По првото бугарско вето

Мнозинството граѓани на Македонија со право се разочарани од ставеното прво вето за почеток на преговорите за членство на земјава во Европската Унија. Прво и сигурно, не единствено и последно. Лути се и фрустрирани од крајно непријатната постапка на политичкиот врв на Бугарија, кој лицемерно повторуваше дека двете земји на пријателски начин го отвораат патот кон заедничка иднина, потесна соработка и политичка блискост преку таа европска заедница на држави. Со нивниот став се доведе во прашање одржувањето на меѓувладината конференција, односно дефинитивната потврда дека Северна Македонија конечно се фаќа на орото што го вртат европските лидери, оро што не ќе можеше да го игра ако го носеше името Република Македонија. Друго име иста носија, друга гајда иста музика.
Колку што се разочарани од бугарската блокада, граѓаните толку се разочарани и незадоволни од македонските водечки политичари, од нивниот пристап кон односите со соседната држава, од нетранспарентноста, што се сфаќа како потценување на народот, како и од додворувачката, безмалку понижувачка позиција што ја заземаат кон бугарските барања. Многумина не го делат оптимизмот на македонските лидери, ниту го оправдуваат видливото попуштање пред ултиматумите што им се поставуваат и што напати не се осмелуваат македонските ставови да ги декларираат пред јавноста почисто, почесто и поцврсто.

Охрабрувачки исклучок направи само претседателот Пендаровски, кој дури вчера, во интервју за една австриска телевизија, конечно го изнесе својот појасен став за Договорот со Бугарија и бесмислените предлози на нејзината влада. Иако задоцнето уфрлен во нервозната игра, може да служи како ориентација и аргументација на македонските владини преговарачи, на тајните комисии, на незнајните ад хок групи и подгрупи, кои зад тешко затворени врати, далеку од очите на јавноста, ја кројат судбината на Македонија.
Се случи и последното европско разочарување, кое не е и прво. Се излити Македонија од разни неисполнети европски ветувања. Може да се состави една дебела книга со имиња и презимиња на претседатели на држави и на влади, на министри, на посредници и олеснувачи, медијатори, на разни конференции, форуми, аналитички центри и разни други формални и неформални организации што формално ја поддржуваа Македонија, ветуваа брзи одлуки, толку брзи што никогаш не стигнаа навреме. Тој лицемерен виртуелен воз се движи по криви колосеци од денот кога господинот Бадентер на европските високи бирократи им соопшти дека по распадот на Југославија, само Словенија и Македонија ги исполнуваат условите да бидат признаени како самостојни држави, до денот кога Бојко Борисов со компанија рече не, нека цркнат тие македонски браќа душмани.

Се сеќава ли веќе некој на Дитрих Геншер, Јошка Фишер, Џани де Микелис, Карл де Билд, Романо Проди, Оли Рен, министри и високи чиновници што ја имаа во рацете судбината на Македонија, која го носеше името „О, колку е убава вашата земја“? Тие и редица, долга редица други, секогаш застануваа на спротивната страна на македонската река, запирајќи го нејзиниот тек.
Оние што ги следат работите со поголем интерес, особено оние што земаат плата да ги следат, сигурно се потсетуваат дека истиот овој Совет на министри, во нешто изменет состав, во 2018 година заклучи и заклучокот јавно го соопшти дека штом Република Македонија го смени името во Северна, автоматски ќе ѝ се додели датум за почнување на преговорите за членство во ЕУ, мантра што беше издигната до небото. Името се смени, помина 2018-та, многу води протекоа по Вардар, но тоа не се случи. Она што се случи беше ново ветување завиткано во дипломатска обланда дека: „се отвора патот за старт на преговори со ЕУ во јуни 2019 година, но само ако се исполни целосно договорот за името, се спроведат итните реформски приоритети и се добие нов позитивен извештај од ЕК, како и одлука на Советот на ЕУ“. И пак во Загреб, при хрватското претседавање со Унијата се пееше истата песна: чекајте, кој чека ќе дочека. Истиот рефрен цели 16 години, од 2004-та, кога Македонија ги поднесе документите за можен прием и кога доби силни фалшиви фалби.

Истиот евергрин-хит го солираше и НАТО. И нивниот став беше дека Македонија ќе биде воено построена под нивното знаме само ден по смената на името. Тоа, нели, беше единствениот услов, кој не само што се растегна туку изроди уште низа услови, како зајаци да ги котеле. Но денес, колку и да се критикува НАТО, не може да се одрече неговиот ангажман. Притисна со цокулата, ги доби територијата и армијата и ги отвори вратите, го даде толку посакуваното „столче“. Задоцни, но стигна навреме за да не се посрамоти, како што сега се посрамотува Бугарија, а преку Бугарија целата Европска Унија. Ако НАТО може да ја користи Македонија, белки и Македонија може да го искористи НАТО, без да го злоупотреби, зашто секоја негова злоупотреба е опасна по живот, и на државата и на тие што ја водат.
Што подразбира овој не толку јасен контекст. Подразбира дека за прием во ЕУ македонските политичари треба да ги користат аргументите при приемот во НАТО. Надвор од воените, политичките услови за НАТО и за ЕУ се безмалку идентични. И во политичката програма на НАТО се бара владеење на демократијата, спроведување реформи, слобода на мисла и говор, стабилна политичка и безбедносна ситуација, добри меѓунационални односи, искоренување на криминалот и корупцијата. И, внимавајте, добри односи со соседите, немање сериозни спорови меѓу државите.

Можеби во тие рамки треба да се бара одговорот зошто ако Северна Македонија беше зрела под овие услови да биде примена во НАТО е незрела да почне разговори со ЕУ. Како средена држава, Република Македонија (како ФИРОМ) беше примена во Обединетите нации, во УНЕСКО, во сојузи од европски карактер, во сите светски трговски и финансиски институции, во спортски асоцијации. Ако не ги исполнуваше тие критеруми, секогаш ќе стоеше чекајќи пред затворена врата. Значи, тоа е иста цел, исто растојание, само треба да се изоди и погоди.
Овој пат лидерите на Бугарија сами си ја побараа бељата, користејќи ја македонската. Го возобновија, му дадоа нова енергија на македонското прашање, на македонизмот како непокорливо национално движење и на Македонија како суверена држава. Повторно македонското прашање стана европско прашање, иако политичките фактори тврдеа дека тоа е за навек решено, а во право излегоа оние што мислат дека секое негово отворање е кревање на капакот на Пандорината кутија. Не ќе да е вишок да се земе предвид мислењето на пронационалните пророци дека за да се реши тоа прашање се потребни онолку години колку што е тоа создавано. Претерано е, но во секое претерување има грам вистина.

Иако на прв поглед изгледа парадоксално но, со мала национална емоција може да се констатира дека Македонија во овој момент навистина е победена во спорот со Бугарија, но Бугарија е политички поразена, исход што секогаш ѝ се случувал на таа држава кога се обидувала територијата и народот да ги претстави како свој откинат дел, крвава, неизлечива рана на нејзината историја. Распослана Бугарија сега преку Македонија се најде во малиот чамец на големото европско море, повторно одработи против самата себе. Борисов и неговите главни гласноговорници Захариева и Каракачанов, колку што ја разбрануваа Македонија, не го поштедија ни европскиот естаблишмент, ја разнишаа структурата на Унијата, ѝ „удрија“ контра, особено на Германија. Дури и повеќемина бугарски интелектуалци јавно се огласија тврдејќи дека бугарската позиција е неразбирлива за светот и привлекува само прекор или потсмев.
Германија и Ангела Меркел никако не можат да бидат рамнодушни на случувањата меѓу Македонија и Бугарија, затоа што канцеларката е иницијаторка и главна, стратегиска покровителка за регулирање на односите меѓу двете држави. Ако на Германија целта ѝ е да го заврши успешно претседавањето со Унијата, овозможувајќи почеток на преговори со Македонија и со Албанија, таа, во случајов, доживеа извесно понижување, на што како држава не е навикната.

Можеби е прерано постапката на Борисов да се оценува како пукање во сопственото колено, но доколку е вистина дека се спротивставил на германските инсистирања за компромис, сѐ понеизвесна ќе биде неговата политичка судбина, дотолку повеќе што во март го чекаат избори. Знаците за такво нешто тој брзо ги препознава. За да се заштити себеси и власта, не е исклучено по засилен германски или друг западен притисок да покаже поголема желба за смирување на страстите во неговата држава и за постигнување компромис што не би задирал во внатрешните прашања на македонскиот народ и држава.
Примери за такви одмазди има повеќе. Во тој контекст можеби е поизвесна политичката иднина на Зоран Заев, иако и неговата може да виси на конец. Иако добива признанија надвор, самиот е свесен дека полека но сигурно ја дроби довербата дома, дури и кај своите гласачи и симпатизери. Неговата надеж, неговиот неуништлив оптимизам дека е можно да се најде некое волшебно стапче да се извлече од мрежата во која се заплетка може да наиде на оправдување само ако не попушти по прашањето за идентитетот, за јазикот и за некои делови од историјата, провокативно дефинирана како заедничка во Договорот за пријателство и соработка со Бугарија.

[email protected]