Кога говориме за научната фантастика (НФ), барем од перспектива на лаици, таа често се поврзува со развојот на роботиката, вештачката интелигенција (ВИ), дигитализацијата и техничко-технолошкиот напредок воопшто. Но постои парадокс кога станува збор за поврзаноста на вештачката интелигенција и развојот на роботиката со зголемувањето на уметничката продукција во жанрот на научната фантастика.
Имено, експресниот развој на вештачката интелигенција е обработнопропорционален со зголемувањето на продукцијата во научната фантастика. Тоа е резултат на природата на научната фантастика како жанр што настанува на тлото на идеја, имагинација и мечта. Научната фантастика се користи како предвидување на последиците кога определена идеја ќе биде во својот зародок.
Во фаза кога вештачката интелигенција се развива забрзано и секојдневно навлегува во сферите на комуникацијата, администрацијата, па дури и уметничкото творештво, научната фантастика не може да го следи забрзаниот развој. Не затоа што таа не може да ги предвиди настаните во иднината, туку затоа што се чини дека со континуираниот развој на ВИ ние веќе ја живееме иднината, немајќи можност да не бидеме сведоци на „новото“, иновативното и свежото, со што ја губиме карактеристиката на историските битија. Научната фантастика веќе нема што да критикува, бидејќи веќе и критиката станува апсурдна сама по себе.
Сепак, научната фантастика на моменти ни овозможува да го видиме и оптимистичкото сценарио од масовното присуство конкретно на вештачката интелигенција во човечките животи. Корупцијата е една од негативните појави што технологијата, вештачката интелигенција и роботиката успешно ги надминува. Кога говорам за успешното сузбивање на корупцијата, не мислам само на операции како сејф сити, министерка во Албанија што е производ на ВИ и разни аватари што ви помагаат полесно да комуницирате со институциите без да молите по стотина пати на шалтерите, туку мислам и на онаа корупција што малку се забележува, а е сеприсутна. Корупција меѓу другото се и отвореноста и достапноста на партиските членови во предизборните кампањи, кои наеднаш откако ќе преземат функција, стануваат презафатени или добиваат амнезија за своите ветувања.
Корупција е и кога некој што се образовал да биде економист води ресор како што е социјала, станувајќи манифестното лице на незнаењето и некадарноста. Корупција е кога директор што е на чело на институција што треба да ја гарантира отчетноста на сите институции во државата не одговара на новинарски прашања. Корупција е кога антикорупционери пријавуваат милионски вредни имоти во држава каде што просечна плата е 46.000 а синдикалната минимална кошничка е 68.000 денари. На крајот, кога говориме за корупција секогаш говориме за оние службеници или, со јазикот на Гогољ, „чиновници“ што стануваат жртвени јагниња на системот, кој ги образува да бидат послушници во името на некое имагинарно општо добро. На крајот, кога ќе се случи трагедија за која некој треба да преземе одговорност, ќе преземе оној што бил во најниските ешалони и кој е последица на системот, а не нејзина причина. Во македонскиот народ има една убава поговорка „рибата смрди од главата, не од опашката“.
Вештачката интелигенција и роботиката како придобивки на идното време презентирани во сценарио на научната фантастика покажуваат свет во кој помеѓу луѓето нема привилегии што ја создаваат корупцијата, затоа што нема симпатии, идеолошки припадности, блискости, но нема ниту страв, угнетеност и покорност. Тие покажуваат какво би било општеството во кое никој не може да биде привилегиран бидејќи хомо сапиенсот ја губи својата основна победничка карактеристика – собирот, трачарењето и негативната елиминација на противникот.
Сепак, научната фантастика задржува и нота на критичност бидејќи создава меланхолична празнина што ја чувствуваме во стомакот, кога сфаќаме дека вештачката интелигенција и роботиката се супериорни на човекот и го уредуваат општеството затоа што човекот не бил доволно способен да го уреди сам. Токму затоа главната теза на научната фантастика не е дека човекот е антропоцентричен и премногу вљубен во сопствениот хероизам, туку егоистичен плачко, кој, наместо борба, секогаш избира удопство.
Вештачката интелигенција, роботиката и технологијата со својот развој укажуваат дека човекот постојано го шири амбисот на сопственото задоволство, олеснување на животот до ниво на целосна апатија и препуштање дури и на своето секојдневие да го организира паметен телефон, дигитален календар и автоматизирани возила додека четуваме со своите „попаметни“ ботови за тоа „како да направиме вкусна салата од три намирници“ или „како да кажеме нешто без да откриеме многу“.
Што ако ги елиминираме корупцијата и неправдата со вештачката интелигенција? Дали ќе останеме сами со нашите паметни телефони и паметни уреди насекаде околу барајќи го со фенер Диогеновиот човек или сепак правично општество може да се замисли како заедница од луѓе без да влеземе во сферата на утопизмот?
На крајот останува прашањето дали технолошкиот напредок е навистина показател за еволуцијата на човекот или само за неговата способност да создава механизми што ќе го заменат таму каде што самиот потфрла. Ако вештачката интелигенција навистина ги елиминира корупцијата и неправдата, тогаш тоа повеќе зборува за слабоста на човекот отколку за силата на технологијата. И токму во таа тивка и непријатна вистина научната фантастика ја пронаоѓа својата нова улога, не како предвидување на иднината, туку како огледало на нашата сегашна немоќ.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов































