Немоќта на ВМРО-ДПМНЕ

Не може да се оспори вистината дека ВМРО размислува критички, дека се труди да ѝ ги најде слабите точки на власта, но проблемот е што не покажува способност и писменост да ја состави и да ја дораскаже приказната докрај. Сѐ нешто почнува, ништо докрај не завршува, ги остава нештата да висат на конец без конечен исход. Применуваната партиска тактика на тргни-застани, на топло-ладно, може – не може, сакаме – не сакаме, вети – не исполни, нова влада – нови избори не донесе очекуван ефект, не барем видлив, освен резултатите во неубедливите анкети на јавното мислење. Пука често и рафално, погодува многу ретко. ВМРО-ДПМНЕ влакното го менува, кожата не ја менува, иста му останува…

Пред дваесетина години, Влатко Ѓорчев, тогаш разгорештен млад неореволуционер од ВМРО-ДПМНЕ, сега среќен и удомен татко на четири деца, ревносно сликаше и во медиуми објавуваше фотоси од куќи, фасади, балкони од станбени згради, дворови, викендички и автомобили на функционери или членови на СДСМ за да докаже дека тие лажат и крадат и дека и во такво удопство може да имаат вошки.
Деновиве, речиси две децении подоцна, неговата партија објавува афера под кодното име „Тајни сметки“. Од неа, според портпаролите, можело да се види како власта, односно функционери на СДС и на ДУИ на различни позиции поседуваат таен имот. На списокот што го поседува партијата имало бележани куќи, станови, викендички и деловни простории што се скриени од очите на јавноста.
Низ сликање, следење дење и ноќе, низ катастарски и имотни проверки на самото место, низ запишување регистрации на автомобили, низ високоразвиено политичко воајерство без жолти комбиња, ВМРО ги утврдило и ги поседувало деталите за кои усно и писмено гарантира дека се точни и неотповикливи. На овој список се нашле државни функционери, претседатели на комисии, директори, раководни луѓе на институции. На црната листа биле запишани 123 именувани функционери на државни позиции што кријат имот вреден 30 милиони евра. Уште на самиот почеток во исчекувачка возбуда олеснето би воздивнале трагачите по живи и мртви души, би се радувале уживателите на туѓите несреќи.

Ај, да видиме кои се тие луѓе што заработиле милиони работејќи криминално, што го оштетуваат буџетот, што го уриваат системот и не дозволуваат Македонија да тргне напред кон Европа. Едночудо имиња, просто да се чуди човек кои се. Еве, да споменеме само неколку од тие „великани“ на криминалот, митото и корупцијата поради кои државата страда и владее сиромаштија во неа.
Имот криел директорот на ЈП „Македонски шуми“, некојси Валентин Груевски. Имено, од претходниот анкетен лист на Валентин можело да се види дека поседува куќа во Битола и автомобил „фолксваген голф“. Неговиот брачен другар, што значи жена му поседувала куќа во Ресен, односно во Курбиново. И толку. Замислете кое ексклузивно место е преспанско Курбиново во кое земјата не вреди ни пет пари квадрат, село не што нема вода туку нема ни луѓе. А каков криминален грев прави некојси таму расипник со име Новица Печински, член на Управниот одбор на Здравствениот дом – Берово, кој исто така е на листата функционери што кријат имот. Според истражувањето направено од партијата, се дошло до сознание дека крие голема куќа во Берово и автомобил „фолксваген“, кои се на негово име. Види богати, куќа што е на виделина и што можело да ја види секој беровчанец била големо богатство што го криел овој сдсмовски великан со презиме Печински.
А замислете го примерот со Ана Марија Павиќ, која е именувана за член на Управниот одбор на Прифатниот центар за баратели на азил и не поднела анкетен лист. Таа на сопствено име луксузна лимузина „ауди А5“, а остатокот од имотот е на нејзиното семејство. И овде толку од богатството. Криминалци од висок ранг, штетници по судбината на државата да ти биле и директорот на Инспекторатот за транспорт, Гајур Рушити, Ташко Дојчинов, државен правобранител за подрачјето на Гевгелија, Васко Стефанов, директор во Пошта и ред други споменати лица што не се познати подалеку од својата улична адреса.

Леле, леле, кои големи фактори, кои големи риби биле на црниот список на ВМРО-ДПМНЕ, кои биле подривачите и уништувачите на економскиот, правниот, законодавниот, морално-политичкиот систем на Република Северна Македонија, државата што партијата не ја признава под уставното име. Но не е за чудење: списокот си ја држи македонската традиција, според која, во мрежата секогаш да се фаќаат само ситните риби. Само тие остануваат на суво. Големите риби седат удобно во фотелјите, се занимаваат со политика, со големи бизниси, потпишуваат штетни договори, крадат на ангро, земаат високи проценти, бегаат во егзил во Будимпешта или во Струмица или, пак, по извесно време се враќаат назад во државната вода за да биде поматна.
Ако се проценува реално, не по тоа дали си за ВМРО или за СДС, не може да не се дојде до заклучокот дека оваа „голема афера“ може да се смести во богатиот регистар на партијата каде што се архивираат нејзините ќор-фишеци. Ако од почнатата кампања се извади политичката заднина, таа не би се оквалификувала никако поинаку, освен како изблик на ситнодушна малограѓанштина, на рекла-кажала и да му умре кучето на комшијата. Ова е уште едно пукање во празно во немоќ да се стигне до вистинскиот пат во натпреварот со главниот политички конкурент – СДСМ. Не биле случајни трачевите дека со вакво ВМРО партијата СДСМ ќе владее уште сто години. Или раширеното мислење дека СДСМ ја црпи силата од слабоста на ВМРО-ДПМНЕ.
Не може да се оспори вистината дека ВМРО размислува критички, дека се труди да ѝ ги најде слабите точки на власта, но проблемот е што не покажува способност и писменост да ја состави и да ја дораскаже приказната докрај. Сѐ нешто почнува, ништо докрај не завршува, ги остава нештата да висат на конец без конечен исход.
Применуваната партиска тактика на тргни-застани, на топло-ладно, може – не може, сакаме – не сакаме, вети – не исполни, нова влада – нови избори не донесе очекуван ефект, не барем видлив, освен резултатите во неубедливите анкети на јавното мислење. Пука често и рафално, погодува многу ретко.

Од големата победа на локалните избори, ова време минатата година, кога ги освои сите поголеми општини во државата, партијата нема материјализирано речиси ништо по тој неверојатен успех. Изневерени беа очекувањата дека тоа е знакот што се чекаше да падне власта. А не падна, се зацврсти. Нема да биде невистина ако се рече дека таа добиена предност не ја претвори во вредност. Да ги имаш на располагање најголемите градови, да ги имаш во џеб тие добиени гласови, а да бидеш во политичка шах-мат позиција од актуелната власт е или немање идеи за влечење вистински потези или шаховско слепило што оневозможува да го видиш вистинскиот распоред на фигурите.
Сигурно дека ВМРО е свесно оти предноста се топи, дека СДСМ и по заминувањето на Заев вешто ги користи сите гафови и се однесува омаловажувачки, потценувачки, со иронија и со потсмев. Таков однос имаат и кон самата партија и кон нејзиниот лидер, во кого не гледаат конкурент што може да им ги расипе сметките, јавни или тајни. Затоа нивните трубадури дишат слободно и настапуваат победнички, да не се рече триумфално, иако политички голи и боси.
Најизразит пример за практичната немоќ на партијата е судирот со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Тој случај е типичен пример како една романтичарска заблуда може да се претвори во сурова стварност. Како во народните песни каде што воспеваната љубов по кратко време, пред бракот или по него, се претвора во тешка измама и омраза.

Во денешните политичко-локални околности што го опкружуваат не само Градскиот парк туку и широкото скопско подрачје, СДСМ, кој катастрофално ги изгуби изборите, сега се чувствува и се кити со перје на победник. ВМРО-ДПМНЕ, кое убедливо ги доби изборите, сега е како соголен сокол кому му се искубани пердувите. Држи место прашањето дали не се шири таквото чувство и низ целата држава.

[email protected]