Од шест месеци до една година ќе бидат потребни за спроведување на законските измени кои ќе им овозможат на полициските службеници при легитимирањето на граѓаните да ги прифаќаат дигиталните документи – личната карта и возачката дозвола.
Како што изјави денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, моментно се работи на мапирање на членовите и на конкретните закони што треба да се променат, а МВР работи на обезбедување технолошки можности во новите автомобили што ги набавува, за да можат полицајците потоа да си ја вршат својата работа.
– Ова е процес што мора да почне, а почнува од Министерството за дигитална трансформација со формирањето на дигиталниот паричник, кој е уреден во Законот за електронските документи, член 20-г, кој утврдува кој е начинот на верификација. Од ова, како и со целиот процес на дигитализација, почнуваат промени во сите други институции. Ние веќе променивме 140 закони коишто се однесуваат на прифаќањето електронски документи и кои бараат фотокопии од податоци. На истиот начин ќе пристапиме и кон ова – рече Андоновски, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на саемот „Енерго технома 2026“.
Според него, МВР е партнер во целиот процес од првиот ден.
– Министерството учествува зашто од него ги влечеме податоците за личната карта и возачката дозвола. Потребни се одредени измени во подзаконските акти во МВР кои се однесуваат на изгледот и формата на личната карта и возачката дозвола, и очекувам дека на таков начин, со промени и со зголемување на техничките можности, една по една институциите ќе почнат да ги прифаќаат. Ова е пракса од цела Европа, на овој начин се развиваат дигиталните паричници. Така ќе биде и кај нас. Веќе разговараме со претставници од банкарскиот сектор, кои велат дека и во нивната регулатива имаат забелешки кои им бараат да чуваат фотокопија од личната карта при секое ажурирање на податоците. Таквите процеси во секој поединечен закон ќе треба да ги менуваме, но ова е постапка што ја почнавме и ќе одиме само напред – дециден е министерот.
Како што додаде тој, Полска ја воведе оваа алатка во 2019 година, но дури во 2021 година полицијата почна да прифаќа електронски документи издадени од Министерството за внатрешни работи.
– Оттука, очекувам дека нам ќе ни бидат потребни од шест месеци до една година за да ги завршиме неопходните измени, зашто во моментот работиме на мапирање – кои се тие членови и од кои конкретни закони бараат промени. МВР, пак, работи на обезбедување технолошки можности во новите автомобили што ги набавува, односно уреди за да можат и припадниците на МВР да си ја завршат својата работа. Ќе почнеме и од приватниот сектор – од супермаркети, локали, барови, банки, осигурителни компании… Ова е процес што ќе треба полека да влегува во секоја институција, не е само Министерството за внатрешни работи – објасни министерот Андоновски, пренесува МИА.
































