Зошто луѓето кога се во конфликт викаат гласно еден на друг иако се на растојание помало од еден метар? Како вовед… Затоа што срцата им се оддалечени со километри.
Бугарската потпретседателка Илијана Јотова лично на официјална церемонија му го врачи бугарското државјанство на Христијан Пендиков. Пендиков официјално стана Бугарин, церемонијата ја пренесуваа бугарските медиуми во живо. Таа го нарече Пендиков храбар млад човек, кој и покрај провокациите останал верен на бугарската самосвест и идентитет. Јотова рече дека врачувањето ѝ претставува огромна чест и од денес Пендиков ќе има заштита од бугарската држава и станува граѓанин на Бугарија и Европската Унија. Бугарскиот претседател Румен Радев му врачи бугарски лични документи на Љубчо Георгиевски, поранешниот претседател на клубот „Иван Михајлов“ од Битола и на неговиот секретар Благој Шаторов, на церемонија во претседателската резиденција. „За мене е привилегија да им доделам бугарски лични документи на двајца наши сонародници, чија патриотска активност и храброст ја потсетија цела Бугарија дека железниот светилник на бугарскиот патриотизам никогаш не бил згаснат во соседна Република Северна Македонија, дека илјадагодишната бугарска култура и историското наследство во Македонија се неизбришливи и ќе продолжат да ги будат умовите и срцата на Бугарите“, рече Радев. Церемонијата се одржa во т.н. Гербова сала во Претседателството на Бугарија. Таа важи за најголемата и најпретставителна сала во објектот и во неа се одржуваат најважните средби, се потпишуваат меѓудржавни договори и се доделуваат награди и одличја.
Подолго од еден век веќе трае овој безочен и антинаучен пир на великобугарската и соседските доктрини кон Македонија и кон нејзиното историско минато. Интересен момент во оваа псевдонаучна мелодрама- гротеска беше пред некое време и „нападот“ врз Македонскиот научен институт, уште една епизода од војната против историската вистина за наводна бугарска кауза во Македонија. Според тврдењето на бугарски европратеник, Америка директно ја посочува како финансиер на медиуми што работат против бугарската историска вистина за Македонија. Тешко може да се очекува од голем број мортификатори на вистината и негатори на македонскиот национален идентитет да ја повратат нормалната човечка памет и да сфатат дека Самуил Мисирков, Сандански, Делчев и нивниот и нашиот македонизам се дел од природниот процес на развојот на македонската нација и дека нив нема да може да ги уништи никакво оцрнување од големобугарски или од други големошовинистички позиции.
На ридестиот Балкан сѐ е можно… На бугарската карта на предрасуди Македонците се впишани како „грчки Словени“. Тешко ми е да објаснам една шега без да ја изгуби хуморичноста, но генерално идејата е дека во Бугарија понекогаш Македонците се доживуваат како луѓе без историја, како народ што е принуден да ги зема историјата и културата на соседите и така допрва, во иднина, да го гради својот идентитет, вели во интервју пред десетина години Јанко Цветков, бугарски дизајнер и автор на Атласот на предрасудите…, проект во кој се мапирани стереотипи, предрасуди, малициозности, што во ерата на глобалниот поглед на интернет е популарно, духовито, забавно и оригинално произведение. Според нив (бугарските ултранационалисти), Македонија граби што може, без оглед на тоа дали има смисла или не. Па, така, „грчки Словени“ е обид да се исмее оваа идеја со еден очигледен оксиморон. Словените не можат да се предмет на вакви „духовити анализи“, затоа што не постојат воопшто… – премногу заплеткано, подвлекува шпанскиот Бугарин, географскиот дизајнер Јанко Цветков.
Но, на ридестиот Балкан сѐ е можно, па забавните и хумористични предистории понекогаш знаат да се свртат и во неочекувани насоки. Па, така, пред извесно време осамна несекојдневна вест и прошета низ медиумите на Балканот. Дописник од Бугарија за радиото Би-би-си побарал македонско државјанство, јавија некои грчки медиуми. Разочаран од животот во Бугарија, поранешниот дописник на Би-би-си, Христо Казашки, избрал нестандардна форма на протест и одлучил да побара македонско државјанство, јавија бугарските медиуми, а веста ја пренесоа и гласилата во Атина.
Изгубив верба дека во блиска иднина Бугарија ја очекуваат добри работи. Нацијата се топи како снег на топло време и младите, меѓу нив и Јанко Цветков, картографот, земаат билет во еден правец и си одат надвор од земјата. Според Христо Казашки, Турција не му одговара за преселба затоа што е христијанин, Грција и Романија не му се допаѓаат, а некако најмила и најблиска му е Македонија. Бил во Охрид, Скопје, Битола, и таму му се бендисало. Минималната пензија кај нас е 150 лева, а во Македонија е нешто повисока, горивото А95 во Бугарија 2,70 лева, а таму 2,20, тие нѐ престигнаа во секој поглед, изјавува и расудува европски Христо Казашки, идниот „освестен“ Бугарин – Македонец, така некако би дошло според забавниот атлас Јанко Цветков.
Серија коментари во медиумите. „Браво, сега вие Македонците ќе броите 7 милиони“, иронизира читател како Елин Пелин. Култивиран Балканец, читател, нуди нестандарден бугарски доказ и образложува – секогаш коментирам со светски докази, не со чаршиски муабети. Ќе наведам цитати од бугарскиот учен од 19 век Атанас Б. Шопов, кој во извесна смисла ги демантира своите сонародници од 20 век и вели: Па, дури ни денес, во 1885 година, кога Европа би побарала македонското население да се определи и да каже на која народност ѝ припаѓа, уверени сме дека поголем дел од Македонија ќе ни летне од раце, со исклучок на две-три околии од Северна Македонија. Сите други Македонци се готови да дадат каков сакаш пишан документ дека тие не се Бугари… Офејков (Атанас Б. Шопов) – Македонија во време на илјадагодишнината на Св. Методиј, Пловдив…
Овие редови заедно со дузина редовни отровни коментари и писанија се од богатиот арсенал на специјална војна, каде што редовно се релативизираат фактите, се денунцираат неистомислениците, сѐ со цел да се ослаби моралот, вербата во иднината, но и да се подготви почва за понатамошни удари врз темелите на самобитноста (името, економскиот просперитет и сѐ погласните сецесионистички тенденции). Неуспешно се потценуваат мудроста и способноста на народот да избере што е најдобро за него, особено на милјето на актуелните политички настани. Крлежа (парафразирано) вели – ЗА ТОА ДАЛИ ЌЕ НÈ БИДЕ – сигурно ќе нѐ биде, ама со кого, како и по која цена – ќе видиме. Природна (ако сакате и климатска) е мелодраматичната суштина на Македонецот (тој трипати појако сака, петпати посилно мрази) како древен и најјужен словенски народ. Неговата стрплива упорност искалена во вековните ропски премрежиња, но и низ мачните (криминални) транзициски одови и ломови – БЕЗУСЛОВНО (независно од срамните условувања) ЌЕ НАДВЛАДЕЕ.
Аљоша Симјановски