Излез од ќор-сокакот е слепа улица

Боже, каква тензична психодрама! Опозициски настроената јавност составена од политичари, медиуми и експерти, во одбрана на нежната Европска Унија накитена со западни вредности. Злоупотреба на европско знаменце, тоа малечко, ама божествено орудие за доживување цивилизациски оргазми. Оти, нели, досега никогаш не било злоупотребено. Дали тоа власта потпадна под руско влијание, па тргна против светата европска мека столица? Мојот изопачен ум веднаш започнува да произведува дузина наслови.
Таче и Груби како Путин и Распутин!
Ексклузивно: Октроираниот премиер Ронг Харвард всушност бил Риал Ломоносов.
Научниците пресекоа: Артан Груби е реинкарнација на Иван Грозни!
Јавноста грмна: Брисел не смее да падне!
Дали зад името „Бехтел и Енка“ се крие нова руска антиевропска офанзива на Иљф и Петров?
Брејкинг њуз: Ричард Гир ќе ја игра главната улога во новиот блокбастер „Страдањата на еврошефот Гир“!
Патем, во смешната и гротескна „тепачка“ меѓу нордистанската власт и европската мисија во Скопје, јас сум на страната на спонзорите на октроираниве, односно навивам за коњокрадците од Дивиот Запад. Искрено, Нордистан си е ваш протекторат и вие, а не СДСМ и шарените луѓенца, за ова се боревте. Оти секогаш кога се злоупотребуваше европско знаменце за идентитетска ЕУтаназија на Македонците, бриселскиве мисионери не само што не се бунеа туку го поддржуваа софистицираниот холокауст врз нас и нашето битие. Така е и сега, кога ЕУ вермахтот го промовира бугарскиот нацифашизам кон Македонија ставајќи го како услов за пристапни преговори. Оттука, баш ме чуди што некои се чудат како тоа шведската амбасадорка нè нарекла нордистанци (на шведски: северномакедонци). Јас, искрено, од разговорите што сум ги имал со Один, Тор и Локи, инаку мои пријатели и стратешки партнери, одамна знам дека Швеѓаните во Валхала можат да влезат само како Северни Данци, ама мислам дека некои дамнешни одговори не заслужуваат модерни, бесмислени прашања, па така не се нервирам многу околу изјавите на некој таму дипломатски чиновник чии муабети ама ич не ме возбудуваат како, на пример, мирисот на диви јагоди од бавчата на госпоѓица Јулија, која живее под кирија кај Пипи во Вилата Вилекула. Со шведски амбасадори завршив, откако видов како онаа нивна будала се пали кога облекува млад Ром во пелени. Ваквите политички настраности едноставно се губат пред мојата љубов спрема цивилизациските вредности како оние на Линдгрен, Стринберг и Бергман.

Понекогаш, една мала расправија, разговор или коментар знаат да ја покажат целата форма без суштина во која се наоѓа човештвото и денешната цивилизација. Човек што присуствувал на воената парада во Москва по повод Денот на победата над нацизмот, постира на Фејсбук неколку фотографии од манифестацијата. Под една од тие фотографии, каде што во заднина се гледа ракета со нуклеарна боева глава или како веќе и да се нарекува, се јавува претставник на интелектуалната бижутерија од граѓанството луѓенца на воук и кансел културата, кој себе се доживува како врвна етичка величина, па од позиција на прогресивен елитист крикнува: „Што друго досега измислил Русинот освен бомба?“. Нормално, тука се јавуваат неколкумина, па едни му објаснуваат кој прв и единствен фрлил атомски бомби врз луѓе, а други го прашуваат дали некогаш слушнал за Менделеев и Павлов, што реално, според мене, се залудно потрошени зборови на објаснување, оти во она негово глупаво прашање не се крие само бесмислена омраза спрема еден народ и неговото постоење, туку сета поента на духовното распаѓање на западната мејнстрим „култура“ што се етаблира себеси како единствена вредносна платформа, која не само што силува со својата наметливост, плиткост и ароганција туку налудничаво гази врз вистинските западни цивилизациски вредности, па така, сведоци сме на цензури, забрани и хистерија спрема ремек-делата на Микеланџело, Шекспир, Монти Пајтон, кои се прогласуваат за сексистички, порнографски, расистички, мизогини, хомофобични и слични наративи на политички коректниот прогресивен фашизам. Затоа, воопшто не ме чуди кога портпаролот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, вели дека Втората светска војна завршила со победа на САД против фашизмот.
Па, нормално! Додуша мене ми пречи терминот фашизам. Политички коректно е тогашната администрација. Не знам само зошто не е споменат нацизмот како руска подметачина во германското секојдневје, преку кој Русите сакаа да ги истребат Евреите, кои за среќа беа прифатени и згрижени во Холивуд. Патем, Втората светска војна започна со американскиот напад на Нормандија, а заврши со капитулација на Јапонија, по двете руски атомски бомби кои Американците по грешка ги фрлија врз Хирошима и Нагасаки.

А Русите? Учествуваа ли тие во Втората светска војна?
Ма, јок! Додека американските и западноевропските херои водеа жестоки војни со тогашните администратори, Русите спроведуваа робовладетелство врз Афроамериканците, но, за среќа, Мартин Лутер Кинг им покажа среден прст, за што беше и ликвидиран од страна на КГБ, кои најрасистички го нарекуваа Мартин Лутер Кинг Конг.
Да, знам, звучи налудничаво и можеби цинично смешно, ама како сме тргнале, на крајот сите ќе плачеме. И на Исток и на Запад. И горе и долу. Оти за плачење е работава, иако и солзите нема многу да помогнат. Отиде светов, по ѓаволите. Ниту во оној среден век, наречен мрачен, светлината не била толку мрачна како денес. И не, не зборувам за можна нуклеарна војна, која ни виси над главите. Човештвото фати џенем и без украинските ровови или другите планетарни крвопролевања. Влеговме во цивилизациски ќор-сокак, ама враќањето назад е слепа улица. Нашата цивилизација ја пее својата лебедова песна и нејзиниот рефрен воопшто не е пријатен за слушање. Технолошката експанзија само ни го одвлекува вниманието и привидно нè штити од фактот дека сме во духовна, интелектуална и емотивна дистопија. Ќе ви кажам еден ироничен и навидум бесмислен доказ, кој вели дека во првиот половина час, откако ќе го загубите мобилниот телефон, се чувствувате беспомошно и ве обзема паника, која гласно изговорена звучи вака: „Сè ми е во телефонот!“
Точно! Дури и душата. Тоа е баналната, ама стравична вистина.