Понекогаш мислам дека веќе немам ништо да му понудам на светов, на луѓево, на душиве…
Понекогаш таа мисла ја јаде секоја помисла за смислата на севезден постојното прашање – а вреди ли?! За кого, каде, кога, како, кому?
И уште многу прашливи прашалници, кои го испрашуваат умов додека душава пека за произнес на инаетливо жилавото опстојување на замислата – ако не тоа, па што друго?!
А што пак ако воопшто не се прашував за овие прашања? Дали тогаш ќе беше полесно да се дрсне од утробата тоа малку што, ете, има да се понуди?! И, не знам, не знам… не е поентата да знам, кога би знаел не би умеел…
Знам само дека гниењето на телово за смисла го има раѓањето на духот… тоа знам…
Ете, помина уште еден долг, пасивен период за телото, а толку активен за умот… Помина великиот ден – Велигден, ден над деновите во кој Исус го распнаа за нас, ден во кој истиот тој Исус и воскресна над мртвите и смртта ја победи, потсетувајќи ме дека смртта можеш да ја победиш впрочем, само и само ако не се плашиш! Ама па, од друга страна, ако не се плашиш, дали тогаш му се радуваш на животот, кој би го изгубил ако премногу се перчиш со неплашењето од единствената сила што може тоа задоволство да ти го одземе – смртта… и што е смртта, на крајот на краиштата во кои нема крај, т.е. што е смртта за душата, за духот?! Можеш ли да си го умреш духот?! Можеш ли да си ја погребаш душата?! И така задуман во овие дни, дни на искушение, дни на непокор, дни на надеж и дни на скрб околу стравот, ќе воскресне ли душата?! Ќе си ги прибере ли духот цревата во телесната утроба на сосем човеколикиот облик на смрдливо постоење на најкревкото нешто во човека – телото… или пак на духот не му е гајле за телото, та тој може, ете онде, зад ќошон, веднаш да си најде друго тело, можеби не човечко, ама животинско, растително, некакво, секакво какво и да сака и посака…
И така уште позадуман, ама сега и параноично подизгубен во стравот од патеката на умот, се загледав кон луѓето и видов празнини еден куп, колку луѓе толку празнини… и, сите, ама баш сите беа посебни по облик ама иста енергија ширеа, енергија на мувлосана духовност, енергија на скапана душевност, енергија на тапоглаво постоење во небиднината на секојдневното изумирање кое го скапува не само телото, ами и духот… и, и видов во празникот луѓе со полни кошници храна, со големи торби облеки, со полни раце имаштина, а празни души исполнети со немаштина поимотна од најголемата и најдлабока река на духот… и, и, и видов деца што беа непропорционално загрижени спрема годините свои што ги немаа и обратнопропорционално себе-сигурни спрема искуството што го имаа… и видов, и видов празни погледи залутани некаде во некоја божем иднина која секогаш е некаде другде, а не овде… иднина толку безнадежна колку што ли беше голема несвесноста за ова сега и овде! Иднина што нема никогаш да дојде сè додека ја бараме низ двогледот на она што веќе умрело… не можеш да стигнеш до иднината ако тргнеш од минатото… не, јок, не можеш… до иднината можеш само откако овде и сега изживеаното ќе стане минато кое барем еднаш беше сега!
Оти, таа една скала на животот што ќе ја прескокнеш зашто ти се брза, секогаш и секогаш ќе те навраќа на незавршената работа, на таа една скала што си ја прескокнал мислејќи дека можеш со рипање а не со одење да стигнеш таму каде што не се стои ами се држи рамнотежа…
Потем, потем поминав низ пазарите полни со месо, зеленчук и што ли уште не и видов луѓе што грабаат како да е најголемиот црн петок за пазарување по кој ќе биде потоп на Земјата, потоп по кој ќе нема место за сите нас во арката на Ное бидејќи таму ќе стигнат само праведните, а не и алчните… и се видов себеси меѓу сите тие грешници, кои чекајќи да изгние телото на кутриот Исус, за да може да го наждереме своето тело, и смалаксав кога сфатив дека го изгубивме симболот коленичејќи му на знакот кој не е повеќе од обичен сигнал… И осетив како е ништожен секој обид од таа и таква позиција да се издигнеш барем онаму каде што веќе си бил… знам, знам, сега ќе речеш, не претерувај, полека, што ќе ти е да денгубиш расправајќи се со тој муабет во твојот ум кога и онака нема ништо да промениш! И знаеш, знаеш оти ќе ти речам – чекај малку, та ако не размислувам за смртта, го воспевам ли тогаш животов?! А?! И ќе речеш, па што, кој си па ти да глаголиш во име на сите што не умеат да се изразат?! И јас ќе ти речам, а што ако не глаголам, ќе чуе ли некој?! Ако не се расчу за смртта на Исус, тогаш ќе знаевме ли ние за смислата на неговото погибие?! Ако на Велипеток не го жалевме неговото телесно погибие, ќе му се израдувавме ли во недела на неговото духовно сеприсутно собитие?! И уште ќе те прашав, зошто бе гемиџиите се „арчеа за Македонија“ ако не за ти и јас да ѝ цицаме од дојките со декади, а?! Зошто тогаш од поштата јавија дека има бунт таму долу, долу Македонија, ако не беше важно да се пренесе/несува гласот за да го чујат најтврдите уши?! И знам, знам ќе ми речеш, ама па ти не пишуваш, не глаголиш за најактуелните општествени проблеми! Изгледаш како некој опортунист што си го чува г….о! О да, о да, ќе ти речам, пријателе мој современ и модерен, о да, о да, јас не глаголам за секое собитие за да бидам модерен и сеприсутен и после никаде да ме нема… о да, јас не сум психологот што ќе коментира за секоја политичка одлука, за секој дребнав и катадневен социјален проблем, за едикоиси права обесправени од неправедниот… НЕ! Ама глаголам за посуштински нешта за кои славата не се зема додека ги пишуваш ами откако ќе ти умре телото за да ти воскресне духот! Оти живеам во земја во која се воспеваат мртвите кои додека беа живи ги заборававме! Оти сме народ што се собира само на парастоси и национални трагедии наместо на душевни радости и несекојдневни благости! Оти и ти, како и многуте, се радуваш кога можеш да пренесеш лоша вест – Исус е распнат! Исус умре! И ти, како и многуте, молчиш кога треба да кликнеш – Исус победи! Го славиме „Исус“ додека е жив! Ура, да живеат нашите спасители додека се наши соседи, а не откако ќе ги покриеме со земја и солзи! Ете тогаш, пријателе, јас ќе глаголам за секојдневни дребнавости и катадневни едноставности… тогаш ќе оглупавам во умот за да ми се смири душата… прости, прости, дотогаш само ќе се појавувам да те потсетам и тебе и себе дека сѐ уште ги „умираме“ живите херои додека не ги покрие земјата, за потоа, како најголеми лицемери, да ги воспеваме како херои… ним тогаш тоа ама баш ништо не им значи… го пишувам ова за да се разбудиме и ти и јас еден убав ден во средина во која наместо споменици, на живите херои ќе им ги понудиме вистинските општествени позиции… ќе им ја укажеме должната почит пред да ги распнеме, за кога ќе ги симнеме од крстот лицемерно да кажеме – ова се нашите херои… кога во раните зори ќе пропеат петлите на гордоста и вербата наместо тимпаните на скрбот и некорисната утеха од која не се живее… го пишувам ова за да се разбудиме и ти, јас и нашиот пород во место во кое мирно ќе спиеме знаејќи дека секој е на своето и вистинското место! Сè дотогаш ќе бидам партизанот што се јавува во куси герилски акции за спас на онаа гордост што остана во човечките души… таа гордост што е поблиска до достоинството, а подалечна од себебендисаноста…
п.с. „Кога телесноста се троши, духовноста се изградува!“ „Да се ’арчиме’ за подобар живот додека не сме ’изарчени’ од оние што сакаат да ни подигнат споменик!“
Мирослав Пендароски
Авторот е универзитетски професор































