Претходниот претседател, Пендаровски, кога се сретнал со американскиот, му се претставил дека е од земјата што се прекрсти за да влезе во НАТО! Тоа секако било речено со некаква гордост?! Србите се прецизни – со тоа од што паметните се срамат, другите се гордеат!
Уште пред да ги направиме историски срамните и понижувачки промени на името на државата и идентитетот на народот, мнозина пишувавме – а, што ако еден ден НАТО се распадне? Ќе останеме и обесчестени и обесправени! Ништо друго. Првата шлаканица ја добивме од прекрстувачот, грчкиот премиер Ципрас. Неодамна, тој оцени дека условите се променија и ако не нѐ прекрстеа во Нивици, сега Македонија ќе станеше Натовка со своето уставно име!
Впрочем и тогаш, во Нивици, во 2018 година, нашето членство во НАТО беше многу поважно за Вашингтон отколку за нас. Тоа беше нивен императив, заради затворање на регионот за Русија. Ако нашите политичари имаа и грам искуство, ама и малку храброст, сосема поинаку ќе изиграа. Ќе можеа, и ќе мораа, барем да се пазарат. Веќе се подготвуваше војната во Украина, којашто во суштината беше, и останува, меѓу САД и Русија. Украина е само колатерална штета! Тоа го потврди и Трамп, кој рече и повторува – ако јас бев претседател, војната немаше да се случи! Значи, ја предизвикал – Бајден! И целта не е спорна – постепена изолација на Русија.
Сега, актуелно е прашањето – што ќе се случува со НАТО во блиска иднина? Прецизен одговор нема, ама, сепак, со одредена резерва, може да се тврди дека шансите Вашингтон да се повлече од Алијансата се – минимални. Такви се очекувањата и на голем дел од светските аналитичари, а така проценува и влијателниот „Економист“. Се цени дека Алијансата им е, сепак – потребна на САД, иако непредвидливоста на одлуките на Трамп носи сериозен ризик за какви било трајни заклучоци. Брзото нивно напуштање е речиси невозможно и заради законот од 2023 година, со кој за излегување од Алијансата беше пропишана двотретинска согласност на Сенатот. Засега, такво мнозинство е недостижно, иако Трамп има решенија за сите ограничувања!
НАТО беше формиран во 1949 година, против тогашниот СССР. Но, со неговиот распад, и особено со растурањето на Варшавскиот пакт, потребата од Алијансата беше во голема мера избришана. Само привремено таа празнина ја пополнија војните на просторот од Југославија, каде што НАТО одигра одредена улога. Потоа, откако го снема СССР, одржувањето на Алијансата не беше воопшто европски интерес, туку исклучиво американски, иако и за тоа немаше никаква оправдана причина. САД продолжија да ја сметаат Русија како главна закана, а Европа безусловно следеше, иако Москва не покажуваше никакви империјални амбиции. Сега веќе има неспорни докази дека, прво, заради обединувањето на Германија, Вашингтон презеде конкретни обврски дека НАТО нема да се шири кон руските граници (Џејмс Бејкер – Михаил Горбачов…). Тоа беше игнорирано на флагрантен начин. И, второ, Русија покажа интерес дури да стане и дел од Алијансата, што беше – отфрлено.
Денес единствено е јасно дека Алијансата веќе никогаш нема да биде тоа што беше, дури и ако САД не се повлечат. Ќе следуваат сериозни промени. Досега, таа беше – Снежана и 31 џуџе, бидејќи Вашингтон одлучуваше за сѐ, ама и најмногу финансираше. Трамп става крај на тоа, и започна трансформацијата.
ЕУ се најде во небрано, го изгуби ориентирот, и сака да војува со Русија, што е надвор од умот! За таа цел, ги зголеми и трошоците за одбрана: во 2022 година членките потрошија 240 милијарда евра за одбрана, во 2023 година – 270 милијарди, а во 2024 година – дури 381 милијарда! Тоа значи дека за две години овие трошоци се зголемени за над 60 проценти! Трендот продолжува. Нека му ја мисли Москва!
Логично е да се очекува дека Алијансата отсега ќе биде сѐ повеќе европска безбедносна организација. Во јули претстои нејзин самит во Анкара, кога работите треба да станат појасни иако таму сѐ уште главен ќе биде – Трамп. А, ако тој не дојде, ќе имаме нова фактографија.
Евентуалното претворање на НАТО во некаква европска алијанса ќе биде најлошата можна опција. Без оглед дали со САД внатре или без. Неизбежно, тоа ќе води во сѐ подлабока конфронтација со Русија, што е апсолутно спротивно на фундаменталните интереси на Европа, од секој аспект. Прво, Европа не може да биде обединета, безбедна, стабилна и просперитетна – без Русија. Второ, нивната компатибилност е неверојатна – од една страна врвна европска технологија, од друга неизмерни руски богатства на суровини и особено – енергија! На евтин начин, така досега и се развиваше Европа.
Впрочем, да не одиме подалеку – од нешто над 10 милиони квадратни километри на европскиот континент, околу четири милиони, или – над 40 проценти, отпаѓаат на Русија. Да не ги спомнуваме и нејзините други, над 13 милиони квадратни километри, во азискиот дел! И што, ЕУ се вооружува? Против кого? Против Русија! Каква глупост!
Користењето сила во меѓународните односи – не е прифатливо. Москва, меѓутоа, мораше да интервенира поради длабоко погрешните политики на Киев. Со негово членство, Алијансата ќе ги поставеше своите ракети на руската граница, како отворена безбедносна закана за Москва. Кога СССР, во 1962 година, постави ракети на Куба, на американската граница, САД го доведоа светот на раб од нуклеарна војна – за да се повлечат. И, имаа некакво право. Денес истото тоа важи и за Москва. Впрочем, ширењето на НАТО кон Русија има единствена цел да ја опколи земјата. Овде нема да го спомнеме односот на Киев кон огромното руско малцинство.
Од друга страна, нема никаков повод, ниту причина, за каква било руска агресивност кон остатокот на Европа! Зошто би тргнале тие на Балтикот или… на Париз? Што ќе им се? Нови територии? Ги имаат премногу! Секој чекор во таа насока може да им донесе само непресметливи штети и нерешливи проблеми. Самоуништување, без никаков ќар. Ако, пак, Европа сака да војува со Русија, тоа е веќе друго прашање, за кое има уште помалку и повод и причина.
Многубројни се аргументите дека Русија е природен сојузник на ЕУ, а не непријател. Но ќе треба време да се сфати тоа. Најважните ЕУ-политичари веќе се построија на погрешна лента. Просто е неверојатно како тие, секако умни луѓе, не сфаќаат дека досега водеа американска политика против Русија, којашто беше целосно спротивна на европските клучни и долгорочни интереси. Една од причините за евентуално продолжување на сегашните европски апсурди е и новата улога на Германија, којашто веќе нема ограничувања за своето вооружување. Што (ќе) значи тоа, е друго прашање.
Без никаков предизвик, Трамп спроведе државен тероризам во Венецуела и во Иран. Тоа се политики коишто секој мора да ги осуди. Сепак, тој направи и незамисливи, радикални промени во американската безбедносна стратегија кон Русија и Кина, со што ја промени судбината на светот. Од – „главна закана“ и од „главен егзистенцијален противник“, тој ги „претвори“ двата ривала во потреба од – „заеднички поволни економски односи“. Да се надеваме дека таа политика ќе продолжи!? Кисинџер имаше оценето дека претходната американска политика кон Кина водеше во неизбежен – нуклеарен воен судир. Тоа би било – крај на светот.
Може да се разбере шокот што ЕУ-лидерите го доживеаја со драматичната промена на односот на Трамп кон Русија. Неговиот ангажман, за да се реши војната во Украина, и така да се отвори пат за нормални односи и соработка меѓу двете земји, беше силен удар врз нив. Тоа се случи прекуноќ, а тие, како дотогашни американски пиони и вазали, коишто воопшто не ја доведуваа во прашање доминацијата на САД не само во областа на безбедноста туку и во сѐ друго, одеднаш се најдоа изневерени. Ако веднаш се преориентираа според компасот на Трамп, ќе се видеше нивната целосна ништожност, а тоа им беше неприфатливо. И, за да си го спасат образот, се сплотија околу продолжување на војната против Русија! Поголема глупост – тешко може да се замисли.
Заложбите на САД за што поскоро завршување на војната во Украина се исто така од исклучително значење за целиот свет. Да се надеваме дека наскоро ќе заврши „излетот“ во Иран, и Украина повторно ќе биде главна тема за Трамп.
Прашање е дали најновите состојби се и некаква лебедова песма за Алијансата. Тоа никој не може да го предвиди. Идејата на САД за исклучување на непослушните не може да помине. Тие имаат околу 84 илјади свои војници во ЕУ и можно е нивно намалување или раселување. Извесно е само дека САД максимално ќе го скратат финансирањето. Меѓутоа, иако звучи анахроно, однесувањето на ЕУ е поголем предизвик за иднината на НАТО од САД! Продолжи ли сегашната шизофренија, дека треба и мора да се војува со Русија, сѐ ќе оди прудолу и Алијансата ќе се самоуништи! Топката е во дворот на ЕУ.
Овој галиматијас во Алијансата е само нова потврда дека промената на името на државата заради членство во НАТО – беше катастрофална грешка. Го жртвувавме и идентитетот на македонскиот народ. Погребот на Македонците е процес што трае и затоа максимално се внимава како да ни се обраќаат. А, по Нивици, ние сме неспорно – северномакедонци. Тоа не ни гине и прашање е само на време. Промената на името на државата е непростлива историска глупост, бидејќи таа него го добила од народот, а не од регионот. Државата и народот беа поврзани со папочна врвца, којашто некои предавници со сила ја пресекоа. Потешко предавство од тоа не може да се замисли. Впрочем, ако утре и Франција се прекрсти во Нормандија, таму ќе живеат Нормандијци, а не Французи.

































