Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница посветена на пратеничките прашања се осврна на очекувањата од последниот самит на Берлинскиот процес, кој се одржа во Црна Гора.
– Тоа што се случуваше на самитот во Црна Гора е продолжение на она што го зборувавме на самитот во Лондон. Практично, канцеларот Мерц најави што е тоа што го очекува од земјите од Западен Балкан, но и која е генерално стратегијата на самиот Берлински процес, како и стратегијата на ЕУ кога станува збор за проширувањето. Во Лондон рече дека таму на Балканот има премногу проблеми: „Аз сум адвокат, ќе составам еден договор, сите ние треба да седнеме и да го потпишеме тој договор за да можеме да одиме напред без проблеми. Ние во ЕУ не сакаме регион што ќе ни донесе проблеми внатре“. И тоа беше главната порака уште на самитот во Лондон, која потоа преовладуваше и на самитот во Црна Гора – рече Мицкоски, одговарајќи на прашање од пратеничката Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ за тоа кои се неговите очекувања по самитот.
Премиерот посочи дека Европа е соочена со предизвици од тоа што се случуваше, се случува и ќе се случува. Тој потсети на последиците што ги предизвика референдумот во Исланд, покраинските избори во Германија, но и на последиците од глобалните случувања во светот кои ескалираа со протести во многу од европските земји.
– Сето тоа предизвикува внатрешен немир во рамките на самата ЕУ. Потоа војната во Украина, која сама по себе претставува предизвик, зимата којашто доаѓа, енергенсите коишто за оваа зима се потребни – пред сè, тука мислам на гасот и на другите енергенси – и, нормално, финансискиот пазар којшто предизвикува одреден вид неизвесност во светот. Зошто? Затоа што многу земји во светот се фокусирани кон домашните проблеми и го зголемуваат буџетскиот дефицит. Имаме многу моќни држави во светот кои имаат буџетски дефицит кој не е во рамките на оние 3 – 3,5%, туку е многу поголем. Тој буџетски дефицит треба да се покрива со заем од домашниот или од надворешниот пазар. Сето тоа создава одреден вид притисок врз политичките елити на тие држави, а сите овие фактори влијаат да се создаде една поинаква атмосфера од пред неколку години – објасни Мицкоски.
Според него, наметнат е амбиентот дека живееме во тивка трета светска војна, а на сето тоа се надоврзуваат и политичките предизвици внатре или меѓу земјите во Западен Балкан.
– Во овој момент преовладува чувството дека сите некако се фокусираат на домашните предизвици, посебно за оваа зима. Во форма на куртоазија секогаш ќе испратат порака за проширување, но суштината е дека полека, но сигурно европските држави се фокусираат на домашните предизвици – рече премиерот.
Тој дополни и дека Хрватска има сопствени осум услови кои се однесуваат на Црна Гора, односно најмалку две затворања на поглавја се условени со исполнувањето на тие дополнителни осум услови.
– Дел од нив не се некој поголем предизвик за црногорската Влада, но дел претставуваат предизвик бидејќи претставуваат регулирање на морската граница. Процесот на приклучување на Црна Гора кон ЕУ, и покрај тоа што тие го драфтуваа договорот за приклучување и и покрај тоа што очекуваа дека кон крајот на годината ќе ги затворат поглавјата, мислам дека така едноставно нема да оди. Главната порака која ја пренесе канцеларот Мерц и Бенџамин Хадат, којшто е член на Владата на Франција и личен пратеник на претседателот Макрон, е дека билатералните прашања некако како да го оптоваруваат овој процес на приклучување на земјите од Западен Балкан во самата ЕУ и треба полека, но сигурно да се ослободиме од тој товар и напредокот да го цениме според заслуги – наведе премиерот Мицкоски.
Тој истакна дека надежта сѐ уште постои и оти големите земји испратиле пораки за проширување, но сепак, вели, постојат сериозни предизвици кои имаат поголем приоритет од самото проширување, пренесува МИА.
































