Анатомија на предавството: македонските „глодачи“ за љубов на други држави

Изгледа затоа сиве години на независност Македонија не успева да ги детектира и види „глодачите“. А можеби не сака, или не треба да ги види. Кој ќе го знае

Британскиот премиер од средината на 19 век, лордот Палмерстон, пишувајќи за нестабилен свет, кој личи на нашиот денес, укажа дека Британија нема постојани пријатели или непријатели, туку само постојани интереси. Изгледа ние како држава немаме интереси туку се потпираме на нашите „пријатели“. И додека секаде во светот за државите е разумно да внимаваат на своите „пријатели“ за да управуваат со ризикот (зашто пријателствата, како браковите, понекогаш се влошуваат) и да ги минимизираат штетите по националните интереси, кај нас тоа не е случај.
Македонија одамна е гнездо на разузнавачко дејствување. Казабланка на Балканот. И додека во вистинскиот свет на шпионажата има многу возбуда поради неизвесноста и високиот ризик, во Македонија го нема тоа. Кај нас пенетрацијата во владиниот систем е вообичаена и рутинска работа на разузнавачките служби на нашите „пријателски“ држави, кои очигледно знаат што е најдобро за нашите национални интереси. Пред четири години, Викиликс објави пресретната комуникација од 2008 година помеѓу оперативец на ЦИА и тогашниот амбасадор на САД во Македонија, Филип Рикер, кој беше назначен за надгледувач на операцијата за промена на името. Во документот на Викиликс поранешниот министер за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров се водел како „заштитен“ извор на американската амбасада двапати во 2008 година, откако обезбедил информации за грчко-македонскиот спор за името и за НАТО и ЕУ-интеграциите. Во тајниот извештај од 2008 година до Стејт департментот на САД, тогашниот амбасадор Рикер бара заштита за неговиот „крт“ во македонската влада – Никола Димитров. Тогаш главен преговарач за името на државата.

Така пишува Викиликс. Лага, шпекулација или вистина. Никогаш не дознавме и, како што гледам, нема да дознаеме, барем не во скоро време, зашто немаше никаква реакција од институциите на државата. Вообичаено, тоа се случува кога глумите држави. Но затоа во меѓувреме го променивме името на државата, влеговме во авантура на „добрососедство“ со Бугарија, ги жртвувавме историјата, колективната меморија, јазикот и идентитетот.
Велат дека цивилите имаат пријатели. Разузнавачите имаат „средства“. Така, кога на шпионските агенции им требаат информации за странски земји, тие кружат внимателно, барајќи ја вистинската личност, лојален партнер, некој што би сакал да работи со нив – дури и ако целта сè уште не го знае тоа. Регрутирањето „средства“ за шпионирање на сопствената држава во Македонија никогаш не било проблем. Барем кај нас нема недостиг од „средства“. Има недостиг од личности со интегритет што си ја сакаат својата држава. За „средствата“ преминувањето на границите на довербата не се доживува како предавство преку испорачување и доставување информации на непријателот, туку споделување тајни што им се доверени со „пријатели“ или „партнери“. И тоа е врвот на сервилноста на нашите „средства“. Од сервилноста не можат да го видат предавството на државата. Глодачите имаат истакнато место во шпионската култура. „Тајните верверички“ е симпатично име за оние што работат во разузнавањето. „Стаорци“ се оние што ја издаваат довербата на оние што им верувале. „Кртови“ се доверливи инсајдери, кои тајно му даваат информации на противникот. Ако сакате да ги детектирате вистинските „глодачи“ кај нас, тоа може да го направите низ анализа на четирите главни мотиви за нивна регрутација, со акроним MICE (глувци): пари, идеологија, компромис и его. Инсајдерски закани за државите обично никнуваат од комбинација на MICE-факторите. Човек што знае кој е и што е, чиј идентитет е јасен, кој поседува зрела личност и е добро приспособен, ќе биде способен да го одбие искушението.

„Средствата“ не се личности, затоа се податливи на предавство. Моментот на предавство нема рационално оправдување. „Средството“ влегува во некаква дисоцијативна состојба, одвоена од надворешните околности, од последиците, убедено дека ќе задоволи некој личен порив, каков и да е тој, ќе го задоволи својот надворешен господар, ќе наплати и ќе се чувствува добро.
Во Македонија предавството е прашање на пари, не прашање на принципи. Барем тоа е јасно од однесувањето на „глодачите“. Колку пати во државава сме виделе „средства“ што се одвоени од реалноста и кои веруваат дека се некои што не се. Изгледа како никому во оваа држава да не му е грижа кои се луѓето-„средства“ на странските разузнавачки служби кај нас. Дури изгледа како да не се грижи премногу ниту разузнавачката заедница во Македонија за заканата што ја претставуваат тие за нашата држава, отворајќи ја дилемата за непостапување со нив според нивото на таа закана. Едноставно молк. Не знам зашто не сум изненаден. Што друго може да очекувате од разузнавачка заедница што за сиве години на независност на државата не успеа да се приспособи и реформира според новото време, која повеќе време потроши да ги заштити своите буџети измислувајќи нови оправдувања за нивното постоење, отколку во собирање разузнавачки информации и пресретнување и анулирање на безбедносните закани на државата. Навидум националниот напредок во разузнавањето е потрошен преку конфузни реформи, политичко ривалство, меѓусебни бирократски сомневања, меѓувладина конкуренција и страв од медиумите, а сето тоа зачинето со цртички на неспособност, идеолошка конфузија и политички обоена безбедносна незрелост. Изгледа затоа сиве години на независност Македонија не успева да ги детектира и види „глодачите“.

А можеби не сака, или не треба да ги види. Кој ќе го знае. Неодамна шефот на данската агенција за надворешно разузнавање бил уапсен поради наводно оддавање високодоверливи информации. Тоа се случува во Данска, во Македонија не гледам дека тоа ќе се случи во скоро време. Во Македонија ги добивме предавниците што ги заслужуваме. Затоа обрнете внимание околу вас. Ѕирнете во парите, потценетите или преценетите политички „гении“, во сервилноста на поединци што мислат дека сите други се недоветни и идиоти, и можеби ќе ги видите и препознаете „глодачите“ на Македонија. Ќе ја видите анатомијата на предавство за љубов кон други земји. На својата, секако, не.

Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски