Треба да зборуваме за Путин, што Западот не сфаќа или не сака да сфати за него

Една од руските шеги што имаат мошне цинична сатира е онаа за разговорот помеѓу Путин и Сталин. Приказната нормално прераскажана оди некако вака. Путин го прашува Сталин: „Зошто сѐ во Москва е толку очајно лошо?“. Сталин на ова му одговорил: „Ако сакаш да си го решиш проблемот убиј ги сите и бојадисај го Кремљ во сино“. „Хм“, подзастанал Путин, збунето и со поткренати раце го прашал Сталин: „Зошто пак баш сино?“. На ова Сталин се насмевнал и му договорил: „Таков те сакам, знаев дека ќе ме прашаш за бојата“.
Насловот делумно го позајмив од провокативниот наслов на Марк Галеоти и неговата книга за Путин. Ремек-дело за кое многу западни медиуми зборуваат во последниот период, а некои одат дотаму што го препорачуваат како прирачник за преговори што западните дипломати треба да го имаат кога би разговарале со него. Убавината со книгата на Галеоти е што во неа тој нуди перцепција за Путин надвор од западната матрица. Уште повеќе за мене книгата е супердобра оти има јасна линија во која укажува дека каква било аналогија со Студената војна е погрешна. Краен НЗС што би се рекло, барем, според мене, на книгата е што односите помеѓу Русија и Западот, според Галеоти, страдаат од тоа што во пристапот кон Русија Западот е роб на сопствените предрасуди и перцепции за Русија. Со други зборови, објаснувајќи ги проблемите што за демократијата ги генерира Путин, западните аналитичари ги вреднуваат либералните вредности и се обидуваат таквите анализи да ги стават како индикатори за моќта на Путин. Според нив, Русите се заробеници на Путин и тој авторитарно владее со Русија. За да не избегаме од суштината на дебатата ќе заклучиме дека од либерално-демократскиот аспект тие се во право. Ако навистина гледаме и мериме дали во Русија има практикување на власта како во западниот свет со циклус од избори и промена, каде што гласот на секој поединец се мери како единствен или индивидуален, каде што опозицијата е угнетена и каде што нема слободен медиумски простор, а корупцијата цвета, не би можеле, а да не се согласиме со овие анализа за автократската моќ што Путин ја има.

Сепак, ако ги тргнеме розовите очила и ставиме, да речеме, жолти, ние пак ќе ја гледаме истата соба (условно мислам на ситуацијата на Русија), ама резултатот ќе биде малку поинаков. Ова, да се разбереме, не е никакво релативизирање на состојбите во Русија ниту, пак, заземање страна. Напротив, ова е обид да ја поткрепам тезата за различните перцепции (или потврда на претходната колумна околу различните концепции) и придонес кон целата анализа за тоа што би се случило кога би се случило. Многу интересен пристап, кој, да бидам искрен, го побуди сатиричниот филм на Нетфликс, со Бред Пит, „Воена машина“, каде што Бред го глуми Мек Кристл – генералот што му пркосеше на Бајден (инаку сега успешен во сферата на лидерството – со својата Мек Кристл Груп). Накратко, филмот од 2017 г. на сатиричен начин се обидува да ги објасни промашувањата на американската политика во Авганистан, токму поради различните перцепции. Од сето она што можам да прочитам, мислам дека Западот ја прави истата циклична грешка. Алтернативата на ова е дека едноставно Западот е свесен за целата ситуација, но сега е времето кога мора да дејствува бидејќи подоцна може да биде предоцна.
Независно од сѐ, она што е битно за да се разбере проблемот е дека во реалноста Путин ја нема моќта на вистински диктатор. За да ја смени Владата потребни му се низа потези, кои вклучуваат значителен број лица. Дополнително, тој зависи и од олигарсите што ја хранат моќта и кои влијаат на сопствените вработени маси да гласаат за Путин. Пред да се насмеете на ова, сетете се дека ние, па и целиот Балкан, а богами и добар дел од Источна Европа, не сме далеку од истата шема на демократски инженеринг. Дури за да смени сѐ потребна му е моќ и за да ја убеди „лажната опозиција“, која тој ја контролира, да му го препушти тоа нему. Конечно, потребни му се и малцинствата, кои, пак, се најпроруски ориентирани и кои се присутни на сите банални и различни провладини демонстрации, па дури и новинарите што треба да го бодрат.

Некој би забележал дека тие лица се негови и поставени од него. Вистина, така е. Ама нели, па, и секој лидер го избира тимот, тој ги поставува луѓето околу себе. Забелешка би се нашло и на тоа дека овие во Русија можеби се исплашени. Фер перспектива, би рекол, ама сепак, проблемот е што и тие поради големината на Русија имаат акумулирано голема моќ. Можеби проблемот е во тоа што и тие како Путин имаат иста перцепција за, според нив, заканата што Западот ја пружа, па обединети му се лојални на Путин. Многу можеби во целата приказна, ама тука е и одговорот зошто односот кон Русија е сериозно комплексен.
Во секој случај кога мислев дека Галиоти е врвот, наидов на „Справувајќи се со Русите“ од Ендру Морган, кој многу слично како Галиоти тврди дека Западот има грешка во пристапот кон Русија, која може да биде кобна. За Морган, кој се фокусира не само на Путин туку на современата руска политика, најголемиот проблем е што Западот во пристапот треба да има двостепен приод, а тоа не се прави. Морган е со став дека Русија најпрвин треба да се интерпретира, а потоа да се реагира. За него, погрешно е да се смета дека Русија има агресивна намера. Напротив, тој тврди дека Русија само реагира на, според нив, заканата што ја демне од Запад. За него Русија дури не пружа ниту хибридна закана за Западот.
Како што Рупер Смит, британски стратег и ветеран од Босна, тврди дека кованицата хибридни закани не е ништо друго туку еуфемизам со кој Западот сака да етикетира конфликт што се води од амбиент надвор од оној што му одговара на Западот и во кој Западот, барем засега, губи. Сето ова е навистина супер. Ама има едно големо прашање, а тоа е што правиме со компетицијата. Да се разбереме за да нема дилема. Целата дебата е натпреварот за и околу други работи што живот значат. Контролата на капиталот и на пазарот, доминација во информацискиот спектар, контролата на енергетиката и на крајот на денот контрола за доминација на стилот на живот – или негово осигурување.

Во оваа битка натпревар, не дека не се важни перцепциите, ама се ирелевантни за самата битка. Нивното значење е за да се разбере исходот од тоа што би се случило ако би се случило. Во таа битка, барем засега, Путин не е мотивиран од пари, тој нема идеолошка посветеност, интервенциите во Грузија и во Украина, од руски агол беа прагматични и опортунистички. За него натпреварот со Западот веќе не е или нема да може да биде вин-вин одлична либерална кованица кога нештата се како што треба (на пример има доволно енергенти за сите, или додека вие сте долу и мизерувате ние од горе ќе зборуваме за зелен свет, климатски промени, односно за убавите нешта во космосот, а може и ќе поделиме понекоја лекција за демократија). Додека плејада автори се обидуваат да ја објаснат реакцијата на Путин како демонстрација на сила за замајување на населението од внатрешните проблеми, на еден или на друг начин (на пример преку инсталиран клиентелизам дали преку вработувања или задоволување на други секојдневни потреби) Русите му се сѐ полојални. Уште повеќе додека Западот сака да ги воведе најсериозните економски санкции против него, Русија, драги мои, е во мобилизација – да добро прочитавте. Уште повеќе, за Русија третата светска војна во сајбер-просторот е почната. За економијата и за сајбер-војувањето во колумните што следуваат.

Авторот е универзитетски професор,  придружен професор на Државниот 
универзитет во Аризона, САД.