Полугодишно заседание на Советот за безбедност на ОН за состојбата во БиХ
На полугодишното заседание на Обединети нации посветено на состојбата во Босна и Херцеговина, повторно во фокусот се најде политичката нестабилност во земјата, иако безбедносната состојба беше оценета како релативно стабилна.
Главна тема на седницата беше извештајот на високиот претставник Кристијан Шмит, кој неодамна потврди дека се повлекува од функцијата.
Седницата помина во атмосфера на веќе препознатливи дипломатски несогласувања меѓу големите сили. Заменичката на рускиот амбасадор во ОН, Ана Евстигњејева, повторно го оспори легитимитетот на Шмит и се спротивстави на неговото учество пред Советот за безбедност.
За разлика од претходните седници, кинескиот претставник Генг Шуанг овој пат ги поддржа неговото присуство и обраќање, со што беше овозможена презентацијата на извештајот, кој го опфаќа периодот од октомври 2025 до април 2026 година.
Во своето најверојатно последно обраќање пред Советот за безбедност, Шмит упати остри критики за застојот во реформскиот процес во БиХ. Тој оцени дека концептот на „домашни решенија“, на кој меѓународната заедница инсистирала во изминатиот период, не донел конкретен напредок.
– Меѓународната заедница одредено време беше фокусирана на таканаречени домашни решенија, но тие не донесоа никаков напредок – изјави Шмит, предупредувајќи дека институционалната нефункционалност продолжува да ја ослабува државата.
Особено внимание посвети на сецесионистичката реторика на раководството на Република Српска, предводено од Милорад Додик. Според него, континуираното оспорување на територијалниот интегритет и уставниот поредок на БиХ претставува сериозен политички ризик за стабилноста на земјата и регионот.
Шмит потсети и дека БиХ на крајот од 2025 година функционирала со режим на привремено финансирање, состојба што продолжува и во текот на оваа година. Таквата неизвесност, според него, директно ја загрозува работата на одбранбениот сектор, но и функционирањето на јавниот сервис БХРТ.
Во извештајот беа нотирани и продлабочените етнички поделби во земјата.
Шмит ги спомена неодамнешните собири во Загреб, на кои повторно беа упатени повици за формирање „трет ентитет“, оценувајќи дека таквите иницијативи претставуваат обид за дополнителна етничка поделба на БиХ.
Иако Советот за безбедност не донесе нови конкретни заклучоци, седницата уште еднаш покажа дека политичката криза во БиХ останува длабока, а меѓународната заедница сè уште нема единствен пристап за надминување на институционалниот застој и растечките етнички тензии. Р.С.
Русија и Кина бараат крај на меѓународниот надзор, Западот предупредува дека ОХР останува клучен за стабилноста
Судир на светските сили за иднината на БиХ
Несогласувањата меѓу големите сили околу иднината на Босна и Херцеговина повторно излегоа на површина на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, каде што се судрија спротивставените ставови за улогата на меѓународната заедница во земјата.
Москва повторно го оспори Шмит
Во фокусот на дебатата повторно беше статусот на високиот претставник Кристијан Шмит и иднината на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР), институција што со децении има клучна улога во спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор.
Русија остана на својата цврста позиција. Заменичката на рускиот амбасадор при ОН, Ана Евстигњејева, повтори дека Москва не го признава Шмит за легитимен висок претставник, тврдејќи дека неговото именување не било потврдено од Советот за безбедност.
Таа ја обвини ОХР дека придонесува за политичка нестабилност во Босна и Херцеговина и побара итно затворање на институцијата, оценувајќи дека времето на меѓународен надзор врз земјата треба да заврши.
Кина против „странско мешање“
Сличен тон, иако поумерен, имаше и кинескиот претставник Генг Шуанг. Кина овој пат не се спротивстави на обраќањето на Шмит, но упати критики кон, како што наведе, „странското мешање“ во внатрешните прашања на БиХ.
Пекинг порача дека домашните политички лидери мора да преземат целосна одговорност за иднината на државата и самостојно да ги решаваат политичките несогласувања.
Западот со силна поддршка за ОХР
Од другата страна, Велика Британија и повеќето членки на Европската Унија дадоа силна поддршка за Шмит и за продолжување на мандатот на ОХР.
Западните дипломати оценија дека меѓународното присуство и понатаму е неопходно за зачувување на стабилноста и спречување на деструктивни политики, кои би можеле да ги загрозат безбедноста и функционирањето на БиХ.
Тие предупредија дека политичките тензии и сè почестите закани со блокади и поделби покажуваат дека земјата сè уште не е подготвена целосно да функционира без меѓународен надзор.
Вашингтон бара поголема одговорност од домашните лидери
Особено внимание привлече излагањето на американската претставничка при ОН, Дороти Ши, која ја претстави визијата на Вашингтон за идниот развој на ситуацијата во БиХ.
Ши истакна дека улогата на високиот претставник не треба да се сведува само на одржување на постојната состојба, туку да овозможи постепено префрлање на одговорноста врз домашните институции и политички лидери.
Таа нагласи дека локалните политичари мора да преземат поголема улога во носењето одлуки и да покажат способност за политички компромис и управување со државата.
БиХ останува точка на глобални поделби
Седницата уште еднаш покажа дека меѓународната заедница нема единствен став за тоа како треба да изгледа иднината на БиХ.
Додека Русија и Кина бараат намалување на влијанието на меѓународните институции, западните земји сметаат дека нивното присуство останува неопходно за зачувување на мирот и стабилноста во земјата.
Таквите поделби дополнително ја отежнуваат и онака сложената политичка ситуација во Босна и Херцеговина, која и натаму останува едно од најчувствителните прашања на Балканот. Р.С.
Иднината на ОХР по Шмит
Мисијата во БиХ останува, но со нова стратегија на меѓународната заедница
Повлекувањето на високиот претставник Кристијан Шмит од „лични причини“ отвори ново прашање за иднината на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) во Босна и Херцеговина. Иако Шмит најави дека ќе остане на функцијата до изборот на негов наследник, пораките од меѓународната заедница укажуваат дека ОХР нема наскоро да биде затворен.
Процедурата за избор на нов висок претставник треба да ја спроведе Советот за спроведување на мирот, во услови кога Русија и Кина продолжуваат да бараат затворање на ОХР и намалување на меѓународното присуство во БиХ. Сепак, западните земји, предводени од Соединетите Американски Држави, испраќаат поинакви сигнали.
Во своето последно обраќање, Шмит оцени дека неговата улога била значајна во носењето измени на Изборниот закон со цел обезбедување пофер изборен процес, но предупреди дека прашањето за државниот имот и натаму останува една од најголемите политички и економски пречки во земјата.
Во извештајот дополнително е нагласено дека мисијата „ЕУФОР Алтеа“ останува клучен фактор за стабилноста и безбедноста во БиХ. Нејзиниот мандат беше продолжен во октомври минатата година, а според Шмит, присуството на европските сили и понатаму е неопходен гарант на мирот.
Дополнителен сигнал за иднината на ОХР дојде и од обраќањето на американската претставничка во Советот за безбедност, Дороти Ши. Анализата на долгогодишниот дописник од САД, Ивица Пуљиќ, укажува дека администрацијата во Вашингтон не само што смета на продолжување на работата на ОХР туку и активно размислува за наследникот на Шмит.
Според Пуљиќ, подготвеноста на САД, доколку биде потребно, да предложат сопствени кандидати за нов висок претставник покажува дека меѓународната заедница нема намера да остави институционален вакуум во БиХ. Тој смета дека ваквиот пристап значи продолжување на меѓународниот надзор, но и засилен притисок врз домашните политички институции за поактивно преземање одговорност.
Иако во Република Српска подолго време постојат барања за затворање на ОХР, актуелните дипломатски сигнали сугерираат дека оваа институција ќе остане дел од политичката архитектура на БиХ и во наредниот период – можеби со ново раководство, но со истата задача: зачувување на стабилноста и надзор над спроведувањето на мировниот процес. Р.С.
Ексклузивно: Кого меѓународната заедница го подготвува за БиХ
Според дипломатски извори од Брисел, во меѓународните кругови сè поотворено се разговара за можната смена на актуелниот висок претставник во Босна и Херцеговина, по оставката на Кристијан Шмит. Како најсериозен кандидат за негов наследник се споменува Емануел Жиофре.
Дипломатските извори наведуваат дека кандидатурата на Жиофре би можела да добие и поддршка од САД, што значително би ги зголемило неговите шанси да застане на чело на меѓународната заедница во БиХ. Според истите дипломатски извори, дополнителна тежина на овие информации им дава и фактот што Жиофре важи за близок соработник на отправникот на работи на Амбасадата на САД во БиХ, Џон Гинкел.
Жиофре моментално е висок функционер во Европската служба за надворешни работи и важи за дипломат со богато искуство во областа на меѓународните односи, демократијата, човековите права и изборните процеси. Во европските дипломатски кругови е препознатлив како прагматичен и искусен преговарач, со долгогодишна кариера во чувствителни политички мисии.
Пошироката јавност на Балканот најмногу го памети како шеф на Делегацијата на Европската унија во Србија, функција што ја извршуваше од 2021 до 2025 година. Во тој период беше еден од најекспонираните европски дипломати во регионот и активно учествуваше во политичките процеси поврзани со европските интеграции на Србија.
Пред ангажманот во Белград, Жиофре од 2017 до 2021 година беше амбасадор и шеф на Делегацијата на ЕУ во Израел, со седиште во Тел Авив. Претходно, во Брисел ја предводеше службата задолжена за демократија и изборно набљудување во рамките на Европската служба за надворешни работи, каде што координираше меѓународни изборни мисии низ светот.
Во својата кариера работел и во мисиите на Европската Унија при Обединетите нации во Њујорк, како и во институциите на ЕУ задолжени за човекови права и демократија. Кариерата ја започнал како советник за избори во рамките на ОБСЕ/ОДИХР во Варшава, каде што учествувал во организација и мониторинг на изборни процеси во повеќе држави.
Познавачите на состојбите оценуваат дека евентуалното именување на Жиофре би можело да значи посилен ангажман на САД во Босна и Херцеговина.
Иако засега нема официјална потврда од Брисел или од западните дипломатски центри, самото споменување на името на Емануел Жиофре отвори нови шпекулации за идната стратегија на меѓународната заедница во БиХ, држава што и натаму останува едно од најчувствителните политички прашања на Балканот. Р.С.
































