Македонец по род

Петок наутро. Размислувам што да облечам. Каков идентитет. Толку многу будалаштини се случија што, за да напише колумна, човек треба да биде Супермен. Тоа ќе го облечам. До пред малку бев Русјаков, сега сум Кал Ел, познат како Кларк Кент, алијас Супермен и… фак… отиде концентрацијата. Јас Супермен, неговиот идентитет носи моќ и наеднаш ѕидот пред мене е проѕирен, а најубавата комшика на светот спие гола и ај сега ти напиши колумна. Стварно човек треба да биде суперхерој за да ги објасни сите глупости што се случија од минатата колумна до денес. Ај што има толку многу будалаштини, ама не знаеш од каде да ги пофатиш.
ВМРО-ДПМНЕ за власт прифати уставни промени и сега, рамо до рамо, со СДСМ, ДУИ и Агелер чекорат кон светлата ЕУ-иднина. Не, а? Па, три дена ушни тапанчиња ни пробија со овој муабет. На Стејт департментот му пукна филмот поради нордистанската корупција и Рамиз Мерко се најде на црна листа, со што САД покажаа дека… дека Рамиз не е внук на Али. Граѓанска војна во Русија. Терористите на „Вагнер“, како борци за човекови права, за три часа, марширајќи, поминаа седумстотини километри, влегоа во Москва и го натераа Путин да исчезне од радарот на логиката, иако немаше баш задоволително количество на крвопролевање како што соопшти Си-ен-ен. Нормално, кога „Вагнер“ се тепаат со лопати, а руската армија во оружјето има чипови од миксери. Не беше баш вака, нели? Ама, па, битно да е возбудливо.

Одиме понатаму. МПЦ-ОА, откако ја преспа Преспа, со чест на исклучоци, кога се случи политичка и насилна трансџендеризација од Македонија во Нордистан, се крена против новиот закон за родова еднаквост, па фати да шири говор на омраза спрема најубавата и најљубовна маргинализирана популација, која единствена има авторски права на љубов спрема омразата кон неистомисленици, оти, нели, љубов е љубов, па оттука и нивната омраза е љубов, значи црквата почна да се расфрла со варваризам, наместо прогресивно да порача „ЛГБТ, одјеби!“. На крајот се јави ИВЗ и со две-три реченици го урниса законот, а прогресивните мораа да заминат на плажа, да се одморат од теророт што им го предизвика црквата.
Што друго? Шолц гарантира дека Бугарија веќе нема да има услови за Нордистан. Радев му гарантира на Шолц дека тоа нема да биде баш така, ама па Шолц бил лошо преведен, а Нордистан исто така е лошо преведен… жеден преку вода. По одбраната на коцкарниците како европска вредност, повторно се јави австриската амбасада. Кланот Заеви покрале австриски инвеститор. Заев му порача на амбасадорот дека ќе се видат на суд. Нека не го загрижува тоа. Корумпираното судство беше на Груевски, но ова, кај што ќе се сретнат со Заев, од СЈО наваму, реформирано е со милијардите на САД и ЕУ. Е сега, холандскиот амбасадор тврди дека тие милијарди не се искористени за реформи, па уште додава дека токму реформите, а не уставните измени, се битни за влез во ЕУ. Тоа што истиов Кујп де Коп ван Дајк пред само две недели сосема друго беседеше, не е затоа што друго беседеше, туку затоа што ние тогаш лошо сме си го превеле во однос на ова сега. Што? Нема логика реченицава? Стварно?

И како човек, ако не е Супермен, да го смести сето ова во сосема обична колумна, па уште да состави логичен тек на настаните, кога логиката во овој момент дреме како мисир по шарена револуција.
Русјаков, се вели, како теле пред шарена врата.
Телето го има сето право на светот да се чувствува како мисир и зад затворената шарена ЕУ-врата да налета на шарена револуција, по која ќе биде изедено за „Тенкс гивинг“, оти, како што не рекол Сол Алински, секоја обоена револуција ги јаде своите телиња и мисири. Проблемот со изминатава недела е што сите будалаштини може да се пофатат и од друга перспектива. Ајде, пак со ред…
Маричиќ секој ден ѕвони во ВМРО-ДПМНЕ за да ги убеди да го прифатат она што СДСМ тврди дека го прифатиле, ама очигледно не го прифаќаат. Мене оваа гротеска веднаш ме врати во тинејџерство, кога првпат се појавија хотлајн броеви, па откако се вљубив во првата што ми воздивнуваше, се отепав од ѕвонење за повторно да се чуеме, ама секогаш се јавуваа други. Потоа, кога дојде сметката, морав да им објаснувам на моите дома дека сум зборувал со ФБИ, затоа што сум Амиш, заштитен сведок во едно убиство, а они ми рекоа дека нема да го добијам неделниот џепарлак што вообичаено не ми го даваа. Понатаму… Трејлер: „Кој ќе биде следниот негативец во лошиот петпарачки римејк на ’Црна листа’ без Џејмс Спајдер?“ За разлика од лошата режија на Стејт департментот, Си-ен-ен со нова, генијална реконструкција на граѓанската војна во Русија, во која има крв до колена и пролевање на вистина што ќе ни ја покаже ужасната состојба на руската армија која за време на моќната НАТО украинска офанзива, губи по должината на целиот фронт, кој воопшто не се поместува. Настрана цинизам, не знам дали сте забележале како нордистанските медиумџии известуваат за она што се случува во Украина. За разлика од Гебелс, кој тераше пропаганда дека Германија победува до денот кога Русите влегоа во Берлин, нашиве имаат друга стратегија. Информираат одвреме-навреме. Русите го напуштија Херсон, погоден мостот на Крим, па нашиве слават, Украинците освоија некое село, или ова сега, кога од еднодневниот нејасен руски циркус направија драма од невидени, ама погрешни размери, но за Мариупол, Бахмут, стотиците илјади непотребно убиени Украинци или мирот што Путин го прифатил каде што Украина е практично победник, само Западот не дозволил… е тогаш никаде ги нема.

Следно… ЛГБТКју+=:?%“/9844тараба популацијата со нов стартап конкурира во Фондот за иновации. Направиле програм за гуглмапс. Како да ги избегнете најгрозното и најмрачното во Македонија. И јас понудив своја стартап-идеја преку која можам да бидам нон бајнари, ама и Македонец по род, ама ми рекоа дека ова второво ги вреѓа чувствата на Грците и Бугарите, а тоа значи на САД, ЕУ и НАТО. Е па, фак оф, на сите!
Што понатаму? А да… Шолц. Кому воопшто во светот му е важно што зборува Шолц? Австрискиот амбасадор против Заеви. Јас, искрено, немам поим која е таа фамилија Заеви, од каде изникнаа и кој им дал толкава моќ, ама австрискиот амбасадор можам да го посоветувам… пробајте со балкански методи. И за Холанѓанецот, кому му фалат милијарди, имам совет. Лесно е, брату, само затни го носот и голтај!
Уф, сепак, можело сè да збере во една колумна.