Македонизмот на дело

Ова е трето продолжение на една, чинам, колумна без крај, поттикната не од еден проглас колку од споменувањето на две идеи, кои досега изгледаа како невозможна и забранета комбинација, политички оксиморон: обединување и македонизам. Во тој контекст, тезата на иницијаторите е на место: не е важно колкумина сме, туку што у/кажуваме. Клучниот исход од таа иницијатива е отворањето полемика околу најболната точка на нашето битисување како нација. За разлика од нашата поделеност, стои монолитно албанско етничко/политичко тело (иако зад фасадата има луѓе со различни ставови, но колективната кауза има неверојатна моќ да сплоти и „куче и маче“). Тие немаат комплекс да кажат дека го сакаат албанството, дека се горди Албанци, па дури и дека имаат вековен сон (за кој сега немало услови, како што неодамна кажа Хајредини). Македонското тело е поделено до степен на атомизирање (т.е. веќе не е ни ткиво, ни молекула); сѐ што е на „М“ е доведено во прашање и однатре и однадвор, а уште полошо – толку е табуизирано што малкумина и се осмелуваат да зборуваат за Македонија (особено, без Северна). Видовте ли како го одбележавме 150-годишниот јубилеј од раѓањето на Гоце? Речиси со „герилски“ и субверзивни акции (петиција, положување цвеќиња во полициско окружување, трибина надвор од научните хали). За тоа време, Бугарија подготвила целогодишна програма, па веќе и дели книги во Европскиот парламент. „Нашиве“ срамежливо пелтечат или бегаат во Брисел за да ја „спасуваат“ Украина!
Да не се лажеме: дојден е нож до коска, до балчак е работава! Состојбата во која сме првенствено како држава, а потоа и како македонски народ изгледа вака: 1) власта продолжува со мекотелната политика на отстапки (и лигавење); 2) анекс на договорот од 2017 не само што постои туку оригиналниот е веќе искористена тоалетна хартија, Бугарите добиваат повеќе; 3) содржина на новиот договор нема да ја соопштат за да „не нѐ вознемират“ (како што велеа и пред Преспанскиот); 4) во тек е пропагандна кампања „за релаксирани односи“ по веќе искусениот преспански терк; 5) за тие што сториле едно велепредавство, прекршиле устав и закон, сториле кривични дела итн. во име на наводно повисоки, европски вредности, отстапница нема, особено кога мора да си го спасуваат задникот; ќе извршат и второ (го нарекуваат „финално решавање на спорот со Бугарија“ небаре сето досега било загревање); 6) самоубиство се одвива со т.н. „салама тактика“, дел по дел низ комисии (онаа едната, историската, станала хидра со девет глави), а конечниот удар треба да го изврши Собранието. Потоа, како и со Преспа, ќе тврдат дека тоа била демократски изразената волја на граѓаните.

Со работата на т.н. заеднички меѓувладини комисии, кои се среќаваат на неделна основа, Бугарија фактички повторно „администрира“ со нас, иако сега сме (божем) суверена држава. Што се однесува со малцинствата, само ќе потсетам: ние од нив се имаме откажано пред три години, ако не и пред 30 – читајте Устав, Преспански и бугарски договори! Професорите по уставно право кога ја бранеа Преспа кажаа дека „тоа се внатрешни работи на соседните земји во кои ние нема да се мешаме, а нашинците нека си ги бараат човековите права во Европа“. Додуша, не кажаа дека нашите два соседа се држави со неславен рекорд во кршење на колективните (а не само индивидуалните) права и дека не признаваат малцинства. Тоа е „нивен, а не наш проблем“ – рекоа, потпишаа и запечатија! Впрочем, ние не се мешаме ни во сопствената судбина, нели? Да не заборавиме: сето ова ќе беше невозможно без штедриот ангажман на интелектуалци и други јавни личности, а особено професори (во Владата и надвор од неа).
Дали сме толку слаби и очајни, дали зад нас не сме оставиле ама баш никаква македонска трага, па сега парализирано го чекаме последниот удар од Софија? Софискиот удар е судбински, ама не е последен; не заборавајте ги другите соседи, вклучувајќи ја и Грција, која има свое гледање на имплементацијата на Преспанскиот договор. Нема да ги коментирам оние што ја продаваат преспанската приказна во бугарска варијанта: не преговараме за идентитетот и јазикот, ќе се помириме и со Бугарија, ќе најдеме компромис. Други професионални оптимисти (како Фрчкоски) тврдат дека нашиот страв бил нерационален, сме се плашеле од ЕУ и отворањето кон светот зашто сме биле малобројни и неспособни (среќа што Црна Гора нема ваков мудрец, досега ќе ја укинеше со устав). Поентата му е дека не сме дораснати на Гоцевата идеја за културен натпревар (иако ЕУ нема врска со културен натпревар туку со геополитика и геоекономија); сме биле недаровита и параноична нација, која повеќе сака да остане вчаурена во својот двор. Ова е небулозна теза, која доаѓа од човек што по научна цитираност во светот е на дното (како впрочем и мнозина во МАНУ).

Апсурдот е што Македонија се размакедончува во име на отворање/интеграција и влез во нешто/некаде (со голема помош на кафените сахиби, но и на соседите и ЕУ). Самоукинувањето е резултат на надворешниот инженеринг и на овдешната нерационална вљубеност во Западот (камшикарот). Ни всадија срам од сопствената култура и национално битие, а тој произлегува и од толку безрбетни и немушти политичари што дури и на странците им паѓа малку незгодно кога ги гледаат како се прпелкаат. На тоа се надоврзува неспособноста да се изгради макар малку средена држава што ќе ги исполнува обврските кон граѓаните што ја плаќаат. Доведени до просјачки стап, задолжени преку гуша, врзани во вечни коалиции, ние сме потстанари во сопствениот дом. Уметниците, научниците, книжевниците се вистинските корифеи на Гоцевата мисла и доказ дека и малите нации, можеби по потешкиот пат, сепак имаат што да му дарат на светот.
Од друга страна се песимистите (или, реалистите?). Алармираат дека во пресрет на последната битка (со бугарскиот ултиматум) сите разлики, навреди и „зла крв“ меѓу нас треба да ги оставиме настрана и да се обединиме околу презентацијата на вредноста на македонизмот како европска идеја. Како што велеше Ганди, око за око и цел свет ќе оди слеп. Некои го цитираат Черчил: ако противник на Хитлер е и самиот ѓавол, и со него ќе направам сојуз заради нашиот спас. (Вториов баш и не е за цитирање, бидејќи неговата историска фигура не спаѓа во моралните вертикали и не се оличение на доблести.) Можеме ли и треба ли да застанеме рамо до рамо со луѓе што не само што лично (или колективно) денунцирале поради македонизам туку биле на другата страна во многу претходни операции на „европеизирање“ (2001, 2004, 2016, 2018). Како да се обединиме кога не сме го поставиле прашањето за помирувањето, а клучната точка е Преспа? Бугарите (како и Грците) победуваат токму затоа што ние однатре се јадеме и го газиме македонизмот, како во вицот за македонскиот казан во пеколот каде што нема потреба од чувар, бидејќи Македонците сами се влечат удолу. Освен тоа, постои целосна конфузија околу тоа што е интелектуалец (и аналитичар, експерт и сл.). Сѐ зависи од контекстот: час си интелектуалец, час си небањат, или дури и фашист, итн. Или патриот, ама не премногу. Не е проблем да собереш група интелектуалци и да повикаш околу некоја кауза, но имаме ли визија? Ја гледаме ли пошироката слика? Проглас како проглас, кој видел, кој не го видел, и ќе се заборави (како и оној од февруари 2018, така и сегашниот – со над 200 потписници).

Притоа, дејствуваме во „илегала“ бидејќи институциите задолжени за одбрана на македонскиот национален интерес се кастрирани. Дури и Македонскиот манифест беше потпишан од првите луѓе на три важни институции, ама не и во име на институциите. Политичката елита (па и опозиција) е верна на т.н. меѓународна заедница, а народот е систематски пасивизиран и заплашуван. Знам, прашањето е: шчо требит да праиме за однапред? А јас уште давам дијагнози. Ценам дека е чесно е да се каже дека некои од тие што се обидуваат да обединат се или биле дел на проблемот, т.е. соучествувале во неговото создавање – не од наивност, туку свесно и од убеденост. Нам не ни треба откривање на Америка или ребрендирање на македонизмот во европска идеја (Македонија била и е Европа, а Гоце бил поголем визионер од нивниот Шуман). Ни треба конкретен притисок врз власта за прекин на преговорите со Бугарија – ВЕДНАШ, а не охрабрување на „дијалогот“! Внатрешната консолидација треба да почне и од амнестија и јавна рехабилитација на оние што се прогласeни за терористи (за разлика од рехабилитираните што сега водат државна политика). Македонизмот се гради и брани дома, низ институции што ќе бидат македонски, а не филијали на западните центри на моќ. Дури потоа ќе можеме да настапиме кон тие надвор како Македонци, а не припадници на (раскарано) и смачкано племе.

Што можеме да сториме? Ако државата не сака (или дури и наспроти неа), срамота е ако не се оди на воспоставување вонинституционално тело составено од истакнати историчари, лингвисти, правници, политиколози, социолози и сл., кое ќе излезе со критички и аргументиран одговор на Меморандумот и преговарачката рамка на бугарската влада. Таквиот документ потпишан од луѓе со интегритет, биографии и познати во меѓународните кругови, би се објавил не само на македонски туку и на англиски, француски, германски и би се доставил до европската јавност. Би се побарала поддршка од познати европски интелектуалци, која би се објавила во влијателни медиуми низ светот. И би се побарало раскинување на бугарскиот договор (кој има таква клаузула). Така би дејствувал колективниот интелектуалец (ако го има), кој би оставил доказ и трага дека власта е „разведена“ од својот народ и од колективниот ум (па и разум). Тоа би била делегитимација на предавничките политики. Тоа е обединување на колективниот ум и македонизам не само на зборови туку и на дело.