Фото: Макфакс

Сметам дека е најважно на граѓаните да им овозможиме избор на квалитетни, добри кадри на судии, најмалку е важно од која националност се, изјави претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев, во интервју за МИА.

На прашањето во врска со функционалноста на Бадентеровиот принцип при изборот на судии, претседателот Георгиев посочи дека по повеќе години откако е воведен принципот во Собранието, а подоцна и во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители, време е да се најде некое друго законско решение.

– Сметам дека застапеноста е нужна и потребна во ваквите тела, како и во Судски совет, но, од друга страна, дали е тоа правилно и добро решение за сите овие 20 години и во иднина да се применува тој начин со гласање при избор на судии, јас сметам дека е најважно на граѓаните да им овозможиме избор на квалитетни и добри кадри судии, најмалку е важно од која националност се – рече Георгиев.

Според него, во скоро време би требало тоа да биде предмет на размислување, односно, како што вели, да се изнајде начин како да бидат застапени сите националности, а од друга страна, да не биде пресудна националната припадност за одреден избор.

– Во пракса го споредувам тоа како кога некој пациент ќе оди на лекарски преглед и го бара најдобриот лекар и не прашува од која националност е лекарот. Важно е и судиите да бидат добри познавачи на правото и на законот, а од друга страна, да бидат со свој интегритет, да имаат доверба во средината каде што работат, а најмалку е важно прашањето од која националност се. Така што, во догледно време сметам дека би требало тоа да биде предмет на размислување во смисла да се изнајде начин како да бидат застапени овие националности, а од друга страна да не биде пресудна националната припадност за одреден избор – вели тој.