Свесен сум целосно колку е опасно е да се говори за „народ“ како да е тоа монолитен и хомоген поим. „Народ“ е генерализација и апстракција од највисок вид. Како поимот „овошје“. Не можете да кажете дека овошјето има тркалезна форма, зашто во него, покрај јаболка, има и круши, ананас и банани. Така, и за еден народ не можете да кажете дека чини или не чини, дека е ваков или онаков
Уште овој и следниот вторник, драги мои, и ќе се разделиме од колумнава. Барем од овој серијал, со вакви содржини. За тоа има причини, кои сакам да ги споделам со вас.
Обично, по социјалните мрежи, кои се најголем народен медиумски сервис, народот кажува дека е разочаран од интелигенцијата. Или од некој нејзин дел. Се мајтапи со грамотни луѓе како со срамотни, ги мачка со кал, возејќи ги и покажувајќи ги пред електронската анонимна толпа, на карневалска двоколка за шутови и будали. Го поставувам прашањето: А што ако интелигенцијата се разочара од својот народ? Еднаш, од Македонците сè уште целосно непрепознаениот гениј Блаже Конески, испеа: „уште рика истата мака во мене / дека сум роден во смачкано племе“.
Ми требаше многу рационализација за соочување со резултатите од гласањето за промена на уставното име на Македонија и прифаќање на новата реалност, без разлика што јас и натаму лично мислам дека со преименувањето плативме превисока цена, за што и да е. И мислам дека сега треба сите и силно да се фокусираме на зачувување на она што преостана од културниот идентитет, на прво и последно место. Што може поединец наспроти одлуките на мнозинството, освен да ги прифати или да си замине? Народот реши така како што реши. Резултатите од референдумот се поразителни, од гледна точка на државотворноста на еден народ: на гласањето за клучното прашање на идентитетот излегле само 36 отсто, а од нив (цирка) 609.000 биле за, а 37.000 – против преименувањето (околу 6 отсто од излезените).
Можеме да бараме повторно алиби за народот, па да кажеме дека со неизлегувањето на тоа фамозно гласање тој јасно рекол „не“, ама не можеме да го поништиме фактот дека неизлегувањето на гласање (макар бил и бојкот, а се сомневам дека е) не е исто што и јасно заокружено „НЕ“ на гласачкото ливче. Така што, се ежам кога читам текстови од националромантичари што македонскиот народ постојано го ставаат во ПАСИВ: „му направија“, „ни направија“. Кај мене тој романтичарски „велтшмерц“ не проаѓа. Никој ништо не може да му направи на еден народ, ако тој самиот не дозволи. Сам си прави народот. Народ што знае што сака, просветен народ, не бојкотира гласање, особено не за име или за промена на власт. Напротив, едвај го чека. Освестен народ ги бојкотира власта и нејзините закони, а не можноста за нивна промена. Според таа логика, оние интелектуалци што упорно повторуваа „не“ сите месеци пред гласањето, воопшто и не требаше да излезат со свои колумни и ставови, како што не излегоа многумина на гласање. Требаше да молчат. Кој кого тука остави на цедило: таа интелигенција – народот или народот – таа интелигенција?
И кога говориме за заокружени политички периоди, неправедно правиме синегдоха (обвинуваме дел наместо целина): ВМРО направи ваква штета, СДСМ направи онаква штета. Во тие „црни“ резимеа на политичката историја никаде го нема главниот лик: народот. Зашто, ако сакаме да бидеме искрени: никој ништо не може да ни направи без народот. Народот, и „да е заведен“ или „измамен“, го верификува решението на секоја политичка групација. А за „заведеност“ и „измама“ никогаш не е виновен само заведувачот или измамникот. Од уличен шверцер на девизи, човек може да биде измамен поради НЕЗНАЕЊЕ, но и поради ИНТЕРЕС: оној што „не знае“ ќе биде измамен затоа што не препознава лажни банкноти, а лакомиот затоа што му поверувал на измамникот дека ќе му размени пари по поголем курс од банковниот. Не сакам ни да помислам што од овие две е во прашање со „измамениот“ македонски народ. Но ниту незнаењето ниту интересот се оправдување.
Свесен сум целосно колку е опасно е да се говори за „народ“ како да е тоа монолитен и хомоген поим. „Народ“ е генерализација и апстракција од највисок вид. Како поимот „овошје“. Не можете да кажете дека овошјето има тркалезна форма, зашто во него, покрај јаболка, има и круши, ананас и банани. Така и за еден народ не можете да кажете дека чини или не чини, дека е ваков или онаков. Размислувањето за народите на тој начин нужно води кон стереотипи: „Шкотите се скржавци“, „Германците се работливи“ (или „со голем пивски стомак“), „Црногорците се мрзливи“. Историјата, како учителка на животот, нè предупреди дека таквите стереотипи завршувале или со расна сегрегација и експлоатација (Црнците треба само да берат памук), или со идеи за геноцид: нацистичкиот антисемитизам е историски пример за тоа. Се разбира, колективна личност не постои. Но постои нешто што се вика „дух на народот“, од романтизмот наваму, и нема разумен човек што, иако е свесен за стереотипите, ќе го одрече тоа. Впрочем, во фолклорот е складиран духот на еден народ, и затоа националромантичарите од XIX век го ценеа и собираа. Во таа смисла говорам за народ и јас овде. И кога велам народ, не мислам само на земјоделци и работници. Мислам и на онаа интелигенција што не изразува никаков став, никогаш. Па, и не гласа.
Па, каков народ е македонскиот? Стереотипите велат: гостољубив, распеан, мирен, невоинствен. Мојот пријател Горан Стефановски имаше бравурозни интерпретации на тема „македонска гостољубивост“, секогаш кога ќе седневме на кафе. Не беше расположен да го штеди нашиот народ од критики, како нашите националромантичари, кои го идеализираат. Но, сепак, Горан знаеше дека писател што се отцепил од проблемите и суштината на својот народ – нема особена вредност. Па, велеше: Можеби зад „отворените порти“ на македонската куќа (надалеку прочуеното гостопримство) се крие обична сервилност, дури и пресметливост, смисла за извлекување ќар. Погрубо речено (и повторно генерализирано!): сме ги отворале портите и сме постилале килими како која војска поминувала овде. Сме биле гостољубиви поради страв, ама и поради нашата „пирејска“ способност (Петре М. Андреевски) да опстанеме, да се приспособиме, па дури и од најнеповолна ситуација – да извлечеме ќар (нека е ќарот и само опстанок). Направете сами паралела со нашата долгогодишна практика во надворешната политика да бидеме „прегостољубиви“.
Погледнете ги генерално (не одете во детали) држењето и мимиките на нашите политичари кога се домаќини некому што има боздоган во рака. Горан сакаше да го разбие (постмодерно речено – да го деконструира) стереотипот за нашата гостољубивост, и тоа го покажа целосно јасно дури и во своите МАКЕДОНОЉУБИВИ драми: кулминацијата на таа желба да се ќари нешто од гостопримството е антологиската (многу тажна) сцена, кога Стево во „Диво месо“ ѝ заповеда на мајката да пее народна песна пред гостинот Германец, кој му ветува блескава кариера на Запад. Германецот капиталист, имено, го интересираат примитивни племенски култури со богат фолклор, а Македонците се за него очигледно тоа. Но ако го разбиваме стереотипот за македонскиот народ како гостољубив и зад него откриваме дури и смисла за ќар, што уште може да лежи зад тој ќар, освен „пиреизмот“ и голиот опстанок? Да не можеби денес тој „пиреизам“ е заменет со нешто морално одвратно, како што е сеирџизмот, односно – гледањето сеир? За сеирџизмот следниот пат. (Продолжува)