Јазична патрола (5)
Ние, учениците од мултимедијалниот клуб „К“, забележавме дека во нашите разговори, како и нашите другари, сѐ повеќе користиме зборови од англискиот јазик. Наместо да кажеме „објава“ често велиме „пост“, наместо „игра“ велиме „гејм“, а кога зборуваме за телефон, речиси секогаш велиме „смартфон“. Ова не е затоа што не знаеме македонски зборови, туку затоа што англиските зборови ни звучат „покул“, побрзо ги разбираме и се дел од интернет-светот во кој растеме. Генерацијата алфа односно децата на возраст од 10 до 15 години, живеат во време кога Тикток, Јутјуб и Инстаграм се секојдневие, па затоа англизмите стануваат дел од нашиот јазик.
Новиот јазик на младите
Во нашето училиште „Климент Охридски“ во Прилеп неодамна беше спроведена електронска анкета меѓу ученици на возраст од 10 до 15 години за тоа колку често користат англиски зборови во секојдневниот говор. Беа анкетирани 86 момчиња и девојчиња. Резултатите покажуваат дека повеќето од нив одговараат „често“ или „многу често“, а само мал дел велат дека „ретко“ или „никогаш“ не употребуваат англизми.
Англизмите најчесто се користат во разговори со пријателите и на социјалните мрежи, а поретко во семејството или на училиште. Учениците велат дека зборови како „лајкна“, „фоловерси“, „адна“, „мјутна“ и „хејта“ се дел од нивниот секојдневен речник. Некои дури користат цели реченици на англиски. Најчестата употреба им е во комуникацијата, која во голема мера им е на далечина.
Кои се најчесто употребувани англизми?
Во продолжение ви прикажуваме некои од зборовите што учениците ги користат во секојдневните меѓусебни разговори. Такви се: адна (додаде), фоловерси (следбеници), мјутна (го исклучи микрофонот), пикми (девојче што сака да привлече внимание од спротивниот пол), кол (видеоповик), рил (кратко видео), шат ап (замолчи), лајк ит (допадна), хејтна (рече нешто лошо за некого), шоу (покажа), ват д хел (што е ова), ај донт ноу (не знам), хелоу, хај (здраво), грл (девојко), шерна (сподели), рандом вордс (кои било зборови), океј (добро), перфект (одлично), ватс ап (како си), слеј (браво девојко, одлична си), дива (занесна девојка), клок ит (да забележиш нешто, да уловиш), гајс (дечки), идк (не знам), бро (брат), ривајв (да оживее), џојни (вклучи се во играта), левел (ниво), пост (објава), стори (кратка објава), скрол (движење по екран), инфлуенсер (влијателна личност), фејк (лажно), дејтираат (се состануваат, имаат состанок), секјурити (обезбедување), рекомендејшан (препорака), предиктира (предвидува), се флипна (се преврте), хилна (се извлече), опсесиран (опседнат), вифи (безжична мрежа), критизира (критикува)…
Влијанието на англискиот јазик е распространето до таа мера што учениците често користат и цели реченици или изрази на англиски јазик, како на пример: ви ар кукт (готови сме), вот ар ју дуинг (што правиш), хау ар ју (како си), ју ар соу фани (многу си забавен, забавна), ју ар вери рил вит д емоушнс (искрен/а си).
Новите билингвисти
Нашата наставничка ни кажа дека користењето на англизмите зема толку голем замав што веќе не се користат само зборови и реченици туку се прави буквален превод на англиски изрази. Тоа е резултат на билингвизам. Ние всушност го имаме англискиот јазик како мајчин паралелно со македонскиот. Направивме список од неколку изрази што ги „улови“ наставничката додека ние зборувавме. На пример, се користи изразот „реагирал со бес“, што е буквален превод на англискиот израз „риект вит енгр“ (react whit anger), кој на македонски гласи: „бил бесен“, натаму се користи „ги направи да одат“ наместо „им рече да одат“ или „тие се грчки луѓе“ наместо „тие се Грци.“
Оваа ситуација е загрижувачка, англизмите на новите генерации не се само зборови – тие се дел од нивниот идентитет и секојдневие.
Јазикот не може да остане статичен и затворен од туѓо влијание, но важно е да се најде рамнотежа меѓу прифаќањето на новото и зачувувањето на домашната лексика. Она што може да се направи е да се издаваат книги на македонски јазик, кои ќе бидат интересни, шарени, со големи и примамливи букви. Исто така потребна ни е побогата програма на македонски јазик во интернет-просторот, но и на телевизија и на радио. Ако имаме повеќе такви содржини и книги што ќе ни бидат интересни, ние ќе го збогатиме речникот и во нашата глава ќе ја имаме македонската синтакса.
Подготвиле: Учениците од мултимедијалниот клуб „К“, ООУ „Климент Охридски“-Прилеп, под менторство на наставничката Јулијана Талеска


































