Фото: Маја Јаневска-Илиева

Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) предупредува: растот на цените на храната продолжува

  • Во медиумите низ целиот свет, заеднички именител е што граѓаните сè погласно зборуваат за ист проблем, а тоа е дека храната секој месец е поскапа. Светот влегува во нова фаза на прехранбена неизвесност, а експертите предупредуваат дека ова не е краткорочна криза, туку почеток на долгорочен глобален потрес

Најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) покажуваат дека светските цени на храната во април пораснале трет месец по ред. Причините се добро познати. Тоа се војната и тензиите на Блискиот Исток, нарушените транспортни маршрути, скапата енергија, високите цени на ѓубривата и климатските екстреми што ги уништуваат жетвите. Во превод, светот произведува сè поскапа храна.
Индексот на цените на храната на ФАО во април достигна 130,7 поени – раст од 1,6 процент во однос на март и два процента повеќе од лани. На прв поглед бројките не изгледаат драматично, но зад нив се крие сериозен глобален проблем. Кога цените растат три месеци по ред, економистите тоа го гледаат како знак дека започнува нов инфлаторен циклус. Особено е опасно што овој пат растат речиси сите категории, и житото и растителните масла и шеќерот и месото.
– Светот повторно влегува во период кога храната станува прашање на национална безбедност – оценува британскиот економски аналитичар Даниел Харисон за магазинот „Глобал маркетс ривју“. Според него, комбинацијата од воени конфликти и климатски проблеми создава „совршена бура“ за глобалниот пазар.

Ормускиот Теснец повторно во центарот на вниманието

Во центарот на ваквата криза повторно е Блискиот Исток. Поради нестабилноста и заканите за транспортот низ Ормускиот Теснец, нагло пораснаа цените на нафтата и гасот. Тоа веднаш се прелеа врз цените на транспортот и вештачките ѓубрива. А токму ѓубривата се клучни за глобалното производство на жито.
– Ако ѓубривата останат прескапи, земјоделците ќе сеат помалку, а тоа значи помалку храна и уште повисоки цени – предупредува на сврзаните садови францускиот агроекономист Жан-Марк Леруа. А во овој контекст, ФАО веќе објави дека „многу производители размислуваат да го намалат производството на пченица во 2026 година затоа што трошоците стануваат неодржливи“.

Најголем шок е растот на цените на растителните масла

Најголем шок во моментов предизвикува растот на цените на растителните масла. Индексот на ФАО за оваа категорија скокнал за речиси шест проценти за само еден месец и достигнал највисоко ниво од јули 2022 година. Поскапуваат палминото, сончогледовото, соиното и маслото од репка, односно производи што се основа за илјадници прехранбени артикли. Дополнителен проблем е тоа што дел од растителните масла сè повеќе се користат за производство на биогорива. Со растот на цените на нафтата, државите и индустријата бараат алтернативи, а храната станува енергетски ресурс. Тоа создава опасен парадокс светот истовремено да се бори и за гориво и за храна.

И сушите стравотно ја уништуваат жетвата

Покрај војните, силен удар врз пазарот нанесуваат и климатските влијанија. Во делови од САД сушите веќе ја намалуваат прогнозата за родот на пченицата, додека Австралија се соочува со опасност од рекордно ниски количества на врнежи. Во Индија, екстремните горештини влијаат врз производството на ориз, а во Европа земјоделците предупредуваат дека пролетните временски шокови (температурни амплитуди што деновиве силно се чувствуваат и во Македонија), ја нарушуваат надежта за успешна сезона на жетва.
– Климатските промени повеќе не се еколошки проблем, туку директен економски удар врз храната – вели германската аналитичарка Улрике Фогел. Според неа, светот ќе мора да се навикне на „нестабилни и непредвидливи цени на храната“.

Храната станува новото геополитичко оружје?!

Кризата со Украина, го научи светот дека „житото може да биде еднакво важно како и нафтата“. Денес, истата лекција се повторува. Глобалниот систем на снабдување е исклучително чувствителен.
– Сведоци сме дека е доволна една блокирана поморска маршрута, една суша или еден воен конфликт за милиони луѓе да почувствуваат поскапување во маркетите – велат наши соговорници, универзитетски професори од Земјоделскиот факултет во Скопје.
Професорите предупредуваат дека следната деценија ќе биде обележана со борба за ресурси, и тоа за вода, енергија и храна. И токму затоа, храната веќе не е само економско прашање. Таа станува прашање на моќ, стабилност и опстанок. Е.Р.


Неколку размислувања за тоа како државата уште повеќе да го амортизира ударот од глобалното поскапување на храната и да создаде вистински и реален агросуверенитет?

Македонија во пресрет на силен агропредизвик

Додека светот се соочува со нов раст на цените на храната, за Македонија прашањето веќе не е дали кризата ќе се почувствува, туку колку силно ќе удри врз домашниот пазар. Малата и увозно зависна економија тешко може да остане имуна на глобалните потреси, особено кога растат цените на житото, енергентите, транспортот и ѓубривата.
Економистите констатираат дека „државата навистина реагира многу поразлично отколку во претходниот владин состав“, но дека „надворешните ценовни и инфлаторни притисоци се толку силни и динамични, што преземените мерки на надлежните брзо бидуваат намалени“
– Владата е креативна и треба да разгледува и воведува различни, па дури и иновативни мерки. Надворешните инфлаторни притисоци нема вечно да траат, војните наскоро ќе сопрат и иако состојбите нема да се вратат на почетното ниво, сепак, сега, кога се врвот и ценовниот удар, треба и краткорочно да се реагира, како што и всушност се прави. Во спротивно, Македонија ризикува повторно да влезе во циклус на висока инфлација, недостиг од одредени производи и дополнителен притисок врз семејните буџети – велат соговорниците.
Но кризата отвора и едно многу поголемо прашање. Имено, со која динамика Македонија ќе почне со подлабока земјоделска реструктуризација и ќе воведе и ќе води неопходни политики на агросуверенитет?

Што значи агросуверенитет?

– Тоа не значи целосно затворање на пазарот или прекин на увозот. Агросуверенитет значи државата да има доволно домашно производство на стратешки производи како што се жито, брашно, масло, млеко, месо и зеленчук, за да може да ги амортизира глобалните шокови – велат нашите соговорници, додавајќи дека во моментов Македонија увезува голем дел од храната што ја троши. Тоа ја прави ранлива на секоја глобална криза.
– Секоја држава што нема стабилно домашно производство на храна станува зависна од туѓи пазари и туѓи кризи – предупредуваат агроекономистите.

Краткорочни мерки: Приоритет е заштитата на граѓаните

Во услови на нов ценовен бран, првиот приоритет мора да биде заштита на населението и стабилизирање на пазарот.
Економските аналитичари предлагаат државата привремено да ги зголеми стоковните резерви на жито, брашно, масло и шеќер. Тоа би овозможило интервенција на пазарот ако дојде до нагли ценовни шокови.
Според соговорниците, навистина е оправдана засилената контрола врз трговските маржи и спречување шпекулативни поскапувања. Во време на криза, велат експертите, најопасни се паниката и вештачкото кревање на цените, а такви појави има, тврдат нашите соговорници. Дел од економистите предлагаат и временски субвенции за струја и гориво за домашните производители на храна, со цел да се намалат производствените трошоци.

Среднорочен план – враќање на домашното производство

Најголемиот проблем на Македонија е што со години се намалува домашното земјоделско производство.
– Селата се празнат, обработливото земјиште останува неискористено, а младите ретко гледаат иднина во земјоделството. Затоа, среднорочниот фокус мора да биде обновување на производството. Тоа подразбира поголеми зафати за производство на стратешки култури како пченица, пченка, сончоглед и сточна храна – велат нашите соговорници, агроексперти.
Експертите сметаат дека Македонија мора да стимулира производство на култури што се директно поврзани со прехранбената безбедност. Паралелно, неопходни се сериозни инвестиции во системи за наводнување, модерна механизација и домашни преработувачки капацитети.
– Не е доволно само да произведуваме суровини. Македонија мора да создава финални производи со додадена вредност – велат агроаналитичарите.
Според нив, без модерна прехранбена индустрија, земјата секогаш ќе остане зависна од увоз.

Долгорочна стратегија – храна како национална безбедност

Сè повеќе држави во светот храната ја третираат како прашање на национална безбедност. Истото ќе мора да го направи и Македонија. Долгорочно, земјата треба да изгради јасна национална стратегија за агросуверенитет, независно од политичките промени. Тоа значи заштита на обработливото земјиште, нивно окрупнување, а не парцелизирање, спречување на негово уништување и поттикнување млади луѓе да останат во руралните средини.
Експертите предлагаат создавање национален фонд за стратешко земјоделство, национална централизирана и специјализирана оперативна агенција, специјализирани агробанки, преку кои би се инвестирало во модерни фарми, дигитално земјоделство и нови технологии. Следната голема битка нема да биде само за енергија туку и за храна и вода, предупредуваат аналитичарите.
– И покрај проблемите, Македонија има сериозен земјоделски потенцијал, плодна почва, поволна клима и традиција во производството на храна. Но потенцијалот сам по себе не е доволен. Ако државата продолжи да реагира само кога ќе избие криза, секој нов глобален потрес повторно ќе значи поскапа храна, увозна зависност и удар врз стандардот на граѓаните. Затоа, прашањето за храната повеќе не е само економско прашање. Тоа станува прашање на стабилност, безбедност и иднина на државата – поентираат нашите соговорници, експерти од областа на земјоделството и агрокултурата.  Е.Р.