Фото: Илустрација/ Пиксабеј

Цените на нафтата денеска нагло пораснаа, откако обновените тензии меѓу САД и Иран предизвикаа потреси на светските пазари, пренесе ДПА.

Нафтата од типот „брент“, со испорака во јуни, се тргуваше за повеќе од седум отсто повисоко во однос на претходната недела и достигна цена од 97 долари за барел, додека американската референтна нафта „West Texas Intermediate“ (WTI) забележа сличен раст. За споредба, на почетокот на ескалацијата, кон крајот на февруари, „брент“ се тргуваше за помалку од 70 долари за барел.

Растот на цените следуваше по зголемените тензии во Ормускиот Теснец, каде што американската морнарица вчера заплени ирански брод.

Бродот се движел кон иранското пристаниште Бандар Абас кога бил пресретнат, соопшти Централната команда на САД. Иран остро го осуди потегот, нарекувајќи го вооружена пиратерија, и предупреди на можен одмазднички одговор.

Инцидентот претставува ново влошување на односите меѓу Вашингтон и Техеран, само неколку дена пред истекот на договорот за привремен прекин на огнот.

Во меѓувреме, американска делегација денеска треба да отпатува во Исламабад на втора рунда разговори со Иран, но Техеран сè уште нема потврдено учество. Според иранската државна новинска агенција ИРНА, иранските власти засега одбиваат одржување на втор состанок.