Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со порака дека солидарноста е темелна вредност на новинарството и професија што служи на јавниот интерес, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), заедно со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и во соработка со Црвениот крст, го одбележаа 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите.

По тој повод беше организирана четвртата крводарителска акција, на која учествуваа голем број новинари, медиумски работници и граѓани. Крв се даруваше на повеќе локации – во Дневниот центар за дарување крв на Црвениот крст во Скопје („Даре Џамбаз“), како и во клиничките центри во Охрид, Струмица и Битола.

Со оваа хуманитарна активност, ССНМ и ЗНМ се приклучија кон глобалното одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите, како и кон активностите на Меѓународната федерација на новинари, која следната недела ќе го одбележи векот од своето основање.

Членката на Извршниот одбор на ССНМ, Тамара Грнчароска, истакна дека новинарството денес се соочува со сериозни предизвици и потсети дека слободните медиуми се столб на демократијата, додека хуманоста е столб на секое здраво општество.

Таа нагласи дека 3 Мај не е само ден за одбележување на слободата на медиумите, туку и потсетник дека новинарството е одговорна професија, насочена кон интересот на граѓаните и доброто на заедницата.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, во пресрет на новиот извештај на „Репортери без граници“, потсети на минатогодишниот пад на Северна Македонија за шест позиции на листата за медиумски слободи. Тој порача дека ништо не е трајно обезбедено и дека слободата на медиумите мора постојано да се брани и унапредува.

Чадиковски додаде дека новинарството има посебна мисија – да го штити јавниот интерес и да биде глас на заедницата, а со крводарителската акција се испраќа порака дека солидарноста е вредност што се живее, а не само се декларира.

Од името на Црвениот крст на Град Скопје, Александра Ристовски се заблагодари за иницијативата, оценувајќи дека ваквите акции директно придонесуваат за спасување животи и се дел од пошироката хуманитарна мисија.