Трошејќи ги човековите права за профит

Еден од најголемите удари за либерализмот доаѓа токму од неговите чеда -приватниот сектор и технолошкиот развој. Пролиферацијата на современите технологии, интернет на нештата и секако паметните телефони како информациско-комуникациски технологии без кои не се може, и нивното навлегување во секојдневието започнаа да создаваат негативни ефекти, кои сами по себе стануваат контрадикторни на либералниот концепт на управување и владеење.
Сметајќи го за вграден дел од промоцијата на слободниот свет, интернетот се претвори во вирус што сам по себе го нагризува либералниот свет и има ефект по слободното движење на стоки, луѓе, услуги и капитал. Според многумина, интензивирањето на глобализацијата, покрај другото, се должи и на промоцијата на либералниот и отворен свет заедно со технолошкиот развој и интернетот. Во тој дух, надежта за отворени општества, странските инвестиции, промоција на иновативноста и создавање пристојни работни места стана норма што на еден или друг начин се претвори не само во сон за просперитет туку и во наратив за политичките лидери низ светот, а особено кај нас.
Во таа насока, претпоставката дека интерпретацијата и уште повеќе примената на либерализмот во сите култури, за жал, не го дадоа истиот продукт како и во западните либерално-демократски држави. Или, попрецизно, како што Мартин Волф своевремено ќе напише за „Фајненшл тајмс“, за да може да успеат либерализмот и глобализацијата што тој ја форсира, потребни се добри и чесни држави.

Тука можеби и треба да се бара почетокот на спојот помеѓу ултралиберализмот и утопијата дека добрите држави ќе се однесуваат добро. Прво, не е јасно што значи добро. Второ, натпреварот на меѓународен план, па и на внатрешен план во секоја држава е константна борба за напредок и опстојување. Дури и под претпоставка дека сите навистина ќе бидат добри, егзистенцијалниот проблем со ограниченоста на ресурсите е проблем за самиот либерализам. Да не зборуваме за алчноста и несразмерната дистрибуција на ресурси што се „општо добро“ за човештвото и, според либералниот концепт на размислување, ни припаѓаат на сите. Или уште повеќе да не зборуваме за тоа дека ресурсите може да бидат и алатка за наметнување политики и, секако, извор на конфликти. Она што од низата контрадикторности што го надјавнаа либералниот свет е наш интерес, е како приватниот сектор од движечка сила на либерализмот стана сериозен проблем, кој наместо за државност е ориентиран на профит.
Проектот „Рејвн“ и инцидентот, кој го следеше овој проект од пред две години, како и низата други операции за кои ќе зборуваме во наредните колумни, се само дел од она што не го знаеме, а се покрива под лажната грижа за човековите права, и тоа од нивните апологети – владите од западниот свет, кои поради проблемите коишто и нив ги надјавнаа се под сериозен притисок да опстојат. Ако ресурсите се ограничени, во исто време злоупотребувајќи го интернетот, посакуваниот баланс што треба да го даде ветениот спокој е невозможен. Иако на оваа тема има доста да се зборува, причината поради која ја начнав темата е токму пресудата за овој проект во кој Западот, сепак, и покрај сите недостатоци, покажа зошто и по што се разликува од оние што за него се режим. Пресудата за проектот „Рејвн“, пак, од друга страна е значајна, бидејќи навестува дека државите како актери нема толку лесно да се откажат пред напливот на корпорациите, колку и да биде тоа проблем за ултралибералите. Цената што ќе ја платат демократијата и човековите права е, сепак, друга работа. Што, всушност, се случи и како на демократскиот свет му се заканува сериозно трошење на човековите права за сметка на профитот.

Проектот „Рејвн“ оригинално е наменет за борбата против тероризмот. Станува збор за проект што користи алатка-софтвер со која се овозможуваат хакирање и пенетрирање во информациско-комуникациски технологии на корисникот-цел на напад и собирање податоци-разузнавање. Поранешни припадници на разузнавачката служба на САД формираат своја компанија „СајберПоинт“ во Балтимор, која го развила ова сајбер-оружје, што на Владата на САД ѝ дала привилегирана можноста да изведува т.н. проактивни разузнавачки операции. Според истражувачката сторија на „Гардијан“ од 2019 година, а тоа го потврди и судскиот процес пред околу еден месец во САД, оваа алатка/оружје додека била во рацете на службите на САД била користена според постојните регулативи и во согласност со намерата – за таргетирање на терористите од ИСИС. Како дел од билатералната соработка, програмата за борба против глобалниот тероризам подразбира градење капацитети и други партнерски земји, меѓу кои биле и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Во согласност со либералниот и претприемачки концепт на функционирање, фирмата „СајберПоинт“ добила овластување од Стејт департментот дел од своите услуги (пенетрирање-хакирање на телекомуникациски уреди) да им пружа и на партнерските држави, меѓу кои и ОАЕ. Сето ова додека било реализирано под оваа рамка, во периодот од 2014 до 2015, не претставувало проблем. Проблемот настанува кога ОАЕ формира слична сурогат-фирма „Дарк Метр“. Оваа фирма, во согласност со либералната логика, најмува дел од поранешните вработени на „СајберПоинт“ и дополнително купува софтвер од американска компанија со име „Акувант“ (Accuvant). За оваа „Акувант“, пак, Дејвид Кушнер за магазинот „Ролинг стоун“ уште во 2013-та ќе напише дека е растечка ѕвезда.

Компанијата што работи ексклузивно за Владата на САД, сепак, има обврска да работи додека трае договорот. Потоа таа, според либералната логика, е фирма што трча на пазарот. Факт е дека постојат регулативи според кои за да може да го продава својот продукт, фирмата ќе мора да добие зелено светло од Владата на САД. Но прашањето е што ако фирмата не го стори тоа или, пак, што ако персонал од фирмата замине од фирмата и по истекот на сите легални договори и обврски започне своја приказна на пазарот на трудот.
За да ја скратиме приказната, она што Кушнер бомбастично го напиша во 2013-та, дека „дечките“ од фирмата се способни да произведат софтвер што може да хакне што било и каде било и не само да собере податоци туку и да ја наруши работата на серверите, стана јаве. Софтверот што вработените од „Акувант“ им го продале на ОАЕ за 1,3 милион долари е истиот софтвер што беше користен за хакирање на е-пораките на легендарно заштитениот и безбеден Ајфон – скандал што ја потресе јавноста во 2016 година. Накратко, софтверот успеал да искористи празнина во безбедносните кодови на Ајфон-пораките преку што оној што го користи овој софтвер може да се „докопа“ до податоците на корисникот. Спојувајќи ги овие две алатки и капацитетите на работната сила од западниот демократски свет, како и користејќи се со класични либерални претприемачки методи, Владата на ОАЕ почнува кампања не само против борците на ИСИС туку и против сите оние што работат против неа. Проблемот станува голем кога цел на нападите-хакирањето стануваат и државјани на САД.

Со тоа, да резимираме, во согласност со пазарната логика и алатки, и лица (кои се стекнале со вештина благодарение на Владата на САД, за целите на националната безбедноста) стануваат дел од арсеналот на (според параметрите на западниот свет) авторитативен режим што ги таргетира, покрај другото, и граѓаните на државата што ги произвела опремата и капацитетите. Кога оваа манипулација и злоупотреба на пазарните можности станаа јавно достапни, пред две години во САД беше започнат процес против нивни граѓани поранешни оперативци. Пресудата изречена минатиот месец го потврдува т.н. „глич“ во либерално-демократското владеење, кое допрва ќе создава главоболка и потреба од приспособување на практикувањето на демократијата, онаква каква што ја познаваме.
Помошник-директорот на ФБИ од сајбер-дивизијата, Брајан Ворндран, по однос на пресудата изјави дека ФБИ ќе нема милост ниту кон индивидуалци, но ниту кон компании што ги злоупотребуваат алатките во сајбер-светот спротивно на законите и интересите на САД. Додека ова се случува, она што е исто така интересно е дека иако корисниците на Ајфон можеа да здивнат, сметајќи дека се заштитени (бидејќи „апдејтот“-надградбата која Ајфон ја направи со БластДор во 2020 г., го изолира телефонот од е-пораките), тој комодитет траеше мошне кратко. Според истражувачката сторија на „Ситизен лаб“ од пред неколку дена, израелската компанија „НСО груп“ успеа да најде слабост во самиот БластДор, за што од Ајфон сé уште одбиваат да коментираат. И додека се случува сето ова, ерозијата на човековите права за сметка на профитот во име на и од либерално-демократскиот свет е тренд што најверојатно ќе нѐ загрижува уште долго, а убавите добри времиња на промоција на овие права и слободи најверојатно ќе бидат дел од историските читанки.

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.