Кој ја претвора македонско–бугарската историска комисија во инструмент за дестабилизација?

Ќе дозволиме ли македонско–бугарската историска комисија да стане орудие на великодржавниот бугарски шовинизам и на софиските обиди за бугаризација на Македонија преку нејзината европеизација? Затишјето на „македонско–бугарскиот фронт“ дојде некако природно по усвојувањето на предлогот Ковачевски – Петков, кај нас неправедно наречен „француски предлог“. Овој потег беше триумф на бугарската дипломатија, затоа што нивните чудовишни барања сега станаа и услов на целата Европска Унија, сите 27 земји–членки, за влез на Македонија во ЕУ. Целта за нив е постигната и пленот е фатен во мамката, па останува само да почекаат да се потроши целата негова енергија и потоа да ја прифати неизбежната судбина. Не е никаква тајна дека самата Бугарија нема сила, а ни инструменти за да ја дестабилизира Македонија, како што немаше ни Грција. Но со усвојувањето на предлогот Ковачевски – Петков, зад Бугарија е целата Европска Унија, како и клучниот стратегиски поддржувач на ЕУ, Соединетите Американски Држави, а тие имаат и ресурси и моќ за спроведување на нивните национални интереси во Македонија.
Меѓутоа, постојат две точки каде што македонскиот отпор на крајот може да ја преврти играта и да се дојде до некаков праведен, или најмалку неправеден, излез од кризата. Првата е околу барањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав, а втората е околу работата на меѓудржавната историска комисија. Разигрувањето веќе започна околу договорените уставни измени. Владата, како и нејзините поддржувачи од меѓународната заедница, го следи претходното сценарио, кое го гледавме при спроведувањето на катастрофалниот Преспански договор. Навидум се глуми конструктивност, се оди на лидерски средби, се држат помпезни говори за потребата од европска интеграција сега (како небаре да ќе се зачлени Македонија во ЕУ веднаш по внесувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот), се организира конвој на посетители на највисоко државно ниво, кои објаснуваат дека „малку ќе боли, но потоа сè ќе биде идеално“ или, пак, се вртат часовниците наназад, како во 2004 година, и така натаму. Во заднината, пак, се одвиваат и мрачните политички процеси, со употреба на познатите „европски и балкански методи“, па тргна заплашувањето на Македонците со меѓуетнички тензии и однекаде се извади и духот на прочуената Тиранска платформа, се бараат пукнатини во редовите на опозициските пратеници, истрошени политичари излегуваат со налудничави тези во јавноста или лансираат „ексклузивни“ шпекулации, а со полна пареа работи и индустријата за убивање на духот на граѓаните.

Клучот за одбрана на македонските ставови, кај оваа прва точка на отпорот, лежи исклучиво во рацете на ВМРО–ДПМНЕ и на нивниот лидер Христијан Мицкоски. За нив тоа е буквално последната битка за опстанок на политичката сцена како автентична, животоспособна и самостојна политичка сила, а за Мицкоски тука е моментот каде што се докажува дека има капацитет за национален лидер. Покрај обврската да го водат отпорот, тие имаат и должност да бидат стожер на целата опозициска и граѓанска јавност што се противи на предлогот Ковачевски – Петков, па ќе се мери и нивната способност за отворање кон другите политички и општествени чинители, изградба на најширока можна опозициска платформа и ширина за прифаќање на сите разнородни гледишта под овој голем шатор, независно колку од нив може да бидат и непријатни или идеолошки неприфатливи за ВМРО–ДПМНЕ.
Втората точка е Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Очигледен е трудот на службената бугарска политика за претворање на комисијата во инструмент за создавање тензија во три полиња. Првото и најочигледно поле се билатералните односи помеѓу Македонија и Бугарија. Не случајно најгласниот дел од бугарските „комесари“ предничи во блуењето оган и шовинизам во бугарската и во македонската јавност, како и во изнесувањето ставови што ги вознемируваат и ги возбудуваат духовите и кај македонското и кај бугарското граѓанство. Јасно е дека постојат теми околу македонско–бугарските односи каде што е невозможно да се постигне заемно разбирање и каде што единствено е можно да се договориме дека не се согласуваме. Така би се дејствувало доколку му се пристапи на проблемот со добра волја и со желба за надминување на состојбите во заемна корист. Но тоа, очигледно, не е можно со овој состав на бугарската страна на комисијата. Тие упорно ги подвлекуваат разликите во бугарскиот и во македонскиот историски наратив и инсистираат на целосно македонско прифаќање на бугарските тези за историскиот континуитет на бугарската нација од VI век до денес, за прифаќање дека Македонците биле нераскинлив дел од бугарската нација до 1944 година, кога Тито и Коминтерната им ги испрале мозоците и ги претвориле во Бугари, потоа за бугарскиот карактер на целата македонска преродба, револуционерен период во османлиското време и отпорот против предвоена Југославија (или СХС), како и за признавање на „вековниот бугарски придонес, како браник на европската цивилизација од азиските орди и како светилник на европската писменост и култура во средновековието“. Македонските комесари се соочуваат со оваа грда слика на секој нивни состанок во Скопје или во Софија, а досега упорно се обидуваат да ја сведат дискусијата од „епска“ на стручна, но тоа очигледно е невозможно, имајќи ги предвид соговорниците и начинот на кој официјална Софија го води овој процес.

Второто поле на кое целат злонамерниците од Софија е создавањето внатрешен македонско–македонски судир, повторно користејќи ја комисијата како инструмент. Притоа, ним најмалку им е значајно да направат „граѓанска војна“ во македонската историографија и, пошироко, во македонската општествена наука. Изострувањето на „културната војна“ и на „историската војна“ помеѓу Македонците е целта на шовинистите од Софија. Ним им е јасно дека во основа не постојат никакви разлики помеѓу Македонците во врска со оспорените точки во македонската историја. Но постојат огромни и непремостливи разлики внатре во Македонија, помеѓу огромното мнозинство граѓани на Македонија што посакуваат земјата да влезе во ЕУ како Македонија и со зачуван македонски идентитет и еден грст евроентузијасти што сметаат дека овие прашања се застарени, примитивни и надживеани, па не би имале проблем да ги прифатат само за да се влезе во Европската Унија. За несреќа, ова бучно малцинство сега е главен протагонист на политиката кај владејачкиот СДСМ, па ја води целата таа јавност што ја поддржува оваа партија во бездна и во меѓумакедонски судир.
Третото поле на кое се надеваат софиските пакосници е злоупотреба на комисијата за продлабочување на внатрешниот македонско–албански конфликт во Македонија. Затоа оттаму доаѓаат некои нови измислици на „традиционалните бугарско–албански пријателства низ историјата“, што е и најбенигна варијанта, но низ бугарскиот печат започнаа да се споменуваат и гледишта дека Македонија треба да се подели на бугарски и на албански дел. Нормално, веднаш се јавија и „историчари“ од Македонија, па и од Косово, кои застанаа зад овие бугарски тези.
За разлика од првата точка на отпорот, каде што јасно е сместена одговорноста кај ВМРО–ДПМНЕ и лично кај Христијан Мицкоски, кај втората точка, околу македонско–бугарската комисија, одговорноста е многу поширока. Веројатно најлагодна и најопортунистичка позиција сега би била да се остават осумтемина македонски комесари на ветрометина и да бидат препуштени на стрелба и од македонска и од бугарска страна. Но така само губи Македонија. Исто така, доколку ја прифатиме реториката дека комисијата е поприште на епска битка за историската вистина, повторно доаѓаме на терен на бугарските шовинисти и злонамерници. Тука единствен начин за одбрана е да им се овозможи на македонските комесари да ја вратат дебатата на полето на науката, во пределите на современата историографија, антропологија, политикологија и другите општествени науки. Така ќе дојдат до израз сите постигнувања на македонската историографија, македонистика, лингвистика и сиот труд на домашните национални институции од овие сфери (кои е редно конечно да ги дигнеме повторно на нозе и да ги вратиме од оваа состојба на живуркање и запуштеност). Повампирениот шовинизам нема одговор за научно втемелените вистини.

Овие две точки на одбрана може да овозможат Македонија да излезе од бездната и да дојде повторно до преговарачката маса, каде што конечно треба да се дојде до решение без натамошни отстапки што задираат во македонската државност и во македонскиот идентитет. Но претходно македонската опозиција треба да опстои на отпорот кон наметнатите уставни измени, а македонското општество треба да ги осуети обидите за инструментализација на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
Не постои ништо конечно во политиката, а ни во историјата, но грешките секогаш се плаќаат со многу висока цена. Висока ќе биде цената и за плаќање на оваа грешка, но многу е повисока цената од прифаќањето на предлогот Ковачевски – Петков, предлог што ја подрива македонската самобитност и ја руши македонската државност.

Ивица Боцевски