Петокрака на елките – лавот на македонскиот грб!

Властите во Брисел во 2012 година се откажаа од дамнешната традиција на централниот плоштад да стават жива елка, симболот на христијанскиот Божиќ, а администрацијата отворено кажа дека така постапила за да не ги навреди верските чувства на муслиманите. Така, божиќната елка беше истерана од градот во кој се седиштата на ЕУ и на НАТО.
Во Скопје, во 2021-та, украсувањето се реализира во текот на декември, во согласност со најавите и меморандумот и роковите, и нема да има никакви импликации врз буџетот на Град Скопје. Ќе бидат украсени плоштадот „Македонија“, централното градско подрачје, улицата Димитрија Чуповски и булеварот Илинден, и задолжителната новогодишна елка на плоштадот.
Во едно не многу дамнешно минато – во Скопје во 2014 година, традиционалната новогодишна елка на плоштадот со петокрака ѕвезда на врвот. Лавови во бронза под споменикот на Воинот и малку понастрана на мостот „Гоце Делчев“. Мирна празнична атмосфера и блага реминисценција на збиднувањата од времето кога златножолтиот двоопашест лав од земскиот македонски грб од 1620 година и ѕвездата петокрака водеа жестока битка за државниот грб во законодавниот дом и, поширокo, меѓу граѓанството.
Еве, да се потсетиме уште еднаш на таа епска тема, што силно одекна пред да биде донесен законот и малку потоа, кога мамурни, докрај не(о)свестени и без своја волја бевме жртва на мека масмедиумска тортура. За едните, обидот лавот да влезе во македонскиот грб значеше подготовка на нови заговори, скриени агенди против Македонија…, опасни заткулисни игри, почеток на антиквизација, вруток на нови алузии и митологии, а другите беа на становиштето дека петокраката е идеолошки симбол од стариот социјалистички поредок и го отежнува создавањето критичка самосвест кај граѓанството.
И додека народните избраници дебатираа и се препираа за владиниот предлог за дезидеологизација и симнување на црвената ѕвезда од државниот симбол, некои од партиите го подготвуваа теренот за собирање 10.000 потписи за враќање на земскиот грб од 1620 година, а хералдичарите укажуваа дека самото симнување на петокраката воопшто не го менува концептот на постојниот амблем – петокраката мора да падне. Петокраката падна.
Но дали со бришењето на петокраката се смени социјалистичкиот лик на сегашниот грб. Напротив, се доби уште полошо решение – сметаа хералдичарите.

Петокраката или ѕвездата не е идеолошки знак и неа не ја измислиле комунистите. Таа е симбол што датира уште од пред две илјади можеби и повеќе години, тоа го пишува и во Библијата, одекнуваше во колумните во печатот, во блогерајот. Кога тројцата пророци стигнале во Витлеем, на небото виделе ѕвезда како паѓа и, според нивното толкување, тоа било величествен знак на раѓање на Божјиот син, Исус Христос. Оттука, и во католичкиот и во православниот Божиќ, кога ги красат елките и кај едните и кај другите, на врвот се става ѕвезда со пет крака, и тоа црвена.
Безмалку апсурдна ситуација, во која јавноста беше дополнително збунета и вџашена и беше во безмалку драмска и епска дилема дали и како да се однесува и како без последици да се подметне како поткрепа политички лост, а во исто време да се вклопи во реалното патриотско самочувствие, како дел од објективната општествена заложба за решавање извесни родољубиви индигнации. Сето тоа во име на некои повисоки цели и некаква светла демократска и мултиетничка перспектива. И тогаш во жестоката дебата изникнува прашањето – од каде лавот во македонскиот земски грб. Дали е тоа некаква линија на помал отпор и, во стилот на извесни империјална симболи, дилема што треба да се расчисти што поскоро, за да нема недоразбирања и рационални хипотеки? Што претставува лавот како симбол и што, всушност, одразува?
Законот за симболите се донесе со двотретинско Бадентерово мнозинство, тоа значи за законот требаше да се изјаснат (се изјаснија) и пратениците од другите етнички заедници, при што шансите лавот да биде дел од македонскиот грб беа значително намалени. Политичките преставници на Албанците отворено се изјаснуваа дека не го сакаат лавот.
Инаку, лавот е универзален симбол и, според хералдичарите, тој е поброен во грбовите на албанските семејства отколку двоглавиот орел.

Тоа беше уште еден бочен удар врз достоинство на граѓанинот во збрката на дневнополитички и етнички дилеми и препирки. Но и уште едно погрешно сфаќање и толкување за меката природа на Македонецот, комичен обид да се испровоцира и испреврти логиката и неговата пословична трпеливост и мудрост и сето тоа да се претстави како немање сопствен став кон реалитетите итн.
Законот беше донесен, но остана неодговорено прашањето од каде лавот во македонскиот земски грб од 1620-та, како и во голем број албански фамилијарни грбови.
Според едно кажување на мој близок постар соработник во филмската дејност, родум галичанец (денес покоен), во она време, значи 15-16 век, на Бистра, Кораб и пошироко на планините во овој дел на Балканот имало многу овци, овчарството било дејност број еден. Но кај што има многу овци има и глутници волци. Овчарските кучиња, помалобројни и несоодветно обучени за ваквиот овчарски бум на Балканот, не успеваат да се справат со грабливите волци. Пословичната мудрост на галичаните, а се разбира и на голем број семејства во Албанија и низ Балканот го решаваат проблемот на еден многу практичен и оригинален начин. Преку Мала Азија, од Индија увезуваат стотици лавови. На тој начин е воспоставена своевидна еволуциска рамковна рамнотежа меѓу видовите и е воспоставено примирје, кое трае сѐ до бурниот дваесетти век.
Наизглед шармантна козерија на мојот горд соработник галичанец и уште едно толкување одговор и решавање на дилемите за ѕвездите – петокраките, лавовите и орлите на ридестиот Балкан.