Колосални измами на власта за пензиите и платите

Чудна анатомија има македонската власт: долги прсти – кратки нозе. Во народот долгите прсти се симбол за крадење, кратките нозе за лажење (на лагата кратки ѝ се нозете).
Да лажеш петгодишно дете е играчка, ама да лажеш стар човек е грев, вели народната поговорка. Детето ќе го залажеш со лижалче, ама пензионерот не можеш со 5,3 отсто зголемување на пензијата. Над 300 илјади пензионери чекаа, се надеваа и се радуваа на нероден Петко, на Петко што ќе го роди Министерството за труд и социјала. И тој Петко што требаше да тежи нешто над 6 отсто, излезе скастрен уште пред да види бел ден.
Ако баба лаже, трап не лаже.
Уште од јули од Министерството и од Владата се ширеа лажните вести дека пензиите ќе се зголемат за најмалку 6 отсто со исплатата на крајот на септември. Нормално, Владата во рамките на програмата за смирување на незадоволниот народ ветуваше порадосен пензиски раст. Ветувања луди радувања.
И СДСМ се фалеше дека како водечка партија мисли само за напредокот и доброто на народот и за ништо друго. Особено за пензионерскиот народ, за таа многубројна македонска армија што му припаѓа на Фондот за пензиско, инвалидско и социјално осигурување. И кажуваше дека таа грижа ќе биде изразена во повисоки проценти. За жал, пензионерската фаланга, наместо да го фали штитот, падна на него.
Без срам и перде власта измами една третина од возрасните луѓе во државата. А власта остана чиста, непорочна и безгрешна. Како бело брашно. Класичен пример како голема надеж се претвора во тешко разочарување, во незадоволство, во револт и губење верба во институциите и лидерите на сопствената држава.
Само големи мајстори може да заблудат и да излажат над 300 илјади луѓе, и тоа во еден ден, во еден час. Самата бројка на излажани доволно докажува дека е извршена колосална измама. Не станува збор само за процентите, станува збор за научна социологија, народна психологија, државна социјала.

Изневерени очекувања се свалени на грбот на третата доба, на луѓе со слаби срца, попуштени нерви, изгубено здравје, намалено право на живот. Без чувство за социјална правда ги понижи оние што го трчаат последниот круг од својот животен маратон. Со одлуката што ја донесе, со измамата што ја направи, Владата стави триста илјади возрасни граѓани, и без попис, во графата на неписмени, глупи луѓе што ништо не разбираат. Ако политичарите и власта се имуни на емоции, луѓето не се.
Пензискиот систем ќе остане жив, за дел од пензионерите е неизвесно.
Но најверојатно и на системот во целина му се ближи крајот ако зависел од тоа дали пензиите ќе се зголемат за пет кома три или за шест кома три. Ако е тоа точно, за некој ден би ги снемало и власта и самата држава. Парадоксот е што власта закинува еден отсто кај пензиите, а со широка рака раздава прво за себе, па за сите други, така што секојдневно фрчат милиони евра на разни познати и непознати страни, на сметка или во кеш. За арамиите има, за пензионерите нема.
Дека во Македонија (Северна) државата повеќе се грижи за пастирите отколку за стадото покажува и втората колосална измама. Преку неа се измамени сите возрасни граѓани, колку и да се на број според последниот попис. Изјавите за платите на функционерите се претворија во чисти измами.
Малку факти не се на одмет, да не се рече дека шпекулираме и мамиме. Колку да не се заборави.

По одлуката на Уставниот суд од 21.3.2023 година со која се овозможи драстично да се зголемат платите на функционерите, властите уверуваа дека тоа нема биде автоматски и најавија дека „веќе се работи на системски закон за плати во јавниот сектор, со кој оваа проблематика ќе се реши на конзистентен начин“. Од устата на премиерот, без да го натера некој, излегоа зборовите дека „одлуката на судот не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за проценти што се зборуваа во јавноста, се работи за шпекулации во најголем дел“.
Судот на времето покажа дека не било шпекулација, туку премиерова тешка измама на јавноста. Платите си ги земаат, случајот се решава и никогаш нема да се реши. На над 1.000 функционери им се зголемија платите за 78 проценти. Седумдесет и осум отсто за функционерите не се проблем во буџетот, еден отсто од него за пензионерите ќе го урнисал. Алал да ви е на математиката, бре, деца.
Малку беше што излажа претседателот на Владата, брзо-брзо тоа го стори и самата влада. Таа издаде официјално, но крајно лицемерно соопштение, дека „одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е конечна и треба да се почитува, но тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за 78 отсто проценти, како што шпекулира дел од јавноста“. Вистината е дека шпекулираше Владата, не шпекулираше дел од јавноста.

Како „утешение грешним“ беше тврдењето дека колку што би требало да биде според одлуката на Уставниот суд, Владата размислува да ги коригира коефициентите за пресметување плати, сѐ со цел тоа зголемување да не биде толку големо „затоа што сме свесни за предизвиците со кои се соочуваме како држава“. Истите рефрени ги теглеше и СДСМ пред телевизиски камери, белки не се избришани тие снимки на срамот.
Користејќи ја атмосферата на граѓанското незадоволство, и претседателот Пендаровски сакаше да ја искористи шансата да се покаже како дел од народот. Кажа дека зголемувањето на платите на функционерите е „невкусно“, дека одлуката е поразувачка, дека ќе побара да му се намали износот и ја повика јавноста да стане против високите плати.
И како заврши филмот? Ништо од вистината, крајот го краси вкусот на големите лаги, гарнирани со горчлив кус на неодговорност. Кујната си работи нонстоп, лук јадат, на лук не мирисаат.

[email protected]