Градот на светлината

Ако го пропатуваме целиот свет, кога би оделе низ безброј градови со грандиозна архитектура, сепак единствено во Скопје ќе го почувствуваме тој волшебен благослов од бога, преку светлината и топлината на сонцето. Да, во овој град чиниш топлината е предуслов за постоењето, а светлината е сеприсутна. Никој друг град нема да ве восхити со својата нежност и на таков уникатен начин како што ќе го направи тоа Скопје. Таму удолу реката Вардар, таму угоре планината, од едната страна Матка и манастирот на Успението на Пресвета Богородица, прошаран со цветни ливади и силни карпи како да ни проговорува нашата духовна мајка – дека во животот сѐ ќе помине, освен убавината и светлината на љубовта. Таму, во Скопје, ќе ги видите брзаците на кањоните, во убавините на водата ќе сакате долго да се огледувате.

Постојат градови и градови, оние што се тука заради неколку илјада жители, заради раскрсници и семафори, градови на некоја случајна општина. Но, ретки се оние што иако се мали, ги опејуваме во романсите или се дел на биографиите на славни поети, сликари, актери и драматурзи, а градот е нивната главна инспирација.
Ноќите во Скопје се толку ѕвездени и постојано се запрашуваме кои се тие луѓе што живеат тука. И бог како постојано да ми го упатуваше во мојата душа оној светлечки восхит, затоа што токму тука бев родена. Среќни се луѓето под овој небесен свод размислував, среќата тука е очигледна, таа е интензивна во мирисот на свежите утрински роси, дивите јунски цреши, воздухот е леплив и топол од љубовта. Снежните ноќи се оние најраскошните во Скопје, кога градот тоне во златна блескава убавина. Само тука снегулките високо танцуваат под небото, а секоја од нив е обоена со радост.
Чудни приказни за волшепства раскажува овој град. Често се навраќам на онаа кога во далечната 1689 година Скопје било опфатено со смртоносната епидемија на колера. Во тие далечни векови градот бил запален и горел во пламени јазици, но колерата не запрела. Така, Скопје му ги предаде на огнот зградите со најубави мермери, украсите од злато на кои и далечниот Рим би им позавидел. Скопје сепак не изгоре и не се стори во пепел, ниту во нашето поблиско минато, кога го зафати силниот замав на земјотресот. Скопје секогаш беше под божествена заштита, како ангелите водени од Богородица да го чуваа од вечна заборав и целосно пропаѓање.
Ако го пропатуваме целиот свет, кога би оделе низ безброј градови со грандиозна архитектура, сепак единствено во Скопје ќе го почувствуваме тој волшебен благослов од бога, преку светлината и топлината на сонцето. Да, во овој град чиниш топлината е предуслов за постоењето, а светлината е сеприсутна.

Никој друг град нема да ве восхити со својата нежност и на таков уникатен начин како што ќе го направи тоа Скопје. Таму удолу реката Вардар, таму угоре планината, од едната страна Матка и манастирот на Успението на Пресвета Богородица, прошаран со цветни ливади и силни карпи како да ни проговорува нашата духовна мајка – дека во животот сѐ ќе помине, освен убавината и светлината на љубовта. Таму, во Скопје, ќе ги видите брзаците на кањоните, во убавините на водата ќе сакате долго да се огледувате.
Таму, на другиот крај од градот, достоинствено се исправени волшебните падини на Водно, каде што се наоѓа црквата „Раѓањето на Пресвета Богородица“, на чија средина на врвот се издигнува крстот, како симбол на победата и љубовта низ страдањето. Симболот на достигнувањето на бога низ постојаниот од кон спасението.
Колку е прекрасно чувството кога ја гледате смарагдната река крај Матка, чиниш во отсјајот на сребрените огледалца е одразот на сопствената душа, како во нив да потонуваш, го ослушнуваш чукањето на срцето и сите периоди во животот се споиле, а времето не постои, тука го слушаш гласот на животот и на вечното постоење со благодарност кон оние што го напуштиле овој град, а толку ги љубевме. Таа река како да шепоти, како токму таму да го наоѓаме вечниот мир и спас. Таму како да се отвора вратата на една нова стварност во која сите желби стивнуваат, сите копнежи како да немаат смисла. Токму на тоа место кришум ѕиркаме во вечното небесно царство и само се прашуваме како да останеме тука и отаде да го гледаме светот во кој е несфатливо како се најдовме. Ниту сјајот на тревата, ниту шумот на лисјата не трепери со толкава светлина како што тоа можеме да го видиме во Скопје.
Во сликата на Скопје – градот на светлината иако нѐ напуштиле луѓето блиски на нашето срце, сепак како трајно да се меморирани во магијата на топлината. Длабоко ги чувствуваме, а тие нѐ милуваат со своите раце и како да сакаат да ни кажат дека тука вечно со нив ќе останеме. И тоа не е само пуста тага туку еден завет дека во светлосниците зраци на ова наше сонце вечно ќе го гледаме нивниот лик низ спомените, низ мемоарите на детството, низ скопските фонтани, паркови и улици.

Скопје како да ни ја подаваше својата светлосна рака и кога за првпат се вљубувавме и возбудено шетавме по улицата Максим Горки, која до ден-денес ја шири таа возбудлива опојност на доцните пролетни цветови и кога гранките натежнати од нив – со свежината и топлината ни ги милуваа срцата. Да, тие улици на вљубените никогаш не се забораваат, а овој град ја памети токму таа миризба. Во Скопје, како на ниедно друго место, живеат боите на годишните времиња, а јас толку живо се сеќавам дека пред Божиќ и Свети Никола мајка ми ќе нѐ разбудеше и возбудено велеше: Станете, паднал голем снег, децата направиле голем снешко. И навистина снегулките на мојата скопска улица високо танцуваа на небото, а секоја од нив беше обоена со радост. Потоа јас и сестра ми пиевме какао во оној посебен порцелан, кој се чуваше само за празниците, а моите кафе, и возбудено ги планиравме светлите празнични деновите што доаѓаа.

А таа емоција тука останува и не се прелева во болка, ниту во тага, туку во еден копнеж повторно да ги слушнеме златните шумови на скопското сонце, кое ни шепоти дека тие не нѐ напуштиле, иако животот одминува, а тој изгубен рај никогаш нема да се врати. Сепак, во овие градски светлини срцето е исполнето со една радосна сета, една надеж дека отаде хоризонтот со нив повторно ќе се најдеме на некои нови улици, некои чудесни цветни градини и под некои нови виножита. Во мрежата на постоењето денес секој од нас како поединечно да ги фаќа за себе спомените на овој чудесен град, град што раскажува неповторливи приказни за нас, за нашите родители кога нѐ милуваа во прегратка, кога паѓавме од првите велосипеди што мирисаа на нови гуми, мирис измешан со боите на земјата на нашиот градски парк.
Скопје како да ни ја подаваше својата светлосна рака и кога за првпат се вљубувавме и возбудено шетавме по улицата Максим Горки, која до ден-денес ја шири таа возбудлива опојност на доцните пролетни цветови и кога гранките натежнати од нив – со свежината и топлината ни ги милуваа срцата. Да, тие улици на вљубените никогаш не се забораваат, а овој град ја памети токму таа миризба. Во Скопје, како на ниедно друго место, живеат боите на годишните времиња, а јас толку живо се сеќавам дека пред Божиќ и Свети Никола мајка ми ќе нѐ разбудеше и возбудено велеше: Станете, паднал голем снег, децата направиле голем снешко. И навистина снегулките на мојата скопска улица високо танцуваа на небото, а секоја од нив беше обоена со радост. Потоа јас и сестра ми пиевме какао во оној посебен порцелан, кој се чуваше само за празниците, а моите кафе, и возбудено ги планиравме светлите празнични деновите што доаѓаа.
Во Скопје повеќето од нас ги славеа своите најзначајни датуми на животот, датуми останати во сликите на сеќавањата, но без кои овој живот и без мирисот на овој град би изгубиле значење. Спомените скриени во срцата како да стануваат неми докази на промените. Се сеќавам на моите гимназиски денови на „Матиник“, на дискотеката во парк, „Хардрок“. Се сеќавам дека во овој град пролеав милиони солзи во тажните настани што го чинат живот, но Скопје, мојот дом, остануваше исто, ме милуваше со светлината, ми даваше надеж со топлината и љубов помешана со убавината.
Да, Скопје е токму тоа – градот на светлината, градот на домот и топлината, град што низ сите разурнувања, палења и низ ветриштата на војните, повторно се раѓаше како феникс и на тој начин стана легенда на победата.
Затоа нашата задача е, еве, како оваа убава ноемвриска вечер на роденденот на Скопје, ние постојано да го опејуваме, за него да пишуваме и да го воздигнуваме како што и тој нас несебично ни ги даруваше и ни ги дарува сопствените светлини.
Да, јас акцентот би го ставила на она постојано.

Мимоза Рајл