Лична хигиена
Со сите поскапувања, сепак народот внимава на личната хигиена. Можеби нема за скап парфем како политичарите, ама колку за сапун – има. Притоа, се заборава дека во лична хигиена, покрај хигиената на телото (особено „критичните места“: пазувите, препоните, стапалата, рацете и забите), спаѓа и хигиената на јазикот. Најнечист и „најнебањат“ (ужасна „демократска“ навреда за народот!) е оној што има валкан јазик.
Свесни ли сме што и како говориме? Старите рекле: чист јазик – чиста душа. Валкан јазик – валкана душа. Ако се погледне говорот на политичарите, излегува дека тие се „најнебањатите.“ Мудреците велат: господар си на оние зборови што не излегле од твојата уста, а роб на оние што веќе излегле.
Затоа, зауздајте го јазикот, добро размислете пред да изговорите нешто. Ако изговорите гнасотија (а не се извините), цел живот ќе останете роб на гнасотијата.
Време на лажно претставување
Неодамна читавме за случај во кој сопругата на некој наш амбасадор се претставувала како културен аташе, а не била тоа. Читавме дека во САД маж ја претепал сопругата, зашто дознал дека му се претставила како жена, а всушност била маж што променил пол. Читавме дека некој младич се претставил како трговец со станови, ветувајќи им на луѓето евтини покриви, па „ги олеснил“ за илјадници евра. Сè уште се ежавиме на случајот со малолетниот масовен убиец во основното училиште во Белград: тој се претставувал како мирно, воспитано и ментално здраво момче, а неговото семејство за примерно и угледно.
По социјалните мрежи маса луѓе пишуваат гадости за други луѓе, под псевдоним, лажно претставувајќи се. Грците се претставуваат како единствени наследници не само на хеленизмот туку и на Александар Македонски, а Бугарите за единствени и ексклузивни потомци на Кирил, Методиј, Климент, Наум…
Изгледа дека живееме во свет на лажни претставувања. Порано за тоа се одеше во затвор, а денес само малолетниот убиец и измамникот со лажните станови се зад решетки. Дали целото човештво веќе треба да се прогласи за затвор и лудница, без бодликава жица? Така нема да се трошат пари за жица и решетки низ кои секој може да излезе кога сака и да стигне до врвот на општеството.