Таа постигнуваше добри резултати уште во категоријата деца, годинава дебитира во ФИС-натпреварите, а ова што го направи сезонава е одличен резултат и јас сум многу задоволен од постигнатото. Практично досега и немавме девојче што толку брзо напредувало во скијањето, а очекувам во таков ритам да продолжи и понатаму. Од неа очекував да направи под 90 ФИС-поени, да биде меѓу првите 1.000 на ранг-листата, а таа направи многу повеќе со освоените 54,43 ФИС-поени во слалом и се најде на 590-то место, вели Иван Лесевски, кој го води Комитетот за алпско скијање во Скијачката федерација на Македонија

АЛПСКО СКИЈАЊЕ – ПО ЗАВРШЕНАТА СЕЗОНА

Младата 16-годишна македонска скијачка Јана Атанасовска на најновата ранг-листа на Интернационалната скијачка федерација (ФИС) во алпско скијање оствари напредок, што е резултат на успешните резултати што ги оствари изминатава сезона. Така, таа на априлската листа е 590-та во слалом со 54,43 ФИС-поени, а сезоната ја почна од 2.173-то место, односно напредуваше за 585 места. Во супервелеслалом таа е 932-та со 146,33 ФИС-поени, а во велеслалом е 1.154-та со 75,92 ФИС-поени (во скијањето колку помалку ФИС-поени толку подобро).
– Годинава од алпските скијачи најмногу очекувавме од Мирко Лазарески и Јана Атанасовска. Лазарески имаше скршеница на рамото, која ја доби на подготовките во октомври минатата година, па мораше да мирува два месеца. Потоа продолжи да скија, но сметам дека резултатите му се задоволителни. Што се однесува до Атанасовска, која уште нема 17 години, а годинава настапи и на Светското првенство, таа е голем талент, кој треба и понатаму да се надградува. Јана постигнуваше добри резултати уште во категоријата деца, годинава дебитира во ФИС-натпреварите, а ова што го направи сезонава е одличен резултат и јас сум многу задоволен од постигнатото. Ние практично досега и немавме девојче што толку брзо напредувало во скијањето, а очекувам во таков ритам да продолжи и понатаму. Од неа очекував да направи под 90 ФИС-поени, односно да биде меѓу првите 1.000 на ранг-листата, а таа направи многу повеќе со освоените 54,43 ФИС-поени во слалом и се најде на 590-то место во слалом – вели Иван Лесевски, кој го води Комитетот за алпско скијање во Скијачката федерација на Македонија.
Атанасовска, на пример, сезонава на слаломски трка освои 52 ФИС-поена (во Италија), потоа 56,86 (во Словенија), во велеслалом забележа резултат од 64,21 (во Италија), како и 131,37 во супервелеслалом, според податоците на алпските скијачи за сезонава на интернет-страницата на Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Таа настапи и на годинашното Светско првенство во алпско скијање, одржано во француските скијачки центри Мерибел и Куршевел. Г.И.