Европски ориентирани пратеници

Во ВМРО-ДПМНЕ сите се европски ориентирани пратеници, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е евроатлантски ориентирана партија!

Одвреме-навреме, дали премиерот Димитар Ковачевски или вицепремиерот Бојан Маричиќ, дали Бујар Османи, министер за надворешни работи, во контекст на ЕУ-интеграциите и уставните измени говорат за „европски ориентирани пратеници“ во ВМРО-ДПМНЕ, со кои ќе разговараат и ќе го обезбедат потребното двотретинско мнозинство. Бидејќи врвот на власта го кажува и го повторува тоа, значи дека е усогласена стратегија за односи со јавноста (ОЈ).

Оваа стратегија почнува од почетокот на годината со најавата од страна на ДУИ за „Фронт за европска Македонија“ или „Фронт за ЕУ“. Општата цел е ДУИ и СДСМ да се прикажат како прозападни, про-ЕУ чинители, а со тоа опозициската ВМРО-ДПМНЕ, имплицитно, а некогаш и експлицитно да биде означена со националистички антизападен и анти-ЕУ чинител. Врамувањето и етикетирањето е наменето за заплашување на неопределената домашна јавност и за меѓународната јавност, особено во контекст на агресијата врз Украина. Во јануари и во февруари во „Фронт за“ и во „ДУИ и СДСМ – анти-ЕУ коалиција“, веќе пишував колку власт што се декларира за про-ЕУ на зборови е анти-ЕУ на дела. Но како нема ниту една друга точка за политички маркетинг, власта продолжува со истите празни односи со јавноста.

Еве и сега да видиме што значи европски ориентирани пратеници? Дали тоа се Елизабета Канческа Милевска, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Нола Исмајлоска Старова, Крсто Мукоски, Владанка Авировиќ и Емилија Александрова, осумте пратеници што гласаа за уставните измени со Преспанскиот договор? Или беа уцените, под закани? Или Бујар Османи под европски ориентирани пратеници мисли на киднапирани пратеници како Кастриот Реџепи? Такви нема! Во ВМРО-ДПМНЕ сите се европски ориентирани пратеници, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е евроатлантски ориентирана партија! Веројатно Бујар Османи кога најавува 80 пратеници мисли на пратеници како погоре и, всушност, најавува кампања за заплашување и закани. Со тоа, всушност, власта на ДУИ и на СДСМ се одлучува за најлошата варијанта за Македонија. А најлошо за Македонија не е ниту промена на Уставот, ниту враќање на почеток, туку промена на Уставот на „преспански начин“, со кампања на страв, заплашување, уцени, закани, киднапирања. Тоа ќе биде рушење на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на тоа. Заплашувањата започнаа од банални, како тоа на Бујар Османи дека Македонија не може да постигне владеење на правото и независно судство без ЕУ-членство. Прво тоа е лага, најдобар пример за тоа е Бугарија, најкорумпирана членка на ЕУ. Второ, тоа ја убива надежта дека ние граѓаните на Македонија можеме самостојно да направиме држава, а во ЕУ се примаат држави, а не пропаднати држави.

ВМРО-ДПМНЕ е за ЕУ на дела! Зошто? Македонија е резултат на стремежот и борбата на македонскиот народ за своја независна држава и без тоа Македонија нема причина за постоење. ВМРО-ДПМНЕ го штити тоа. Истовремено постои посветеност на ЕУ-интеграциите и ВМРО-ДПМНЕ даде предлози како до уставни измени, со намален ризик. ВМРО-ДПМНЕ даде три предлози како да се намалат ризиците. Во сите три предлози ВМРО-ДПМНЕ не е против „Бугарите во Уставот“, туку е против „Бугарите во Уставот“ со уцена и диктат од Бугарија, и ВМРО-ДПМНЕ смета дека тоа нема да ја осигури интеграцијата на Македонија во ЕУ, односно дека и со „Бугарите во Уставот“, Бугарија без промена во тамошната политика и понатаму ќе ја уценува Македонија и ќе бара отстапки од Македонија што се против македонските националните интереси.

И тука не постои страв или несигурност во македонскиот идентитет, напротив постои голема сигурност и самодоверба. „Бугарите во Уставот“ нема да нѐ направи Бугари, но ќе внесе нов проблем што ќе ја троши енергијата на нацијата, наместо таа да биде насочена кон развој и напредок. И противењето не се однесува на Бугарите во Македонија, туку на мешањето на Бугарија. Бугарите во Македонија, без разлика дали се македонски Бугари или доселени од Источна Србија или Бугарија, мнозинството не се како Пендиков, криминалец инструмент во рацете на Софија, како Николас Константинидис или Кољо Дијамантот инструмент во рацете на Атина, туку се вредни и лојални граѓани на Македонија. За тие Бугари, вредни и лојални граѓани на Македонија, вреди да се бара решение.

Оттука ВМРО-ДПМНЕ понуди три предлози. Првиот предлог – преамбула според „хрватскиот модел“. Потоа следуваа два нови предлога што имаат два заеднички елемента и се разликуваат во однос на изборите. Двата заеднички елемента се заштита на националниот интерес и влада без учество на ДУИ. Во првиот за уставни измени сега, веднаш, без избори, со уставни измени со одложена примена, како заштита на националниот интерес и со влада без ДУИ. Во вториот, уставни измени по изборите, повторно со влада без ДУИ со знаци на добра волја од Бугарија, на пример, со регистрација на македонски здруженија, резолуции на добра волја од големи држави, и пакет на економска и финансиска поддршка на Македонија. Затоа ВМРО-ДПМНЕ е про-ЕУ партија, а пратениците се европски ориентирани пратеници!
Авторот е аналитичар* 
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / 
Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek