Проширувањето е мртво, но Западен Балкан се вкотвува во ЕУ?

Добива ли идејата за итен прием на западнобалканската шесторка во единствениот пазар и јасна европска поддршка? Во македонската, а и во регионалната јавност силно одекна новинарскиот текст на германскиот новинар Михаел Мартенс, безмалку веќе доајен на корот на балкански дописници од западниот печат. Нема да навлегувам во сите весели приказни околу него, кои имаат и свое македонско поглавје, но дефинитивно станува збор за еден од најинформираните и највмрежени новинари во регионот. Тој излезе со текст под наслов „Меѓустаници наместо стагнација“, каде што се осврнува на најновата резолуција поднесена до Бундестагот од најголемата германска опозициска групација ЦДУ/ЦСУ, а под наслов „Обновување на ЕУ-перспективата за земјите од Западен Балкан со посветена политика“. Со оваа резолуција идејата за внесување на западнобалканската шесторка во единствениот европски пазар, како меѓучекор до потполното членство, добива поддршка од најголемата европска партија, сега и најпопуларна партија во Германија, од чии редови доаѓа и актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Значи ли оваа резолуција дека европските дискусии околу иднината на проширувањето ферментираат и добиваат конкретна форма?
Во претходната колумна пишував за предлогот на поранешниот претседател Црвенковски за поведување општествена и дипломатска иницијатива за влез на западнобалканската шесторка во единствениот европски пазар. Нормално, се изјаснив дека целосно ја поддржувам таа идеја. Притоа, морам да изложам и дека овој концепт си има своја предисторија. По букурешкото вето, Македонија предложуваше неколку креативни идеи за надминување на состојбата и продолжување на интеграцијата во Европската Унија. Тогаш се издвоија три посериозни идеи.

Според првата, македонскиот европски пат ќе продолжеше по „словачкиот модел“ од времето на Мечијар. Тогаш од политички причини Словачка формално не ги отвори преговорите, но продолжи со преговарачкиот процес низ една форма наречена „аналитичка анализа на акито“ („l’analyse analytique de l’acquis“). Преку тој механизам Словачка преговараше со ЕУ, па кога падна владата на Мечијар, процесот се прекрсти во преговори и Словачка веднаш им се придружи на преостанатите земји со кои се водеше процесот, и тоа како една од ѕвездите. Вториот приод што им се предлагаше на Европската комисија и на Европскиот совет беше Македонија да влезе во единствениот европски пазар, било преку членство во Европскиот економски простор, било преку билатерален договор („швајцарскиот модел“) или низ некоја трета форма што допрва ќе биде усогласена. Третиот предлог, пак, беше виртуелно да продолжат преговорите, пред еден „совет на мудреци од Европската Унија“. Ова ќе значеше тој неформален совет да добие поддршка од Европската комисија, а внатре да влезат ликови од формат на Романо Проди, Гинтер Верхојген, Жал Делор, Жак Атали и ним слични. Дури се направија иницијални контакти со Крис Патен и со Валери Жискар Д’Естен за да го предводат овој совет. Идејата беше Македонија да преговара пред телевизиски камери со „советот на мудреците на ЕУ“, со што ќе се овозможи дополнителна јавност на целиот процес, а политичката тежина на членовите на ова тело ќе значеше гаранција дека станува збор за сериозен потфат, а не за едно обично „реално шоу“.
За првиот и за третиот предлог кочница стави Грција, јасно, гласно и недвосмислено. Тоа значеше дека тие имаат намера целиот свој политички и дипломатски капитал да го вложат во блокадата на Македонија во кој било сегмент на европската и евроатлантската интеграција. Мислам дека Грците тогаш ќе блокираа и иницијатива за влез на Македонија во ОЕЦД.
Меѓутоа, за вториот предлог, односно за влез на Македонија во единствениот европски пазар, дојде одговор од самата Европска комисија, но и од многу значајни европски политичари. Ни беше укажано со недвосмислен речник дека „тоа не е за вас“, како и дека ние мора да поминеме низ преговарачкиот процес, како и преостанатите дотогаш примени посткомунистички земји.

За волја на вистината, и поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, за време на неговиот мандат се обиде да ја реактуализира идејата за влез на Македонија во единствениот европски пазар. И неговиот агол на гледање на работите поаѓаше од фактот што единствениот европски пазар е самото срце на Европската Унија, како и приклучување на Македонија на пазарот ќе ја вкотви трајно земјата во просторот на ЕУ. За оваа цел беше организирана и една од затворените дебати на Советот за надворешна политика на претседателот, а кабинетот поведе иницијатива надлежните институции да направат една сеопфатна анализа како би се одвивал тој процес и што би вклучувал. За жал, политичката криза проголта многу иницијативи, вклучувајќи го и предлогот на поранешниот претседател Иванов да се разгледа влезот на Македонија во единствениот европски пазар како можна опција за продолжување на нашето проширување.
Оттогаш Македонија настрада од една совршена политичка бура, која остави трајни лузни на македонската политика. Нашите граѓани беа предмет на невидена лажна пропаганда дека само што не влегле во Европската Унија и дека ќе се лечат во иднина во Париз и во клиниката Шварцвалд, нашите политичари „добиваа“ Нобелови награди за мир, држеа лекции за европска интеграција по регионот, но и измислуваа некои модели за трајно решавање конфликти и така натаму. Реалноста е дека Македонија доживеа целосен крах по 2017 година – економски, демократски, институционален. По престојните избори следува една долга обнова на земјата во сите сфери.
Оттука, Македонија мора да ја прифати иницијативата за влез на целиот Западен Балкан во единствениот европски пазар. Актуелната состојба е неодржлива и создава сериозен дисбаланс помеѓу земјите од ЕУ и западнобалканската шесторка. Наедно, можеби е дојден часот и целиот овој процес да се води консензуално и надвор од дневните политички дебати. Поранешниот претседател Црвенковски излезе со јасен предлог, па сметам дека ќе биде целисходно за Македонија да му се овозможи да ја претстави иницијативата, да ја објасни пред сите политички, општествени и стопански чинители, па доколку се дојде до консензус, и да го води стратегиското тело што би се обидело да го исполни овој процес. По триесет години лет во место наместо забрзан пат кон Европската Унија, чукна часот консензуално да влеземе во процеси за реализација на можното.

Ивица Боцевски