Комедијата како дијагноза

Дистописки визии 6: „Идиократија“ (2006)

„Идиократија“ („Idiocracy“), во режија на Мајк Џаџ, на прв поглед функционира како апсурдна, речиси инфантилна комедија. Но под површината на гротескниот хумор и карикатуралната естетика се крие остра социјална сатира, која денес изгледа помалку како фантазија, а повеќе како предупредување. Секако, далеку е од дистописко предвидување, но сепак толку реално и нешто што секако нѐ очекува доколку продолжиме со прогресот во правецот по кој се движиме како човештво.
Филмот ја следи приказната на просечниот војник (Лук Вилсон), кој учествува во воен експеримент за хибернација и се буди 500 години подоцна во општество драматично интелектуално, културно и институционално деградирано. Она што требало да биде најобичен човек од почетокот на 21 век, во иднината станува најпаметниот човек на планетата. Оваа инверзија е централниот сатиричен механизам.
Хуморот во „Идиократија“ е вулгарен, директен и намерно претеран. Бирократијата е сведена на слогани, политиката на огорченост и спектакл, науката е заменета со корпоративна логика, а јазикот со примитивен сленг. Трагедијата е што иако сето ова се случува во далечната иднина, веќе ни изгледа сосема нормално.
Она што ја прави оваа комедија брутално реална е тоа што точно ја препознава динамиката на поедноставување. Светот не пропаѓа со некаква научнофантастична катаклизма, туку со постепено намалување на стандардите, додека просекот станува норма.
Токму во таа карикатура лежи непријатната вистина: антиинтелектуализам, медиумска инфантилност, корпоратизација на јавниот простор, популистичка политика, колапс на критичко мислење… Изгледа познато, така?
Претседателот Камачо е поранешна порноѕвезда и кечер, а тоа не е случаен избор. Тој е хибрид меѓу поп-култура и политика, симбол на ера во која харизмата и агресивниот перформанс го заменуваат компетентното управување. Политиката станува шоу, а јавниот дискурс гладијаторски натпревар или спектакуларизација на демократијата.
И знаете што е трагедијата? Тоа што пред 20 години, кога филмот се појави, сето ова изгледаше дистописки, но денес, во ерата на Трамп, ни изгледа сосема блиско.
Клучната наративна линија како наводнувањето на посевите со „гаторејд“ (пијалак со електролити) наместо со вода, функционира како апсурд, но и како алегорија за корпоративна доминација врз рационалното знаење. Науката во филмот не е оспорена со аргументи, таа е исмеана, игнорирана и заменета со маркетинг. И ова денес не ни е воопшто чудно.


Интересно е што филмот не се занимава со технологијата како дистописки проблем (како „Матрикс“ или „Трансценденција“), туку со културна и когнитивна ерозија т.е. општеството пропаѓа затоа што луѓето стануваат глупави, а не затоа што машините стануваат паметни.
Една од најсуптилните, но најмоќни критики е редукцијата на јазикот. Во светот на „Идиократија“ синтаксата е поедноставена, вокабуларот сиромашен, а аргументацијата непостојна. Без јазична комплексност нема ни когнитивна комплексност.
Или, со зборовите на Витгенштајн, „границите на мојот јазик ги означуваат границите на мојот свет“. Суштината на идејата е дека она што можеме да го мислиме и разбереме е ограничено од јазикот со кој располагаме.
Но најконтроверзниот аспект на филмот е неговата почетна теза за демографска и интелектуална селекција. Таа е намерно провокативна и карикатурална, но служи како алегорија за нешто пошироко: систем што ги наградува краткорочноста, сензационализмот и профитот, а ја маргинализира компетентноста.
Светот во „Идиократија“ не е уништен од катастрофа, туку се распаѓа до степен на нефункционалност.
Естетиката е намерно кич, со пренагласени бои, масовна брендираност, архитектура без идентитет што се распаѓа. Сè е покриено со реклами и сè е бучно. Токму таа визуелна хипертрофија функционира како критика на консумеризмот, во времето кога културата е заменета со маркетинг.

Кога филмот излезе во 2006 година, беше третиран како маргинална комедија со ограничена дистрибуција, денес веќе се цитира како пророштво. Политичкиот дискурс, медиумската динамика и дигиталната култура прават делови од филмот да изгледаат вознемирувачки познати.
Секако, „Идиократија“ не е интелектуален трактат, ниту софистицирана дистопија, таа е намерно идиотски сатиричен хиперболичен експеримент. Но неговата сила е токму во тоа што ја користи комедијата како маска за системска критика. Читан низ деборовска и маркузеовска призма, тој станува визуелна алегорија за доцниот капитализам, свет во кој спектаклот ја заменува реалноста, а еднодимензионалноста ја заменува критиката. Толку затоа филмот претставува критика на систем што произведува глупост како функционален нуспроизвод.
Конечно, прашањето што треба да си го поставиме е дали деградацијата е случајна или логичен резултат на култура што ја слави глупоста наместо критичката мисла?