Фото: Пиксабеј

Конфликтот на Блискиот Исток и нарушениот сообраќај низ Ормускиот Теснец сериозно ги погодуваат африканските економии, предупредува „Дојче Веле“. Недостигот на нафта и вештачки ѓубрива веќе предизвикува поскапувања, недостиг на гориво и ризик од намалено производство на храна во повеќе африкански земји.

Поради кризата, делови од Африка се соочуваат со долги редици на бензински пумпи, ограничувања на електричната енергија и зголемени трошоци за транспорт и земјоделство. Особено погодени се земјите кои зависат од увоз на нафта и суровини за производство на ѓубрива.

Од Африканска Унија велат дека состојбата внимателно се следи бидејќи влијае врз клучни сектори како енергетиката, земјоделството и прехранбената безбедност.

Цените на ѓубривата веќе бележат драматичен раст. Во Јужна Африка, според локалните производители, амонијакот поскапел за повеќе од 75 проценти, а уреата за околу 60 проценти во споредба со лани.

Експертите предупредуваат дека дополнително намалување на употребата на ѓубрива може да доведе до пониски приноси на пченка, ориз и пченица, што директно ќе влијае врз цените на храната и ќе го зголеми ризикот од глад.

Како можни решенија се предлагаат:

  • заедничка набавка на ѓубрива од страна на африканските држави,
  • развој на регионално производство,
  • забрзување на слободната трговија во рамки на Африка,
  • и постепено намалување на зависноста од фосилни горива.

Аналитичарите оценуваат дека кризите како војните во Украина и Иран покажале колку африканските држави се ранливи кога глобалните транспортни и енергетски рути ќе бидат нарушени.