Редакциски осврт
Корупцијата како геополитичка болест
Ниту една држава не смее да биде амнестирана од одговорност за корупцијата, ниту Украина, ниту Македонија, ниту, пак, старите членки на евроатлантските структури. Но, исто така, ниту една држава не смее да биде претворена во жртвено јагне за системски проблем што одамна ја нагризува цела Европа. Безбедноста не се брани со селективни морални лекции, туку со еднакви критериуми, институционална чесност и реална солидарност.
Во момент кога украинскиот претседател Володимир Зеленски ја интензивира дипломатската офанзива за што побрза интеграција на Украина во ЕУ и НАТО, Киев повторно е потресен од сериозен корупциски скандал, кој не само што ја компромитира внатрешната стабилност на државата туку и отвора суштински прашања за кредибилитетот на евроатлантските интеграции. Обвинувањата против Андриј Јермак, човек што долго време важеше за еден од најблиските соработници на Зеленски, и тоа за перење милионски суми и вмешаност во организирана криминална структура, претставуваат удар врз самата политичка архитектура што Украина се обидува да ја претстави како реформска и демократска.
Скандалот, дополнително засилен со протечени телефонски разговори во кои се спомнуваат лица од безбедносниот и енергетскиот сектор, не е само обичен случај на политичка корупција. Тој ја открива опасната симбиоза меѓу државната моќ, олигархиските интереси и паралелните финансиски мрежи што функционираат во сенка на институциите. Таквите структури не се само морален проблем, тие претставуваат директна безбедносна закана, бидејќи ја поткопуваат довербата, ја еродираат ефикасноста на државата и го слабеат капацитетот за одбрана.
Во таа смисла, прашањето за корупцијата денес веќе не може да се третира како техничко прашање на „добро владеење“. Тоа прерасна во стратешко и геополитичко прашање и со тоа сме сите начисто, од државите, институциите, аналитичките центри, до медиумите и јавноста. Корупцијата е вирус што ги разјадува институциите однатре, создава паралелни центри на моќ и ја претвора државата во плен на тесни интересни кругови. А кога таков систем треба да стане дел од колективен безбедносен механизам како НАТО, тогаш дилемите стануваат многу подлабоки.
Но тука започнува и најчувствителниот дел од дебатата што ја отворивме: Прашањето за двојните стандарди!
Ако корупцијата навистина е егзистенцијална закана за Алијансата, тогаш критериумите мора да важат за сите. Не може Украина, со огромни и добро документирани корупциски афери, и понатаму да се третира како геополитички проект што по секоја цена мора да биде интегриран, додека Македонија, мала држава со ограничено влијание, но со континуирано исполнување на безбедносните обврски, да биде етикетирана како „ризик за НАТО“. Во експозицијата на колумната на директорот, Македонија е спомената ДВА пати. И сѐ што следува натаму се реферира на тоа име и тој субјект!
Токму тука јавноста со право реагираше на колумната на директорот на Институтот за стратегиски и безбедносни студии, во која корупцијата во Македонија беше поставена во контекст на потенцијална закана за Алијансата. Тезата дека корупцијата може да стане безбедносен ризик сама по себе не е неточна. Напротив, таа е реална и одамна препознаена во современите безбедносни анализи. Но проблемот настанува кога ваквите оцени се прават без поширок геополитички контекст и без споредбена перспектива. Зашто ако Македонија е „ризик“, тогаш што е Украина? Што е со Бугарија, што е со Албанија, што е со Хрватска, ако сакате…? Ако авторот генерализираше со феноменот корупција, тогаш и реакцијата, ваква како што беше форматирана, ќе изостанеше, а ќе имаше реакција на поддршка. Затоа што, ако институционалната слабост е дисквалификувачки фактор, тогаш дали истиот аршин важи и за државите што и покрај сериозните афери добиваат политички кредити поради својата геостратешка улога? Тука лежи суштината на нашата дилема.
Европската Унија и НАТО одамна не функционираат само како вредносни заедници. Тие функционираат и како политички системи на интерес, влијание и геополитичка нужност. Затоа Украина, и покрај корупциските скандали, останува приоритет за Западот, не затоа што ги исполнила европските стандарди, туку затоа што војната ја претвори во централна линија на судирот меѓу Западот и Русија. Но токму тука мора да бидеме сите внимателни… и ЕУ и членките и кандидатите за членство и институтите и аналитичките центри и медиумите… Зашто доколку принципите се жртвуваат во име на геополитиката, тогаш самите евроатлантски институции ризикуваат да ја изгубат моралната основа врз која ја градат својата легитимност. Не постои „прифатлива корупција“ кога станува збор за безбедноста. Не постои „привремено толерирање“ на олигархиски системи без долгорочни последици. Па и историјата ни покажува дека „импортирањето нереформирани политички структури во сложени сојузи секогаш произведува институционални кризи“!
Но исто така е опасно и селективното дисциплинирање на помалите држави. Македонија сѐ уште има проблеми со корупцијата, клиентелизмот и пониската функционалност на институциите, тоа е неспорно. Но рака на срце, прави чекори од седум милји нанапред! И тоа е факт што требаше да биде таму, во текстот на институтот да се издвои!
И затоа Македонија не смее да се третира како безбедносен паразит. Таа е држава членка што континуирано учествува во мировни мисии, ги исполнува своите обврски кон Алијансата и не произведува геополитичка нестабилност. Напротив, токму нејзината евроатлантска ориентација беше еден од ретките стабилизирачки фактори на Балканот во изминатите две децении. Затоа на Македонија ѝ е потребна критика, но праведна критика. Потребни ѝ се реформи, но не и јавна стигматизација. Потребна ѝ е институционална реконструкција, но и поддршка, а не реторика што создава впечаток дека државата е товар за системот кому му припаѓа. Во спротивно, се создава опасен впечаток дека големите држави добиваат геополитичко разбирање, а малите добиваат само морални лекции, што е најкраткиот пат кон губење на довербата во самиот евроатлантски проект.
И за крај, веројатно и директорот на Институтот за стратегиски и безбедносни студии, со оглед на неговата доскорешна историја на добронамерни укажувања, анализи, но и залагања за Македонија, несреќно го ставил примерот за нашата држава како одлучувачко-загрозувачки за НАТО, а не мислел така.
Во секој случај, колумната на директорот на Институтот за стратегиски и безбедносни студии, а и нашиот редакциски став во „Нова Македонија“ на истата тема (која, патем споменато нема никакви допирни точки со никаква опозиција, како што авторот Седрак ја лепи за авторот на нашиот текст), ја разбуричка јавноста и сега работите треба да се сталожат, за да се добие нова побистра слика и со нови сили и нова добра волја, како на пример на јавната трибина што ќе се одржи на 22 мај во порта „Македонија“ за оваа тема, да ѝ се помогне на Македонија за таа полесно да се интегрира во системи што, како идна членка, ќе ѝ донесат сеопшт просперитет и благосостојба – во полн капацитет!
Редакција „Нова Македонија“
































