Македонската надворешна политика: архитектура на илузијата

Големата заблуда на нашата надворешна политика, особено на нејзините креатори денес е што тие го гледаат светот како што сакаат да биде, а не како што навистина е. Или, за волја на вистината, тие не гледаат ништо. Ја гледаат сликата на светот што им ја проектираат други за нас, усвојувајќи некои нови извртени идеи за улогата на земјата во тој свет. Не сфатија дека се манипулирани од старите илузии за нашата позиција во изменетиот меѓународен систем

Животот е полн со илузии. На сите ни се потребни за да преживееме. Но не и на политиката. Особено не на надворешната. Нашата надворешна политика е калеидоскоп на испреплетени илузии. Последниве години, нашите „тишлери“ на надворешната политика беа заведени од збир на илузии за нашите надворешнополитички приоритети и начините на кои тие можат да бидат реализирани, кои нѐ однесоа во безизлезна авантура со името, историјата и добрососедството, од која не знаат, а веќе и не можат да излезат. Сега гледамe дека нивните илузии за надворешната политика на државата не ја преживеаја средбата со светот. Затоа оваа власт не обезбеди кредибилитет за проекцијата на надворешната политика на земјата, ниту поддржа засилено национално единство околу нејзините цели. Нивните илузии ги претворија во наша надворешнополитичка реалност. Поентата е дека надворешната политика на оваа власт од илузиите со кои живее стварно не ги разбира светот и неговите скриени намери за нас. Наместо да создаде рамка за одговор на непредвидливите односи меѓу држави, нашата надворешна политика продолжува да ѝ робува на илузијата дека некој друг ќе го обликува светот по нашите желби, или дека широките и невозможни гаранции на нашите стратегиски партнери ќе ги исплашат непријателите на Македонија.

Големата заблуда на нашата надворешна политика, особено на нејзините креатори денес е што тие го гледаат светот како што сакаат да биде, а не како што навистина е. Или, за волја на вистината, тие не гледаат ништо. Ја гледаат сликата на светот што им ја проектираат други за нас, усвојувајќи некои нови извртени идеи за улогата на земјата во тој свет. Не сфатија дека се манипулирани од старите илузии за нашата позиција во изменетиот меѓународен систем. Очигледно затоа поранешниот премиер и неговиот фејсбук-министер, новооткриен патриот, за надворешни работи не се раководеа од надворешнополитичката максима на претседателот Обама,: „Не правете се глупави“. Поглупи не можеа да бидат, да го променат името на државата и да потпишат токсичен договор за пријателство со Бугарија. А притоа, дополнително, не успеаја да ја акомодираат државата и надворешната политика во сѐ поагресивното и повеќедимензионално ривалство меѓу големите сили, нефункционалноста на мултилатералните институции и изменетата улога на САД во новиот светски поредок што се раѓа. Оваа смртоносна комбинација во меѓународните односи, дополнета со добрососедство по сфаќањето на власта, е без преседан и бараше фундаментално преиспитување на меѓународната политика на Македонија, бидејќи нејзините главни столбови – мултилатерализмот и специјалните односи со Соединетите Американски Држави и пристапувањето во ЕУ – се ослабени. Но, кој да го направи тоа?
Затоа оваа власт наместо да одговори на извонредните предизвици со кои се соочува државата на меѓународен план, ниту има намера, ниту знае како да изгради веродостојна алтернатива во надворешната политика, која би се засновала на бескомпромисна одбрана на националните интереси на земјата и на наметнување на нејзината независност на меѓународната сцена. Изгледа наивно е да бараме од сервилни политичари да водат таква независна надворешна политика, која претпоставува промена на парадигмата за Македонија навикната да се потпира на други за да направи тешки избори на меѓународната сцена.

Конкретно, независна надворешна политика значи напуштање на старите рефлекси на зависност и коленичење, кои значеа делегирање на стратегиските интереси на државата на нашите партнери однадвор. Време е да почне, пред сѐ, да размислува за себе. За да се направи тоа, потребен е тежок но неопходен процес на редефинирање на националните интереси на земјата. Ако воопшто некој во власта знае што е тоа и каде да ги бара. Зашто нема вечно друг да ни кажува кои ни се националните интереси и како да ги заштитиме. Поточно, да ни ги заштитат. Ако мислат дека старите гаранции се ефективни во светот што се менува, се лажат. Архитектите на илузиите во надворешната политика во услови на зголемен протекционизам, национализам и ревизионизам, во комбинација со климатските промени, војната во Украина, редефинирање на европската и светската геополитика, новата железна завеса што ја исцртува Путин низ Европа, не верувам дека ќе усвојат нови идеи околу улогата на Македонија во ваквиот изменет свет. Ќе продолжат да се прпелкаат во небулозите што ги креираа во односите на Балканот, особено со Бугарија, и толку.
Доцна е да се бара од оваа власт на заминување да развие слика за моменталната геостратегиска средина, да ги дефинира контурите на понезависна положба на Македонија во новиот свет што доаѓа и да се ангажира за да се постават темелите за нов стратегиски консензус околу надворешната политика. А без таков политички консензус, надворешната политика ќе остане она што е: извор на партизација, поделба и пресврт по секои избори. Изгледа на овие од власта толку им е капацитетот. Не смее веќе да им се дозволи да ја претставуваат државата, особено не во турбулентниот свет на односи меѓу државите. Помина времето на удобноста на минатото и безрезервната поддршка однадвор на сите глупости што ги правеа и направија со државава во надворешните односи. Време е некоја друга политичка опција да преземе оттука, напуштајќи ги досегашните илузии во надворешната политика и митовите за либералниот интернационализам, преиспитувајќи ја нашата нова и изменета положба во меѓународниот амбиент денес. Тоа е надежта за иднината на Македонија. Ако воопшто сѐ уште има надеж.

Проф. Звонимир Јанкулоски