Фото: Пекселс

Најмалку осум лица, меѓу кои и деца, се убиени, а неколкумина се ранети во масовно пукање во градот Шривпорт, трет по големина град во американската сојузна држава Луизијана. Осомничениот напаѓач, исто така, е мртов, соопштија локалните власти.

Пукањето се случило рано утрово по локално време, а жртвите се на возраст од 18 месеци до 14 години, изјави портпаролот на полицијата, Кристофер Борделон, за Ен-би-си.

Две возрасни жени се здобиле со прострелни рани во главата и преживеале, додека едно момче е повредено откако скокнало од покрив во обид да избега, објави локалната подружница на Еј-би-си во Луизијана.

Осомничениот, возрасен маж, бил убиен во одделен инцидент во Босиер Париш, откако по нападот грабнал возило и бил застрелан за време на полициска потера.

Полицијата засега не објавува повеќе детали за напаѓачот, но според Борделон, дел од убиените деца биле негови потомци.

Голем број полициски сили и понатаму се на терен, а според првичните информации, случајот има елементи на семејно насилство.

Истрагата е во тек, а властите најавуваат дека повеќе информации ќе бидат соопштени во текот на денот.