Радикална колумна

Да се разбереме: радикалност не е екстремизам, туку зафаќање на проблемите од коренот, а не од врвот со козметички промени. Па да почнам со трагање по корените на „земјата на диктатите“. Колекцијата нанижани вета и моделирањата („месењата“ на аморфната маса во која нè престорија) по пат на диктати и спогодби (наречени компромиси, балкански чуда или мировни договори), најчесто напишани тајно, од туѓинци и на англиски јазик, ја направија независна Македонија алваџиски тефтер, „земја на пазарења“. Секому што ќе му текне, Владата брза да му ја исполни желбата, небаре е духот од Аладиновата ламба. Доволно е да ја протриеш/притиснеш и, оп – ултиматумот е прифатен со насмевка! За жал, ова што се случува денес е само кулминација на триесетгодишниот процес на разградување, кој почна со попуштањето пред првата уцена во 1992 година: првите два амандмана вметнати под принуда и промената на знамето ја отворија портата на безброј промени, кои наместо стабилни фундаменти и лик на младата демократија, станаа услови за уништување на државноста. Колку генерации пораснаа од онаа несреќна Лисабонска декларација (со која тогашната Европска заедница бараше да си одбереме име што нема да го содржи зборот „Македонија“) до последното бугарско вето и истовремената „казна“ од Атина затоа што премиерот навивал за „македонскиот фудбал“? (Тоа што тој се извинува за употребата на „македонски“ е друга приказна.) Но кругот е целосно затворен: од името до атрибутот „македонски“. Десковски би рекол: за навек! На почетокот, барем Глигоров имаше доволно храброст (и знаете што) за да им каже НЕ на оние во Лисабон. Денес таков маж нема. Повеќе калкулираат со тоа да бидат (барем потенцијални) премиери отколку да водат државничка политика (за што немаат ни капацитети). Фатени во фаталниот клинч на делфискиот Питон, Пендаровски доаѓа до „генијална идеја“: да сме се повикале на стратегискиот договор со Големиот брат, па да им покажеме на соседиве дека не смеат да ни удираат чврги. (Како во улична кавга: чекај само да го викнам брат ми/татко ми, вели секое намрсулавено дете.) Таква стратегиска кусогледост, да го викаш да те брани оној што ти ја запржил чорбата (со сите диктати) и кој со „извршна наредба“ ти вели да седиш мадро за да не носиш модро, тоа го има само кај ослепените потомци на Самуил!

Сè е положено на олтарот на меѓународното признавање и европската интеграција, но и повеќе од тоа! Дел од алваџискиот тефтер вклучува и налудничави етнички/внатрешни уцени. Малку се бугарскиот шовинизам, грчкиот национал-империјализам и Вавилонската блудница, која се прави на Тошо (не гледа зло, не слуша зло, не говори за злото), па тука е и оној со зелена униформа да создава нови државни симболи. „Џезерите“ и прогресивците не гледаат ништо лошо и во оваа епизода на градење нова нација; впрочем платени се да работат на „проектот“. Ништо не е невозможно за Зоќе, кој со употреба на западни и балкански методи ќе го отвори одново оној распартален устав, со внесување на бугарскиот и на хрватскиот народ, па ако треба и грчкиот, клингонскиот итн. – вселената е лимит! Ќе распишат конкурс за химна без зборови (за идните фудбалски репрезентации да „хмкаат“, а не да ја пеат химната како Марсељезата (која е „застарен симбол“ на една нација, како што тврдат надобудните), ќе стокмат уште едно новокомпонирано знаме (како она на БиХ и на Косово, зашто за волја на вистината овде веќе сонце и не грее), и ќе го редизајнираат грбот, па наместо планини и езера, ќе стават ако не сушен пипер, тогаш барем сушена марихуана – ем зелена, ем модерна, ем реална симболика на она на што е сведена Македонија.

Ми забележуваат дека не сум била доволно експлицитна и не сум нудела решенија. Но и да понудам, не само што ќе ме запалат на клада (симболички) туку дури и добронамерните патриоти ќе се исплашат и ќе почнат да се туфкаат дека тоа било „нереално“ и „немаме друга алтернатива“. Окована и задушена во диктати од првите амандмани, Привремената спогодба, Рамковниот, Мавровскиот, Мајскиот, Пржинскиот, Бугарскиот, Тиранската платформа (внесена во договор за коалицирање), Преспанскиот (и сè друго што веројатно и не го знаеме или што ќе следува во контекст на овој т.н. „меѓународен стејтбилдинг“), Македонија стана Маклантида (како што ја нарече еден мој брилијантен пријател). Тонењето на Маклантида, некои го врзуваат само со финалната фаза: Преспанскиот договор и неговата синергија со Бугарскиот. Тоа е кусогледо, бидејќи не ја гледа сета траекторија на бришење на народниот суверенитет и од АСНОМ и од 1991 година како константа! Отстапка по отстапка, дојдовме до стадиум во кој фактички имаме непишан устав (се разбира, без Magna Carta Libertatum, Habeas Corpus или Bill of Rights) – устав е она што ќе наложат однадвор или помоќните однатре. Уставите имаат функција да ја ограничуваат арбитрарната моќ на политиката, но нашиов е приватен и валкан тефтер на поединци што задоволуваат туѓи интереси на сметка на конститутивниот народ (демосот). Уставот е фасада за еманација на окупаторска и ненародна творба, во која народот се третира не само како поданик туку и како поробен, лишен од историски и национален субјективитет и од народна волја и суверенитет (право на општествен договор).

Барате решение (од мене)? Прво треба да си признаете дека вака повеќе не може. Ова е тивко одење на „туширање“ во вид на симултан етноцид и културоцид. Отпорот треба да почне однатре, со нов устав – и борба за него – заснован на еднаквост, слобода и братство (социјална правда). Со етнички стада и странски намесници не се гради ни држава ни демократија. Новиот устав мора да е наше дело, напишан на македонски јазик, во уставотворно собрание и потврден на референдум. Функцијата на Охридскиот договор никогаш и не мила мировна (повеќе примирје), но сега е веќе рак-рана надградена со неколку платформи, кои го разјадуваат општественото ткиво однатре. Спроведувањето на Преспанскиот договор треба да запре веднаш, што поради евидентното непочитување од грчка страна (вклучувајќи ги и навредувачките сообраќајни табли, кои покажуваат на „соседната земја“) и уште повеќе поради застојот во евроинтеграцискиот процес. Дури и одредби ја условуваат имплементацијата со фазите во европската интеграција и затворањето на поглавјата.

Напредок нема (и сите нормални аналитичари ќе ви кажат дека проширување нема да има во наредните десетина години), што значи – стоп! Со смена на власта и ќе го раскинеме, т.е. ќе ја ставиме Грција во положба да нè тужи пред Меѓународниот суд на правдата (па потоа нека се слика со добиената пресуда). На Софија треба да ѝ се најави раскинување на договорот, што е во согласност со неговите одредби (најава една година однапред), а историската комисија да се распушти. На ЕУ треба да ѝ се каже дека „топката“ (фашизмот, шовинизмот, национализмот, кршењето на меѓународното право и човековите права) е во нејзиниот двор, а дека „европски вредности“ смрдат на 30-тите години од минатиот век. Ем ти ставаат вето (Албанија е тука колатерална жртва) ем зборуваат колку ТИЕ биле понижени и изложени на потсмев поради неспособноста да дојдат до консензус!!! Утре и нов Хитлер да им се роди, тие ќе се вадат на европските правила. Личи ли ова на солидарност и почит на (македонскиот) народ? Само будала може да верува во такво нешто по доказите за „солидарноста“ со Грците (во 2015) до онаа со сиромашните, Ромите, мигрантите итн.

Царот е гол, па таман да е и стопати „европски“! Впрочем, Европа секогаш била повеќе метафора отколку бајковита стварност; таа останува симбол на (нео)колонијализам и ароганција, што Брисел умешно го прикрива со нов наратив што ја прикрива корпоративната и империјална суштина на Унијата. На НАТО нема што ни да му кажуваме: нема механизам да нè исфрлат од таму! Многу корист од нив нема, а штетата е голема – немаме за леб, а купуваме тенкови. Ќе бидеме среќни ако не станеме бојно поле.

Звучи прерадикално? Колегата од Правен факултет сега се смее цинично и вели: ајде пробајте, па ќе видите како ќе нè згазат моќните, како Мелијанците! Па, позгазени од ова можеме ли да бидеме (смачканото племе на Конески)? И тоа и од (домашна) чизма и тие на странските „миротворци“! Ајде што национално те ништат, туку и есенцијално/човечки те трујат – со мазут, депонии и увоз на смет; градежната мафија како чудовиште ги „јаде“ планините, реките, полињата; корупција што цвета и е неказнива; те држат дома како закрепостен селанец – без лични карти, без пасоши, без регистарски таблички, ама делат државјанства како ќе им текне, ќе дигитализирале нешто ама свидетелства за децата нема, плаќаме екоданоци за нивната неодговорна и отровна политика, вакцини чекаме од Господ да дојдат… Треба ли уште набројување? Се разбира, не ни е виновен светот „што нè мрази“ – ѝ се прди на Европа за нас, одамна порача бесмртниот Горан Стефановски. Ние сме само еден од народите на кои моќните им ја кршат силата и желбата за отпор. Проблемот е дома, во оние што се нарекуваат елита, а се обични мо*ковци што коленичат пред секој што е помоќен од нив, ама се безмилосни кон секој што е под нивната чизма (гледајте само како е земјичкава престорена во терен за масовна рација на сообраќајната полиција, која вредно зема арач за да го наполни буџетот). Но проблемот е и во народот што чека Месија (од интелектуалци и поединци бара волшебни решенија, без волја за масовна мобилизација). Е па, ни илинденците ни партизаните не чекале некој да ги спаси. Можеби оваа земја сè уште не можеме (и не смееме) да ја прогласиме за туѓа, ама оваа власт е не само ненародна туку е антимакедонска; таа е марионетска филијала за исполнување туѓи влажни соништа помогната од медиумите и невладиниот сектор, кој стана петта колона. Тука спаѓаат и сите оние што сакаат да бидат калиф наместо калифот. Решенија има, и тоа многу поедноставни од тоа што се мисли – затоа омразата и паниката кај „прогресивците“. Да го парафразирам државникот Никола Пашиќ, спас ни нема, ама нема да пропаднеме. Уште малку.