Македонија – иронија на историјата

Сите сакаме да ја знаеме иднината. За жал, иднината не зборува. Таа доаѓа, сакале ние или не. И не е светла како што кажува октроираниот премиер. Нема голема тајна за парадата на катастрофи што нѐ следи сиве години на транзиција, со тоа што сега продолжува да расте со несмалено темпо: сѐ повеќе неконтролирани политички бури, опасни бранови на глупости, ужасни изливи на политичка омраза, поплави на лицемерство и сервилност, бесни племенско-политички конфронтации и други екстремни настани без преседан во записите за набљудување на оваа власт. Ова што ни се случува со државата е материјал од апокалиптични книги и катаклизмични научнофантастични филмови. Ова што ни се случува е распаѓање на државата. Не недостигаат придавки за да се опише владеењето на оваа влада на самонаречените „државотворни“. Коруптивно, бесрамно, фанатично, импулсивно, бесмислено. Оваа влада претседава со најсуровиот, најразорен и најжесток напад врз македонската државност што оваа нација некогаш ја познавала. Ова е кампања за деконструкција на државата.

Во текот на последните неколку години стана повеќе од видливо дека Владата, по моделот на шарените, стана неефикасна, бавна, неспособна, или неподготвена да одговори на нашите потреби. Стана влада на национално предавство и срам. Додека народната поддршка за Владата опадна, внатрешната цврстина беше постигната со вработување на сѐ повеќе јавни службеници. Како ѕвездите на крајот од својот живот, владите се дизајнирани да се шират и да ја вшмукуваат целата достапна материја пред да експлодираат во бирократска супернова стопати посветла од сонцето. Деконструкцијата на државата вообичаено бара приближно 10-15 години. Со оваа влада овој процес се забрза и, како што гледаме, тоа функционира. Прво, на народот му го зедоа името, потоа историја, па јазикот и културата. Го уништија образованието. Го обезличија национално, го осиромашија, го понижија. Му имплантираа општество на беззаконие и дисфункционалност. Го хранат народот со лаги, скандали и афери, за да не ја види поголемата слика на распаѓањето. Да не ги види пропаднатите визии, рециклираните ветувања. Колку што можам да прочитам и разберам од најпаметните научни умови во светот (дури и ако не ги разбирам сите технички детали), имам верба во нивните заклучоци за модалитетите на пропаднати држави и процесот на нивната деконструкција. А тие се совпаѓаат со ова што ни се случува со македонската држава.
Ова денес е безидеолошко рушење на државата, уништување на посредни институции на граѓанското општество и поттикнување локални колаборационисти, криминалци и опортунисти да се вклучат во тој процес. Постои метод во лудилото на ова што ни се случува со државата под оваа власт. Во согласност со физичкото уништување на традиционалната држава, сѐ што прави власта е дизајнирано да ја деконструира нормалната политика и да ја направи апсурдна и невозможно да се одржи. Во атмосфера задушена со лаги и гласини, во Македонија „ништо не е вистина и сè е можно“. Следбениците на ваквите политики се држат под контрола, додека разумните граѓани се откажуваат во очај и згрозеност, обидувајќи се да одржат пристоен приватен простор далеку од јавниот живот.

Дали донесувам премногу мрачен заклучок за македонската држава денес? Дали власта се движи во катаклизмична насока? За жал, не гледам како поинаку да ја отсликам реалноста во Македонија. И по сѐ, ме прашуваат кога повторно ќе завладее разумот. Некогаш? Има ли надеж? Штом ја започнете деконструкцијата на државата, каде завршува? Гледајќи внимателно низ призмата на политичкиот екстремизам, племенската параноја и лажниот мултинационализам што еруптира како вулкан во раседните линии на стагнација, очај и фрактура на општеството, гледајќи како државата се менува и декомпонира, не е изненадувачки што сум соочен со суровата вистина на моментот што го живеам. А суровата вистина е дека работите ќе се влошат пред да се подобрат. Зошто? Ваква самоуништивачка оргија на власта не е видена во поновата светска историја. Ваквата токсична политика на власта е предворјето на лажното ново што се раѓа. Со оваа власт станавме иронија на историјата. За жал, пет години во политиката и во историјата се вечност. Луѓето може да бидат во искушение да мислат дека ова е привремен процес врзан за оваа политичка гарнитура и дека со нејзиното заминување процесот ќе запре. Искрено, можеби ќе забави, но не верувам дека може да запре.

Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски