Не оставајте ме сам

Денес, како што ми изгледа, Европската Унија е многу подалеку за нас од 2030 година, за која власта се напали како мало дете на понудено лижавче. Без оглед колку и да е гласна и да шири нереален оптимизам, оваа влада заборава, не знае или не сака да види дека институционалната архитектура на ЕУ е гломазна и има потреба од приспособувања што може сериозно да го забави процесот на проширување

Tолку беше од пакетот. Се распакува. Разделбата очигледно стана неминовна. Што би рекол Еди Рама: „Апсурдното заложништво на Албанија заврши“. И не само што заврши туку нашите патишта со Албанија природно се разделуваат. Претседателот на Aлбанија не гледа веќе причина да бидеме заедно на патот кон ЕУ. И тоа е природен процес со оглед дека двете држави ги отворија пристапните преговори со Европската Унија. Секако ако ја слушате власта. Ако ги читате соопштенијата и заклучоците на ЕУ, Албанија ги отвори пристапните преговори, ние ќе почекаме да го смениме Уставот, прво. А потоа којзнае. Може ќе треба да задоволиме уште нечии други желби пред реално да ги отвориме пристапните преговори. Можеби уште нешто остана за брусење – покрај шахтите. Којзнае.
Албанија беше поврзана со Македонија во нејзината сопствена кандидатура за членство во ЕУ, така што напредокот во планот за пристап на државата, исто така, ја отклучи кандидатурата на Тирана за ЕУ, со потенцијално пошироко влијание за проширување во целиот Западен Балкан. Така би требало да биде. Како ќе биде не знаеме. Знаеме дека проширувањето, барем на хартија, останува водечка надворешна политика на ЕУ, но ЕУ е сè помалку подготвена да го продолжи. И покрај притисокот што произлегува од руската војна во Украина, Унијата не е во позиција да прими дополнителни членки од Западен Балкан, а камоли од Источна Европа. На сличен начин, се чини дека ниту една земја-кандидат не е подготвена да се усогласи со критериумите за пристапување кон ЕУ, или навистина да се погрижи дека нема да има демократско назадување во стилот на Унгарија и Полска откако ќе се постигне членство. „Геополитичкото“ проширување со Украина малку е веројатно сè додека војната беснее во оваа држава. Во такви околности, најдобрата надеж што ја имаме како држава е дека ЕУ ќе продолжи напред со продлабочување на интеграцијата на секторско ниво, особено за прашања како што се енергијата и климата, како и за услугите и дигиталната транзиција. Таквиот модел ќе донесе некои економски придобивки за сите страни без да ги одржува очекувањата премногу високи и да ризикува големо разочарување. Нас веќе ништо не може да нѐ разочара, барем што се однесува до надворешната политика и пристапувањето во ЕУ.

Разочарувањето е нашето ново реално. Тоа би било добро да го разбере власта и да намали со своето доживување и возбуда за условното отворање на пристапните преговори. Како тргнало во односите со Бугарија сѐ поголеми се шансите оваа нова блокада да трае и ние повторно да останеме во чекалницата на ЕУ. Затоа Албанија не сака да биде заложник на пакетот.
Украинското и балканското проширување се од витален долгорочен стратегиски интерес за ЕУ. Така пишуваат аналитичарите и тоа не е спорно. Сепак, предвидувањата се дека речиси сигурно ќе пропадне во блиска иднина. Тешко е да се реформира ЕУ за да може да внимава на шумата исто како и на дрвјата, бидејќи секогаш ќе има центрифугални сили против неа. За да се случат следното проширување и нашето пристапување, ЕУ и нејзините соседи треба да бидат подготвени за тоа. А ние да поднесеме уште една од којзнае колку нови жртви на тој пат. Денес, како што ми изгледа, Европската Унија е многу подалеку за нас од 2030 година, за која власта се напали како мало дете на понудено лижавче. Без оглед колку и да е гласна и да шири нереален оптимизам, оваа влада заборава, не знае или не сака да види дека институционалната архитектура на ЕУ е гломазна и има потреба од приспособувања што може сериозно да го забави процесот на проширување. Како што забележаа некои критичари по 2004 година, комисијата имаше повеќе членови отколку сериозни работни места. Исто така, креаторите на политиката не покажуваат апетит за промени во договорите. Дополнително, ЕУ мора да го доведе својот дом во ред кога станува збор за почитување на владеењето на правото. Конечно, потребна ни е промена на начинот на размислување. Можеби е само семантика, но ако Централна и Источна Европа, по деветнаесет години како полноправни членки, сè уште се нарекуваат „нови“, тогаш треба да почекаме да „пораснат“ пред да ги дочекаме новите. Ние пораснавме и остаревме чекајќи ја ЕУ, а сепак ќе бидеме чираци таму.

Не би сакал да го разочарам албанскиот претседател и неговите очекувања дека надвор од пакетот со Македонија го чека светла и брза иднина во ЕУ. Во сегашните геополитички услови, во пакет или без него, процесот, кој најверојатно привремено ќе ја замени идејата за проширување, ќе биде таканаречената прогресивна европска интеграција преку области на тесна соработка под знамето на ЕУ. Оди сега објасни им го ова на нашите фанатизирани ЕУ-следбеници дека за да функционира проширувањето, императив е да се има искрено антиципативно размислување за развојот на сегашните ограничувања. Желбите и површните пристапи на власта само ќе го загрозат проширувањето на среден и на долг рок. Всушност и нема што да биде загрозено во моментов. Освен нивните лаги, кои се историски, како и нивните постигнувања во процесот на интеграција во ЕУ.

Проф. Звонимир Јанкулоски