не ги спречува радикалните етнонационализми туку, напротив, ги толерира и поттикнува. Некој може да запраша… како тоа европската интеграција поттикнува и толерира екстремен национализам?

Нефункционалноста на Брисел е очигледна, но тука не говориме за начинот на донесувањето на одлуките во Европската Унија, туку за нешто друго, нешто посуштинско. Нештата се гнили во Брисел затоа што Европската Унија се наоѓа во идеолошка егзистенцијална криза, криза што може да го разурне сонот за обединета Европа. Некој може да нѐ прекори дека сме антиевропски настроени, но нашето искажување е засновано на факти, а пред фактите и боговите молчат.
Зошто Европската Унија се соочува со идеолошка криза? Одговорот на ова прашање е многу едноставно. Затоа што ги напушта своите идеолошки принципи! Во темелите на европската интеграција се соработката и помирувањето, а Конрад Аденауер велеше дека европската интеграција е неопходна, бидејќи помага во надминување на историските конфликти, како на пример германско–француското непријателство. Аденауер, како еден од татковците на модерна Европа, не случајно нагласуваше дека долгорочното надминување на германско–француските спротивставувања и изградбата на односите врз основа на пријателството се можни само со европското поврзување, поврзување преку соработка и помирување. Конрад Аденауер исто така веруваше дека европската интеграција е средство за спречување на радикалниот национализам, средство што ќе овозможи безбедност, слобода, суверенитет и рамноправност.
Во онаа Европа, онака како што Аденауер ја замислуваше, европската интеграција требаше да ги спречи и да ги ограничи радикалниот национализам, шовинизам и иредентизам. Но денес, европската интеграција не само што не ги спречува радикалните етнонационализми туку, напротив, ги толерира и поттикнува. Некој може да нѐ запраша како тоа европската интеграција поттикнува и толерира екстремен национализам? Ете, така!
Во суштински моменти за европската интеграција во вистинска смисла на зборот, Германија и Франција, како крепоста на обединета Европа, за да обезбедат мир во европскиот двор, молчеа и сѐ уште молчат пред избликот на екстремниот национализам. Берлин и Париз молчеа пред апсурдните барања на Атина за промена на името на нашата држава, а сега аминуваат пред бугарските апсурдни барања и уцени. Зар мора да потсетиме дека молчењето е одобрување.
По потпишувањето на Преспанскиот договор, бугарската политичко-општествена елита во екстаза постојано повторуваше и сѐ уште повторува дека не постојат Македонците, македонскиот јазик е бугарски дијалект, Македонија е бугарска земја и сѐ така до бесконечност. И што се случи на крајот? Францускиот претседател, Емануел Макрон, ни нагласи дека бугарските барања мора да добијат правда!
Затоа денес, многумина македонски интелектуалци што во минатото јасно и недвосмислено ја поддржуваа европската интеграција се критичари на Брисел и го осудуваат начин на кој нашата држава би требало да ги започне преговорите. За жал, би требало, затоа што тоа е условено од промената на нашиот устав, а членството во Европската Унија од историската комисија. Каков апсурд!
Софија постојано се закануваше и уценуваше дека нема да дозволи нашата земја да започне преговори доколку не бидат прифатени бугарските националистички и шовинистички барања. Берлин и Париз молчеа, а европските интелектуалци ни велеа да направиме компромис, како што направивме со Атина. Сосема логично се поставува прашањето, каде се соработката и пријателството во македонските интеграции. Никаде.
Да завршиме се гнилоста во Брисел. Германија и Франција водени од внатрешните интереси молчеа пред Атина и краткорочно си го обезбедија внатрешниот мир. Но долгорочно ги поткопаа темелите на Европа. Непочитувањето на пријателството и соработката се во противречност со европските слободарски вредности. Всушност, толерирањето на екстремниот национализам и радикализам, кои се антитеза на демократска Европа, е причина за европската идеолошка егзистенцијална криза. Затоа Европската Унија не се движи во вистинскиот правец.