На Запад ништо ново

Секој октомври, на почетокот на првиот семестар, кога ги дочекувам новите студенти на предметот Политички систем, им поставувам неколку едноставни прашања. Дали следат вести? Дали читаат весници? Дали се интересираат за ТВ-дебати или колумни? Тоа е начин да им го почувствувам пулсот за тоа колку се заинтересирани за политичката стварност во која живеат или во нив лежи неразбуден граѓански потенцијал.
Но се фаќам себеси како со месеци ни самата не сум многу во тек со нештата: откако ќе ги завршам професионалните обврски, се свртувам кон прошетки во природа, книги, филмови и фудбал. Почнува да ми слабее дури и интересот за случувањата во врска со војната или дури и заканата од нуклеарен армагедон. Ова е класичен пример на ескапизам, бегање од претешката стварност и затворање во еден приватен меур на привидна безбедност. Ова е и резултат на очај, на чувство на поразеност и беспомошност пред лудилото што навлегува буквално секаде. Се чувствувам како јунакот на Ремарк од „Црниот обелиск“, кој мирот го наоѓа среде душевна болница – затоа што лудилото на нацизмот и милитаризмот царуваат надвор од таа оградена градина.
На темата за polites (активни граѓани) и idiotes (оние што не се „замараат со политика“, според нашиот жаргон) сум посветила многу колумни, но тие избледеле без трага. Но за разликата меѓу „граѓанинот на полисот“ што учествува во политичкото водење на заедницата и за оние што си ја гледаат само својата работа и задоволство често им зборувам на овие млади луѓе. На самото спомнување на зборот idiotes, по правило, низ предавалната ќе се пронесе гласна смеа. На ум прво паѓа секојдневното значење со погрден предзнак за луѓе што немаат умствени способности, кои се глупави, болни, неразумни. Но кога ќе им ја објаснам разликата и ќе ги прашам дали е idiotes секој од нас кога дозволува во политиката одлуки од витално значење за нашиот опстанок да носат наводни polites, поточно „идиотски политичари“ (во смисла на античката терминологија), настанува непријатна тишина. Поентата е дека граѓанскиот легитимитет преминал во рацете на луѓе што во политиката влегле заради личниот интерес и благосостојба, кои не му одговараат никому, дури ни за криминал и злосторства, а мнозинството го третираат како да се група идиоти (во буквална смисла) што не гледа подалеку од носот. Да биде уште пострашно, зборувам за глобалната состојба, а не за Македонија.

Ах, Ремарк! Моите студент едвај слушнале за Орвел или за Хаксли, па јас им ги нудам како „субверзивна“ литература за да можат полесно да го сфатат времето во кое (ќе) живеат. За среќа, меѓу нив има и љубопитни, мисловни и активни суштества, за кои организираната посета на касарна со војничко гравче на крајот не е професионален предизвик или извор на возбуда. Моите блиски, кога сум очајна, ми велат: „Не барај многу, доволно е да ’расипеш‘ (во сократовска смисла) барем неколкумина во генерацијата!“ Туку, да се вратам на Ремарк, кој исто така не е застапен во лектирите на новите генерации. (Не се виновни што живеат во време кога пацифисти како овој германски писател се сметаат за путинисти). Неодамна излезе филмуваната верзија на романот „На запад ништо ново“, која ја изгледав во едно тешко попладне додека стигнуваа ужасни вести од новиот фронт. Гледате филм за голобради момчиња што со радост облекуваат војнички униформи и заминуваат во калливите ровови и крвавите полиња, а не можете да се ослободите од мислата дека и сега, во овој ист момент, тоа им се случува на илјадници млади луѓе – и не само во Украина! Иако романот сум го читала како тинејџерка, гледањето на филмот ми создаде неверојатна мачнина и на крајот се преточи во рој солзи, кои не можев да ги запрам пред сцените на апсурдноста на војната (од која човештвото не научи ама баш ништо).
Филмот им го препорачав на студентите (заедно со романот), без оглед што „ние сме НАТО“. Бидејќи НАТО, според мене и таквите како мене, никогаш и не бил сила на мирот. Како што денес велат дури и стари реалисти како Кисинџер и Мершајмер, Русија е таа што ја започна воената инвазија, но НАТО е тој што со години работеше на таквото сценарио со цел да се судри со ривалот на туѓа територија (прокси-војна). Овде немам простор за поширока елаборација, но мислам дека кусиот заклучок (главниот јунак загинува токму во моментот на стапувањето во сила на примирјето/крајот на војната) во одјавата на филмот: „Набргу по започнувањето на непријателствата во октомври 1914 година, Западниот фронт замрзна во позиционо војување. До крајот на војната во ноември 1918 година, линијата на фронтот едвај и да се помрдна. Преку три милиони војници загинаа тука, најчесто додека се бореа да освојат неколку стотици метри. Околу 17 милиони луѓе го загубија животот во Првата светска војна“.

Ако се потрудите да го прочитате делото, познато како еден од најголемите антивоени романи во светската литература, во воведните редови ќе наидете на овие зборови на Ремарк: „Оваа книга не е ниту обвинување ниту признание, а најмалку авантура, зашто смртта не е авантура за оние што гледаат во нејзините очи. Таа е едноставен обид да се раскаже за една генерација, која дури и ако ги избегнала гранатите, беше уништена од војната“. Големиот мировен филозоф Бертранд Расел ќе каже: „Војната не одредува кој е во право, туку кој ќе преживее“. Во сличен дух, поетот Григор Витез ќе ја напише песната со наслов „Епитаф на војникот кој падна во мигот на потпишувањето на примирјето“. Да се обидам да преведам неколку стихови, кои се однесуваат на сите за кои бијат камбаните и тогаш и сега: „Веста леташе побрзо од птица, побрзо од ветрот, побрзо од молњата. Гугукаше од среќа во етерот. И стаса предоцна. За оние што паднале е секогаш предоцна… Веста требаше да се прати многу, многу порано, пред да почнат да паѓаат мртви“. A многу поодамна, и Платон знаеше дека само мртвите го виделе крајот на војната.
Сите ние живееме со војната, со траумите што таа ги носи, не само на бојното поле туку и многу подалеку од него. Ние сме сите оштетени генерации, дури и ако не сме доживеале некаков светски судир во текот на животот (за жал, доживеавме „мал конфликт“ ама бргу завладеа култура на заборав). Живееме со милитаристичка култура што негува наративи за херои, за јунаци на бојното поле, иако и тие веројатно биле жртви на играта во која дебели генерали и фини господа, кои се познаваат, си играат со животите на млади и најчесто посиромашни луѓе, кои воопшто не се познаваат. Сте забележале ли дека денес најголема храброст е да сте против војната и да барате итни преговори, без оглед на тоа колку се „правични“? Така е од САД до Германија и Јапонија, за жал. Оваа „филозофија“ навлегува и на универзитетите, па не би ме чудело по вкусното војничко гравче да почнат агитација и регрутација од школските клупи, онака како што на тоа посведочил и Хауард Зин за време на Виетнамската војна. Кога застанал на страната на студентите што барале војската да излезе од универзитетот, не само што добил ќотек туку и ризикувал да ја изгуби работата.

За неколку дена, токму на 11 ноември во 11 часот, повеќе европски нации со минута молчење или ознаки во форма на црвени булки во реверите, ќе оддадат почит за загинатите од Првата светска војна – одбележувајќи го Денот на примирјето (кое потоа довело до договорот за капитулација на Германија). Штом ќе завршат ритуалите, ќе се свртат кон бизнисот и кон астрономските воени буџети и планови за „одбрана“ на западните вредности под команда на Империјата што им продава оружје. Ако мислите дека Првата светска војна е завршена, па и Втората, се лажете. Бидејќи во тек е „загревањето“ за третата… Идиотски политичари, запалени (божем активни) граѓани и политички идиоти ги заземаат местата на шаховската табла. Некои нови клинци не знаат дека веќе им се сошиени шинелите…