Кому му текна да предложи внесување на етничката припадност во личните карти? Како и во секое етнички поделено општество, така и во Македонија темата заеднички соживот никогаш нема да биде конечно исцрпена, а ни конечно решена. Секоја политичка генерација мора самата да си го најде својот еквилибриум и повторно да го обнови консензусот како ќе си го уреди заедничкото живеење за да може да се продолжи чекорењето напред. Притоа, општеството секогаш е должно да си се преиспитува дали постои некој или цели групи што се онеправдани, што е извориштето на таквата дискриминација, како да се надминат состојбите и така натаму. Целта не е никогаш да се продлабочат разликите и да се потврдат расцепите, туку секој да добие еднаква шанса и полето за игра да биде колку што е можно порамно и порамноправно. Значи, битката е сите да се ограѓаниме.
Така јас го толкував и сè уште го толкувам Охридскиот рамковен договор, поточно како исчекор кон граѓанска Македонија. Меѓутоа, за жал, целата приказна одамна се лизна назад од граѓанското кон етничкото, па македонското општество се трибализира, наместо да се европеизира. Најчудовишна алатка на трибализацијата, која веќе сериозно заличува на апартхејд е таканаречениот „балансер“, противуставна, противзаконска и антицивилизациска норма што молчешкум, крадешкум и лазечки влегла во македонскиот правен систем и сега однатре го разорува принципот на граѓанска Македонија. Овој механизам утврдува дали во секоја институција етничкиот пресек на вработените одговара на последниот попис, па потоа наложува од кој етникум да доаѓаат идните вработени во споменатата установа. Каква врска има тоа со меритократијата? Најнегативна можна, затоа што заслугата, ефектот и квалитетот немаат етнички предзнак. Каква врска има балансерот (урамнотежувач би се нарекувало ова на македонски, веројатно) со европската интеграција? Целосно спротивна затоа што самата идеја на европското обединување поаѓа од правото на слободно движење, населување и вработување низ европскиот континент, како и од принципот на антидискриминација по која било основа. Каква, пак, врска има оваа алатка со граѓанското? Разорна, затоа што граѓанскиот принцип не прави разлика помеѓу државјаните и настојува да ги обедини околу демократскиот уставен поредок, а балансерот цели токму кон спротивното. Не сакам тука воопшто ни да навлегувам во дискусијата за спорниот попис, како и за уште попроблематичното утврдување на бројките со кои се полни балансерот.
Има ли оваа состојба и геополитичка црта? За жал, има, но таа е сосема спротивна од целите на геополитичките архитекти.
Не се сомневам дека клучните насоки на американската надворешна политика кон Балканот се утврдени со извршна наредба на некој од скорешните претседатели на САД, што сè уште е под ознака на доверливост, но самата содржина на овој документ може да се насети. Веројатно како цели за американската дипломатија е зацртано државите од Западен Балкан да се претворат во консолидирани либерални демократии и функционални пазарни стопанства, уредени според граѓанскиот принцип, со полно почитување на малцинските права, целосно интегрирани во НАТО и во Европската Унија. Притоа, секако дека во овој документ Западен Балкан има шест земји, се обврзува американската дипломатија да работи на меѓусебно признавање помеѓу Србија и Косово, Босна и Херцеговина да се преуреди граѓански, а Македонија да остане унитарна и целовита. Е, сега самата практична разработка на овие зацртани насоки на американската надворешна политика имаат свои различни појавни облици, кои може и треба да бидат предмет на критика.
Не мислам дека САД целат кон федерализација, расцеп или исчезнување на Македонија, но мислам дека нивната политика за стабилизација на Македонија по конфликтот од 2001 година го претвори ДУИ во ова митско суштество што ја загрозува примарната цел на нивната политика – Македонија како консолидирана демократија и пазарно стопанство, граѓански уредено и целосно интегрирано во ЕУ и во НАТО. Инсистирањето на САД за вклучување на ДУИ во Владата по конфликтот од 2001 година, веројатно, поаѓаше од анализата дека структурите на поранешната косовска УЧК, „ребрендирана“ во ОНА, може да ја дестабилизираат Македонија. Во американскиот светоглед на регионот, но и во анализите на сите други регионални и глобални сили, Западен Балкан е своевидна „рубикова коцка“, па секое движење на една страна ги поместува и сите други. Етничка нестабилност во Македонија го доведува под прашалник решавањето на косовското прашање, а тоа ги усложнува и работите во Албанија, Црна Гора, па дури и во Босна и Херцеговина. Затоа ДУИ мораше да биде дел од секоја владина коалиција. Учеството на ДУИ во власта тогаш беше „социјална политика“ за „реинтеграција“ на некогашните герилци. Али Ахмети добро го разбираше тоа, па затоа целокупниот притисок врз Владата од 2006 до 2008 година се сведуваше на „ќе има војна ако ДУИ не биде во Владата“, а и до ден-денес не се расветлија сите аспекти на тогашните случувања во Бродец, гранатирањето на Владата и некои други епизоди што доведоа до „мајскиот договор“. Денес е 2023 година, ДУИ одамна е вградена во сите можни државни институции, но некако уште не е јасно дали тие имаат капацитет за дестабилизација на Македонија. Тоа е нивната единствена вредност во американските и во другите анализи за земјата. За жал, тоа е и извориштето на нивната моќ.
Оттука, заради нивна најладнокрвна политичка калкулација, ДУИ е и најголемиот противник на граѓанска Македонија и најголем поборник на партикуларизмот или етничкиот федерализам ако тој термин е поприфатлив. Граѓанска Македонија, со целосно интегрирана албанска заедница, значи дека нема веќе никаков потенцијал за воени авантури, па ДУИ така ја губи сета своја моќ и релевантност. Но етнички поделена Македонија, каде што ДУИ е посредникот помеѓу Албанците и државата, го продолжува животот на целата оваа структура во недоглед. Затоа е измислен и промовиран балансерот. Замислете конкурс каде што државната комисија не го разгледува етничкиот принцип и каде што партиите немаат никаков увид. Да, ќе потоне моќта и на другите партии, но тука најмногу губи ДУИ. Притоа, фактот што СДСМ тоне во политичка ирелевантност, го претвори ДУИ во политички џин, со многу поголема моќ отколку што ја заслужува. Во актуелните анализи на САД се зборува за опасностите од корозивно влијание на непријателските глобални и регионални сили на Балканот. Инсистирањето на „етничкото“ и продолжувањето на семоќта на ДУИ веќе одамна создаде една пукнатина во македонското општество, која лесно може да се исполни со политички токсичен и радиоактивен материјал од непријателски структури. Таму е главната опасност за реализацијата на извршната наредба на американскиот претседател (несензитивноста кон македонскиот идентитет е посебна тема што, исто така, создаде опасни пукнатини, но тоа е друга тема).
Е, сега, пред некое време во Владата повторно влезе Алијанса на Албанците, која сега се труди некако да го „натпатриотчи“ ДУИ. За да се избегне злоупотребата на балансерот каде што граѓаните најпрактично се изјаснуваат етнички онака како што е пропишано во конкурсот, новиот министер за правда дошол со „генијална идеја“ да се внесе етничката припадност во изводите, личните карти и во пасошите. Значи, наместо да се оди кон граѓанска Македонија и да се прекине со овие луди етнички политики што сериозно замирисуваат на апартхејд, сега Владата избира да ги закатанчи во сите матични документи. Оваа иницијатива мора да се сосече во самиот корен, а нејзините протагонисти да се изложат на столбот на срамот. Етничкото е во доменот на приватноста и на интимата на граѓанинот, негово нераскинливо право на самоопределување и на изразување на неговата посебност, поединечно или групно. Јас ќе бидам првиот што ќе застане против секоја форма на етничка дискриминација, вклучувајќи и против вакви потези што ја овозможуваат, олеснуваат и ја промовираат.
Во 1990-тите Балканот потона во мракобесието на етничкото, а кај нас кулминацијата дојде во 2001 година кога земјата се најде на самиот раб на амбисот. Оттогаш, за жал, од многу причини, вклучувајќи ги и туѓинските геополитички равенки, етничкото само се утврдуваше. Време е клатното да се придвижи во другата, во граѓанската насока, па идеите за внесување етничка графа во матичните документи и балансерите да бидат испратени исклучиво во докторатите за најсовремена историја, но и на буништето на пропаднатите историски идеи. Тоа би било и најсоодветна геостратегиска политика на САД и на ЕУ против сите форми на непријателско влијание затоа што на Балканот граѓанското најбрзо пропаѓа кога ќе се изложи на корозивни етнички отрови, а зад најчесто јасно изразени туѓински интереси.
Ивица Боцевски